Легендарниот Влатко Стефановски вечер ќе го одржи својот трет концерт во Македонска Филхармонија поради преголемиот интерес на публиката, откако на 17 и 18 март успеа да ја наполни големата сала.
На оваа концертна трилогија тој го претставува својот 33 албум, насловен ,,Мајчин јазик’’, негов прв акустичен албум, кој се здоби со позитивни критики од музичките критичари и медиуми ширум Балканот.
За ,,Фокус’’ раскажува дека е преполн со убави впечатоци, а истовремено и трогнат од почитта која што му била укажана од домашната публика.
-Приемот на концертите од публиката е над очекувањата! Искрено, не очекував ваква еуфорична реакција, и мислам дека ова е време кога сите коцки се наместија. Амбиентот, преубавата сала, се се вклопи. Драго ми е што нашата публика се сети на мене и ме испочитува, што си разменивме една голема взаемна благодарност. Убав знак е кога се почитуваме дома. Тоа значи дека полека започнал да се топи мразот, и топло ми е околу срцето – вели музичарот.
Тој додава дека во публиката за време на првите два концерти бил и неговиот син Јан, кој веќе станал негов најголем критичар.
-За време на првите два концерти Јан беше во публиката и тоа многу ми значи. Вечерва нема да биде присутен, бидејќи заминува на екскурзија. Ќерка ми Ана не присуствуваше бидејќи е во Америка. Со гордост можам да кажам дека Јан ме знае најдобро, и веќе ми укажува на грешките, тој е мој искрен критичар, но и најголема поддршка – раскажува Стефановски.
По концертите во Скопје најавува збиена агенда, многу настапи и патувања.
-Во Скопје на некој начин започна мојата турнеја, со претставувањето на албумот. Наскоро заминувам во Бугарија, Србија, Австрија… Македонската публика нема да чека долг период за повторно да ме слушне. Во план ми е турнеја низ повеќе наши градови. Според тоа како започна целиот проект, со одличниот прием во Скопје, се надевам дека истиот тек ќе го има насекаде каде што ќе настапам – ни изјави виртуозот.
Специјални гости на неговите концерти во Скопје се балканската етно дива Биља Крстиќ, оперската дива Весна Гиновска Илкова и членовите на групата Љубојна, Вера Милошевска и Оливер Јосифовски.
Вики Клинчарова