Недобивањето на датум за преговори со Европската унија нема по автоматизам да предизвика брзи предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што брифираат партиски извори за Фокус, владејачките партии што го контролираат парламентарното мнозинство на чело со СДСМ се против ваквата опција.
-Динамиката на процесот на интеграција и одлуката за датум за преговори нема автоматски да предизвикаат брзи предвремени парламентарни избори – вели висок партиски функционер на СДСМ, кој додава дека промоцијата на новиот партиски слоган „На прав пат“ и честите партиски трибини се редовни партиски активности.
Иако партискиот лидер Зоран Заев од Брисел порача дека уште едно одложување на одлуката за датум за преговори го доведува во прашање парламентарното мнозинство, сепак, од неговата партија стојат на ставот дека единствен прифатлив тајминг за предвремени парламентарни избори е есента 2020 година.
Наспроти тоа, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека недобивањето на датум за преговори е потврда за погрешните политики на владата, што, според нив, само треба да го засили барањето за предвремени парламентарни избори на пролет.
-За нас е неприфатлива варијанта да се оддржат предвремени избори наесен, бидејќи во таква ситуација пржинската влада во која би влегле наши луѓе заради контролната функција врз изборниот процес би функционирала во летниот период, кога речиси целата политичка активност е замрена – велат соговорници од ДПМНЕ.
Во меѓувреме, се појавија информации дека при неуспех во Брисел можна е оставка на Заев, меѓутоа упатените посочуваат оти евентуалната оставка на премиерот би била поврзана со изборите, со оглед дека пржинските правила го обврзуваат да се повлече од функцијата пред изборите.
Инаку, и од албанската опозиција предводена од Алијансата за Албанците и БЕСА бараат избори што поскоро, но се уште најголемата албанска партија – ДУИ на Али Ахмети, која е дел од владејачката коалиција, се залага за есенски избори, исто како и поголемиот коалициски партнер.
В.С.