Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање до претседателот на Собранието за свикување на седница на Комисијата за прашања и изборите и именувањата, поради застојот во изборот на уште четворица уставни судии.
Барањето е поднесено од седум од вкупно 13 членови на Комисијата, а е испратено до претседателот на Собранието, поради тоа што досегашниот претседател на Комисијата беше избран за градоначалник на локалните избори во октомври и оттогаш работата на оваа Комисија е закочена.
-Бидејќи владејачкото мнозинство постојано ја обвинува опозицијата за блокада на работата на Собранието, а од друга страна повеќе месеци не назначува нов претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ние согласно членот 120 став 2 од Деловникот, ја преземаме оваа иницијатива со цел откочување и продолжување со работа на оваа Комисија.
Ова е шансата на власта да покаже дали има искрена намера за откочување на работата на оваа Комисија или само напразно ја обвинува опозицијата. Како одговорни пратеници, водејќи се од итноста, потребата и барањето од Уставниот суд на Република Македонија, ние предлагаме да се свика седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата веднаш и уште во текот на утрешниот ден да се одржи седницата и да се изберат уставните судии на Уставниот суд на Република Македонија, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Никола Мицевски.
Уставниот суд веќе подолг период функционира само со петмина, од вкупно девет судии.