Тешко може да се контролира нагонот на населението за константно барање подобар живот што сам по себе потикнува миграции. Но географската диверзификација на Технолошко индустриските развојни зони е еден од дефинитивно најдобрите и најдокажаните начини кој може да ги спаси од изумирање нашите помали населени места, а со тоа и целата држава. Значајниот раст на просечната плата во зоните и се поголемата потреба од висококвалификувани кадар дополнително ветува една подобра реалност и менување на сликата за странските и домашните големи инвестиции која ја имаме од минатото.
Пишува: Дејан Азески
Кога зборуваме за миграции, најчесто мислиме на оние према странство (обично западно европските држави и САД) притоа заборавајќи дека кај нас во последните пет шест децении најмногу е застапена миграцијата од внатрешноста кон главниот град. Ниту едните, ниту другите миграции на никаков начин не се корисни за државата, економијата и генерално општеството, а знаат да бидат доста штетни.
Современите демократски држави немаат право директно да ги ограничуваат луѓето каде ќе живеат и затоа тоа се обидуваат да го постигнат преку посуптилни начини. Еден од овие начини е и географската диверзификација на индустријата на која, иако работиме уште од времето на Југославија (кога се заговарало скопската железара да се гради во Кичево) се уште не е постигната.
КОИ СЕ ГРАДОВИ И РЕГИОНИ СЕ ЗАСЕГНАТИ?
Сепак, ако се гледа по мапата на поставеност на технолошко индустриските развојни зони кои малтене регионално ја покриваат картата на целата наша држава може да се констатира дека тие на долг рок нудат можности, не само за забавување на миграциите, туку и за нивно вртење во обратна насока, односно враќање на луѓето од Скопје и странство кон своите матични градови каде што се уште имаат најголем капитал, круг на пријатели, роднини, развиен социјален живот и сл..
Искуствата од зоните во Битола, а особено оние во Кавадарци покажуваат дека не само што можат да ја апсорбираат скоро целата достапна работна сила од еден град, туку и да придонесат во доселување или барем дневни миграции кон тој исти град. Познато е дека конкретно во Кавадарци работници организирано доаѓаа дури од општина Лозово.
Друг позитивен интересен пример е зоната во близина на Охридскиот аеродром, која заедно со некои други странски инвестиции ја апсорбира сета сезонска работна сила во Охрид и Охридско што ги примора угостителите да увезуваат работници од територијата на целата наша држава.
За да се пресмета целиот потенцијал на зоните треба да се знае дека од 14 вакви парцели кои постојат на територијата на нашата држава, повеќе од половина не се активни или се само делумно активни. Па така во зоните во Ранковце, Делчево, Радовиш се уште нема ниту една фабрика, а во зоната во Струмица има само една.
Со оглед на фактот, дека и на овие парцели се нудат истите поволни можности, како и во релативното пополнетите зони во Скопје, Штип и Битола не е за изненадување ако во иднина добиеме и нови фабрики токму на овие локации и покрај фактот што во овие конкретни места работната сила е веќе иселена.
ВО ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ СЕ МЕНУВА И СТРУКТУРАТА НА ЛУЃЕ КОИ РАБОТАТ ВО ЗОНИТЕ
Масовното привлекување на странски инвестиции со помош на државни стимулации во минатото беше доста оспоруван процес. Како прво поради минималниот ефект во буџетот на државата, а како второ поради навистина ниските плати.
Но, со промена на условите на теренот, а пред се со промена на пристапот на нашата држава платите во зоните не само што статистички избегаа од минимумот, туку за брзо време го преминаа и просекот. Ова само по себе почна масовно да привлекува лица и од средната класа својата кариера да ја продолжат во една од повеќето инвестиции во зоните.
Дополнително технолошкиот напредок на овие фабрики и генерално подобрувањето на структурата на истите почна да изискува поголем број на висококвалификувани стручни кадри особено од техничките науки, што после многу децении ги врати во игра и стручните училишта кои кај нас скоро и да беа изумрени. На таков начин зоните не само географски, туку и образовно почнаа да влијаат врз диверзификација на состојбите на територијата на целата држава.
Генерално гледано работите се далеку од идеални бидејќи се уште има голем простор за напредок во овие области но ако се земат геополитичките процеси (кои за нашите зони одат во прилог) и ако се земе во предвид фактот дека нашата држава е веќе докажана дестинација за привлекување странски инвестиции не треба да бидеме изненадени ако овој процес и дополнително се омасови. Факт кој би имал позитивен домино ефект на сите погоре споменати области.