Промената на законот за влада треба да биде усогласена со сите четири најголеми партии во Собранието, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, откако ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Влада со цел да се избришат одредбите пред избори да се формира преодна, односно т.н. пржинска влада.
-За тоа ќе имало доволно време бидејќи следните парламентарни избори ќе се одржат во 2024 година. Сите знаеме дека предвреме ни парламентарни избори нема да има, ќе има редовни, во 2024 година и има време четирите најголеми политички парии да дискутираат и да имаат консензус во врска со техничката влада – рече Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ.
И Арбер Адеми од ДУИ истакна дека ваква промена треба да се направи со консензус од најголемите партии во Парламентот. Според него, добро е да има консензус имајќи ја предвид воспоставената пракса за донесување на вакви значајни законски решенија.
-И овој закон, кој се изменува и дополнува е донесен и предложен со консензус. Треба да се следи таа пракса и ако има договор помеѓу ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката влада, имајќи предвид дека не е логично земја која е членка на НАТО и аспирант за почеток на преговори со ЕУ да има техничка влада за спроведување на избори поради немање на доверба во институциите – вели Адеми.
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата понесоа законски измени за бришење на Пржинска влада