Кај тројца вработени од Исламската Верска Заедница изутринава реагирала Брза Помош, при што им била укажана медицинска помош, откако веќе втор ден седат затворени во просториите на ИВЗ, а надвор се под опсада на 40 луѓе кои сакаат да го преземат седиштето, информираат за „Фокус“ внатрешни извори. На дел од нив, здравственаата состојба им се влошила, од како што велат стресот што го доживеале во последните 24 часа.
– Се соочивме со здравствени проблеми од физичкиот и психичкиот стрес што го доживеавме вчера. Мене притисокот ми беше 200. Ова не се издржува. На другитре двајца вработени, исто така состојбата им беше влошена и мораше да интервенира Брза Помош. Седиштето е се уште под опсада, а надвор во дворот има околу 40 луѓе – тврдат дел од вработените таму.
Целата ситуација вчера настана, откако беше нападнато седиштето на ИВЗ од 50-тина вооружени лица, за кои се претпоставува дека се роднини на поранешниот секретар на ИВЗ, Африм Тахири и сега разрешениот скопски муфтија, Ибраим Шабани. Напаѓачите ги одзеле печатите на организацијата, а Тахири се самопрогласи за Реис.
Тие го обвинија раководството на ИВЗ на чело со Сулејман Реџепи дека го урнало правниот систем, уставот и другите нормативни акти на заедницата и таквото однесување не можело да се толерира,
– По овој хаос и последниот инцидент создаден од реисот Реџепи, по кој следеле неуставни одлуки спротивно на сите норми, Муфтиството на ИВЗ – Скопје даде рок од 48 часа за подобрување на состојбата, но Сулејман Реџепи не даде извинување за навредите кон сопругите на имамите. Имајќи го предвид сето ова, ИВЗ од денеска ќе биде раководена од привремено раководство водено од скопскиот муфтија Ибрахим Шабани – рече Ибраим Шабани.