Љубовната-крими драма која денес се случила во Општина Карпош, кога вработен во општината нападна со нож сопруг на вработена во општината, заврши со прекин на договорите за работа на двајцата, односно на вработениот напаѓач и на жената, исто така вработена во општината.
Според МВР, денес во 11:30 часот било пријавено дека по претходна расправија С.А.(34) со остар предмет му нанел повреда на В.К.(37) двајцата од Скопје.
Повредениот бил пренесен во Градската општа болница ,,8-ми Септември“ за укажување на лекарска помош. Од страна на полициски службеници од СВР Скопје излезено било на местото на настанот и се работи на расчистување на случајот.
Веднаш по објавата на веста, во јавноста се појавија шпекулации дека станува збор за советници во Општина Карпош, најверојатно поради совпаѓање на иницијалите.
Сепак, градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, за ,,Фокус” вели дека станува збор за дезинформации и напразно ,,се земаат во уста” советниците, кои не поради своја вина се најдоа во центарот на вниманието.
-Станува збор за лица времено вработени во општинската администрација, не се советници. Вработената е во одделение за поддршка на Советот, па можеби затоа некој помислил дека се работи за советници од општината – раскажува градоначалникот.
Додава дека и на двајцата вработени, вклучени во настанот, веднаш им се прекинати договорите.
-Понатаму, полицијата нека си преземе- ни изјави Богоев, кој моментално е на годишен одмор.
Вики Клинчарова