ВМРО-ДПМНЕ: 40 илјади ученици немаат компјутери, а Царовска ќе ги укинува печатените учебници

by Fokus

Револтот кон новата концепција за реформи во основното образование достигнува кулминација со најавата за укинување на печатените учебници и нивна замена со дигитални за учениците од четврто до деветто одделение, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека Министерството за образование досега требаше да обезбеди електронски уреди за сите ученици.

-Она што е спорно е зошто се укинуваат печатените учебници кога огромен број ученици, според министерката околу 25 000, а според други проценки околу 40 000, не можат да си дозволат дигитални учебници, затоа што немаат дигитални уреди или немаат струја и не можат во догледно време ни да ги имаат, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на изјава на претседателот на Средношколската унија, обвинуваат дека покрај три полугодија со онлајн-настава, огромен број од нив се дигитално неписмени, затоа што немаат уреди за следење на наставата.

-Сепак, вистината за инсистирање на дигитални учебници дојде од изјавата на поранешната заменик-министерка, а сегашна директорка на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска. Таа изјави дека дигиталните учебници се поевтини и дека во нив по потреба поевтино може да се прават корекции. Откако Царовска се пофали дека новите учебници треба да поминат многубројни контроли и ревизии, прашуваме какви тоа корекции ќе треба да се прават и за чии потреби?, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дали во буџетот на МОН има предвидено средства за новата концепција, на што ќе се трошат парите од заемот во вредност од 21,5 милиони евра и дали државата е пред банкрот, па штеди на учебници и на учениците им нуди фотокопии, прашуваат од опозициската партија.

 

Поврзани новости