На денешното судење за случајот ,,Лотарија”, во кој меѓу обвинетите се и поранешниот вицепремиер Артан Груби и екс директорот на Лотарија, Перпарим Бајрами, сведочеше Александар Андонов, директор на Сектор за спречување перење пари и финансирање на тероризам во Државна Лотарија.
Тој на прашање на обвинителството одговори дека во Лотарија работи од 2017 година, а по професија е правник. Одговори и дека бил член на Комисијата за спроведување на постапката за набавка на ВЛТ терминалите.
– Учествував во постапката за набавката на ВЛТ терминалите во својство на член на Комисијата, која имаше уште пет други членови. Овие шест члена беа поделени во две комисии. Едната ги проверува доставените документи, а другата беше техничка комисија, која проверуваше дали терминалите ги исполнуваат техничките услови утврдени во спецификацијата, појаснуваше сведокот.
Откако детално ја образложи постапката за јавна набавка, тој истакна дека кога ја закачиле документацијата на Бирото за јавни набавки, поради високата сума, Бирото за јавни набавки спровело управна контрола.
-Бевме соочени со управна контрола од Бирото за јавни набавки. Како надзорен орган на јавните набавки во државта, во конкретната управна контрола, имаше за цел да направи проверка на усогласеноста на јавната набавка со одредбите од Законот за јавни набавки. Односно дали истата беше спроведена во согласност со јавни набавки. По завршување на контролата добивме записник, а потоа беше спроведена реализацијата на ВЛТ терминалите, рече сведокот.
На прашањето, дали му е познато што се случувало со овие ВЛТ терминали, односно дали истите биле ставени во употреба за потребите на Лотарија, сведокот рече:
-Да, познато ми е што се случи со овие ВЛТ терминали. Тие никогаш не беа ставени во употреба за потребите на Државна лотарија. Од страна на надлежниот сектор беа доставувани барања до УЈП и до Министерството за финансии, меѓутоа имајќи предвид дека апаратите се наоѓаат во магацините на Државна лотарија, и не се ставени во употреба, не можам да кажам во кој дел сме добиле позитивни или негативни решенија за пуштање во употреба, рече сведокот.
Обвинителот го праша сведокот и дали знае од кои причини не биле ставени во употреба терминалите?
-Имајќи во предвид дека од Државна лотарија доставивме барање за пуштање во употреба, а решенијата се носат од надлежните институции, па од тие причини не можам да кажам зошто не биле ставени во употреба, рече сведокот.
Груби го праша сведокот дали знаел дека финансискиот план, 4 месеци пред да се донесе одлуката, веќе бил разгледан на Владина седница, кога претседавал министерот Фатмир Битиќи.
-Не можам да се согласам со вас кога била оддржана седницата, ниту пак знам кој преседавал и кои биле во тој состав. Процедурално, ние преку тој систам е-влада го доставуваме финансискиот план за разгледување, а потоа како е уредено во Владата не знам, одговори сведокот.
Покрај Груби и поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, на кој му се суди во отсуство, во случајот обвинети се и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
Обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, се однесува на дејства преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државната лотарија“ во износ од 9,7 милиони евра. Во обвинението е опфатено незаконското самостојно приредување игри на среќа преку видеолотариски (ВЛТ) терминали. Според обвинителството, обвинетите биле свесни дека АД „Државна лотарија“ немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа на ВЛТ терминали. Ова ексклузивно право уште во 2013 година било вложено како непаричен влог (проценет на над 6,2 милиони евра) при основањето на заедничкото друштво „Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА“, каде Лотарија има 51% удел.
И покрај тоа што правото веќе било пренесено, во мај 2023 година тогашното раководство доставило информации до Владата за започнување активности за самостојна набавка на апарати (покер апарати/ВЛТ терминали) за Лотаријата.
Во овој случај, за време на истрагата, првичното дело „Проневера“ за кое се гонеа обвинетите и за кое се запретени високи затворски казни, беше преквалификувано во „Злоупотреба на службената положба“, бидејќи истрагата не обезбедила доволно докази за проневера. За ова дело е предвидена казна од една до пет години затвор.
Валентина Вурмо