Укинувањето на организациските директори на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и тамошната реорганизација ќе остане за по изборите во мај, соопштија денеска во одговор на новинарско прашање премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство, Фатмир Меџити. Освен ова најавија и укинување на медицинските директори.
– Скоро четири години сме прво во ковид криза, енергетска криза, економска криза, меѓутоа кога првиот момент кога капацитетите на медицинскиот кадар и кога капацитетите на Министерството за здравство влегоа во понормални води, министерот веднаш поднесе информација што едногласно беше усвоена во Владата. Повторно спојување и да имаме еден клинички центар во којшто ќе се знае одговорноста, обврските и надлежностите, низ една хиерархија којашто ќе биде договорена низ процесот на имплементација на оваа информација и соодветните заклучоци коишто се донесени, рече Ковачевски.
Меџити рече дека останува посветен на ова прашања кое го смета за приоритет откако е поставен да го раководи ресорот здравство.
– Навистина безрезервна поддршка имаше премиерот кон мене како министер и кон сите членови на Влада. За ова главните борци бевме да го тераме до крај јас и премиерот и ова ќе биде реалност некаде до крај на мај или почеток на јуни. Нормално, течат сите процедури, треба да се спојат, 33 управни одбори, 33 медицински, 33 организациски директори. Веќе нема да дозволиме рековме од првиот ден здравството да биде во ваква состојба, сите наши планови се реализираат со конкретната динамика што ја имавме досега, рече Меџити.
На новинарско прашање што ако новиот состав на владата не го продолжи процесот премиерот Ковачевски кратко одговори дека ќе биде истата влада.