Одбраната на Јанева подготвува приговор за обвинението на Русковска

by fokus

Адвокатите на притворената екс специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, очекуваат да биде пуштена во домашен притвор, по болничкото лекување на Јанева во приватната клиника „Жан Митрев“, во која и беше констатирана прединфарктна состојба. Одбраната на Јанева смета дека има доволно причини поради нејзината здравствена состојба мерката притвор да и биде заменета со поблага мерка.

На почетокот на неделава адвокатите го добија и обвинението што го поднесе Обвинителството за организиран криминал и корупција за предметот „Рекет“. Тие велат дека подготвуваат приговор, кој ќе биде поднесен во понеделник.

-Се уште сме во фаза на припрема. Во врска со притворот, жалбата е поднесена, го чекаме решението со кое повторно ќе се одлучува за гаранцијата. Во секој случај очекуваме позитивна одлука за замена на притворот со поблага мерка – изјави адвокатката Ирена Фрчковска за „Фокус“.

Во барањето за замена на притворот со домашен притвор, Јанева понуди гаранција од три стана. Кривичниот суд сега треба да се произнесе за барањето на Јанева, откако Апелација го врати предметот во понискиот суд, со образложение дека Кривичен не смеел да го отфрли туку да ја оцени основаноста.

Инаку, делот од обвинението кое се однесува на Јанева било содржано во пет страни.

М.В.

Поврзани новости