Поддржувач на Путин формираше бугарско здружение кое промовира Албанци со бугарска самосвест

За разлика од сите останати здруженија на Бугари во Македонија, „Шемето“ прв пат спомнува и Албанци со бугарска самосвест.

by fokus

Се појави уште едно здружение на Бугарите во Македонија, овојпат во Гостивар. Станува збор за здружението со име Здружение на Бугарите во Македонија „Шемето“ кое функционира и на територија на Прилеп и Струга.

Основач и копретседател на здружението е Живко Чакракчиев, бугарски државјанин со интересна биографија. Тој бил дел од бугарските воени служби и две години служел во воздухопловството на Бугарија. Роден на 7 февруари 1959 година во градот Хасково, а дипломирал на Офицерско училиште во Долна Митрополија со профилот „Штабен офицер во воздухопловството“.

Чакракчиев во Македонија стана актуелен пред две години кога организираше студентски протести во Берлин, Париз и Брисел против дискриминацијата на Бугарите во Македонија и себеси се именуваше како претставник на младите.

Како претставници на младите и патриотите сакаме да се знае дека не нѐ интересира што се случило во историјата. Тоа е многу важно, но ако почнеме да се расправаме за тоа, нема да постигнеме ништо. РСМ еден ден треба да стане членка на ЕУ, но нека биде тоа на европски начин. Секој што не се согласува со слободното постоење на Бугарите, треба да разбере дека на тој начин не може, изјави тогаш Чакракчиев.

Од неговите профили на социјалните мрежи може да се забележи дека тој е приврзаник и поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин и често споделува содржини кои се против Западот и Америка. Во неговата биографија стои и дека зборува Руски јазик.

Чакракчиев споделил фан група на Путин на својот Фејсбук профил

Покрај Чакракчиев, копретседател на здружението е и Беким Кадриевски од Струга. Тој пред неколку денови се закани со кривична пријава откако на социјалните мрежи и во одредени онлајн медиуми беше објавен основачкиот акт на здружението.

Тој обвини дека Централниот регистар на Македонија на медиумите незаконски им го доставил основачкиот акт во кој има и лични податоци на основачите и порача дека за ова ќе се жалат и во Судот за човекови права во Стразбур.

Но, со една мала проверка на Твитер профилот на здружението, може да се види дека тие самите го имаат објавено основачкиот акт  уште во октомври, без притоа да ги покријат адресите на основачите.

Објавата на основачкиот акт од страна на здружението. „Фокус“ ги покри адресите со цел заштита на личните податоци

Основачкиот акт исто така е објавен и на веб-страницата на здружението, повторно без заштита на личните податоци на основачите.

Според мисијата на здржението, „Шемето“ е регистрирана невладина организација чија цел е заштита на правата и достоинството на бугарската заедница во Република Северна Македонија. Името пак, „Шемето“, е според едно од маалата во село Влахи во Пиринска Македонија од каде потекнува револуционерот Јане Сандански.

За разлика од сите останати здруженија на Бугари во Македонија, „Шемето“ прв пат спомнува и Албанци со бугарска самосвест.

-Помеѓу 21 и 29 Октомври 2022 година се одржаа средби со идните членови на здружението, вклучително и со Албанци со бугарска самосвест, стои на веб-страницата на здружението.

Една од последните активности на здружението е посетата на гробот на Гоце Делчев на 4 февруари, а во декември на гости кај копретседателот Кадриевски бил е бугарскиот амабсадор Ангел Ангелов.

К.С.Б.

 

 

 

Поврзани новости