Македонија е завиена во црно бидејќи Зоран Заев, донесе срамна и незаконска одлука со која се брише името на државата, се менуваат идентитетот, јазикот, културата и историјата. СДСМ и Заев насилнички по пат на уцени, закани и пазарења ја погазија волјата на граѓаните и го променија името на Република Македонија, иако македонскиот народ јасно на референдум порача дека е против промената на името и договорот, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение испратено утринава до медиумите.
Од партијата бараат предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со претседателските, на кои веруваат дека СДСМ ќе биде поразена.
„Аболицираниот криминалец Зоран Заев без ронка срам предвреме ја преименува сопствената татковина, иако договорот се уште не е стапен на сила. Заев кој се колнеше во своите предци и сопствените деца дека нема да го менува името на Република Македонија, сега прославува и се гордее што го променил името и идентитетот на сопствената земја. Ќе остане запишано дека 81 пратеник спротивно на волјата на граѓаните, противуставно, противзаконски на нелегален и на криминален начин го променија името и идентитетот на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ќе стори се што е во негова моќ неправдата која Заев и СДСМ и ја нанесоа на државата да биде исправена. Затоа потребно е СДСМ и Заев веднаш да си заминат“, додаваат од таму.