Властите потфрлија иако имале информации за дестабилизација, реагира Левица

by Фокус

Властите имаа цели 5 месеца да ја превенираат најавуваната од Мицкоски дестабилизација, а тотално потфрлија. Крајно скандалозни се изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и неспособниот министер за внатрешни работи, Панче Тошкоски, коишто при вчерашниот тотален хаос, беззаконие и безредие при прославата на албанското знаме, упатија честитки и задоволство од наводното професионално, соодветно, навремено и државничко постапување на Полицијата, реагира Левица.

Од опозициската партија посочуваат дека денешните изјави на Тошковски и Мицкоски дека при синоќешните нереди полицијата „постапила професионално, соодветно, навремено и државнички“, се врв на цинизмот и навреда за македонскиот народ.

„Како може да се нарече „професионално“ тоа што полицијата не презеде никаква акција додека вооружени лица во центарот на градот пукаа со огнени оружја?! Како може да биде „државнички“ кога полицијата немо стоеше додека македонските национални симболи беа газени, палени, понижувани, демонстративно уништувани?! Омраза се ширеше неконтролирано, без никакви обиди за спречување на ескалацијата.

Вчера, низ улиците на македонските градови, македонските граѓани беа оставени сами на себе – загрозена им беше безбедноста, се блокираа улици, се промовираше насилство и омраза. Факт е дека Полицијата раководена од Тошковски, на вчерашните настани беше само декор и одби да постапи согласно своите должности и надлежности за превенција и зачувување на јавниот ред и мир. За да биде иронијата поголема, Панче чекал снимки од граѓани за да знае каде да праќа полиција“, велат од Левица на Димитар Апасиев.

Поврзани новости