Власта може да ги апси лекарите, ама нема да успее да ги замолчи!

by Fokus

Текстот е објавен на 23-ти ноември 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 908

Милчо Пановски е хирург, кој повеќе од 40 години работи на скопската Клиника за абдоменална хирургија и со години наназад се бори за правата на лекарите. Едно време беше член на раководството на НСДП и претседател на Комисијата за здравство во партијата на Тито Петковски. Кон крајот на 2012-та, кога беше во тек штрајкот на лекарите од скопските клиники, тој беше еден од водачите на протестите, заедно со сега уапсениот доктор Дејан Ставриќ.

ФОКУС Лекарите се обединија. Веќе втора недела белите мантили штрајкуваат за исполнување на нивните барања. До кога планирате да штрајкувате?

ПАНОВСКИ Ќе штрајкуваме сѐ до усогласување и заклучување на нашите барања со можностите на министерот за здравство Никола Тодоров. Тоа значи дека ќе штрајкуваме сѐ до постигнување на целта, а тоа е суспендирање на плаќањето по успешност, зголемување на платите и почит од здравствените власти.

ФОКУС Министерот за здравство тврди дека нема штрајк. За него 1.200 лекари-специјалисти излезени на улица не претставува ништо. Ќе ,прогледа, ли конечно Тодоров за да се соочи со „невидливите” лекари?

ПАНОВСКИ Не знам дали воопшто ќе се исполнат нашите барања. Но, факт е дека министерот и членовите на владата не можат да не забележат, бидејќи, според нив, ние сме невидливи. Меѓутоа, испадна дека тие не можат да забележат ниту шестметарско знаме на јарбол висок 35 метри, така што луѓето најверојатно имаат проблеми со видот. Дали видот им е нарушен сега или поради долго гледање преку портокаловите очила, не знам. Но, знам дека нашиот претседател на синдикатот во секое време им стои на располагање да ги прегледа. Се надевам дека ќе направи исклучок и ќе биде штрајкбрехер кратко време, па ќе ги прегледа и ќе види што се случува со нивните очи.

ФОКУС Не ве гледа само Тодоров или не ве гледа цела влада?

ПАНОВСКИ На лекарите-специјалисти им прекипи и конечно почнаа да го искажуваат својот револт. Не само поради проектот плаќање по успешност, туку и поради третманот. Она што може да се нарече позитивно кај министерот е тоа што успеа да нѐ обедини со неговата ароганција и безобразие. Дојдовме во ситуација да не нѐ почитува како фела и да не нѐ почитува како нормални граѓани на оваа земја. Се обидува од позиција на сила да наметне негово мислење или мислење на влада. По вчерашната седница може да се забележи дека тоа е мислење на целата влада, бидејќи белите мантили излезени надвор никој не ги забележува!

СУДИИТЕ СО ПОГОЛЕМИ ПЛАТИ ОД ЛЕКАРИТЕ

ФОКУС Во последните шест години откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, белите мантили го достигнаа дното. Лекарската фела се соочува со постојано намалување на платите, како и понижување и деградирање од власта?

ПАНОВСКИ Јасно е дека во последните години, лекарите не можат да живеат нормално од својата работа.Тие имаат три решенија – да заминат во приватното здравство, да работат надвор од земјава или да се борат за добра положба во сопствената земја. Имаме служби во земјава, за кои владата смета дека се од посебен интерес и им дала посебна плата…

ФОКУС Кои служби земаат поголеми плати од лекарите?

ПАНОВСКИ На пример, судиите. Тие се, исто така, работници како нас, кои работат на судбината на луѓето, додека ние работиме за судбината и за животот. Тие имаат право случајот да го разгледуваат десет дена, десет месеци и години, а јас во минутата додека сум во операциона сала, одлучувам за судбината на пациентот. И, да не се лажеме, ниту Хипократовата заклетва, ниту моите морални квалитети одлучуваат, многу често судбината на болниот зависи од расположението на екипата која го лекува. Никој не може да утврди дали екипата лекувала добро или лошо и дали во тој момент била растоварена и можела да му се посвети на пациентот.

ФОКУС Што стана со преродбата во здравството, што ја вети ВМРО-ДПМНЕ во својот „Манифест”?

ПАНОВСКИ Дали таа влада сѐ што ветила е паметно и добро? За ваша информација, во 2006 година тие ветија препород на здравството. Мислеа дека со воведување менаџерски курсеви и едукации на менаџерите, како и воведување стручен и економски директор во клиниките и болниците, јавното здравство ќе го доживее својот препород. Првата претпоставка им беше дека директорите се неедуцирани, па за нив правеа курсеви. Ако се сеќавате, по два месеца од доаѓањето на министерот Тодоров, откако тој се ориентира во време и простор, кажа дека тој курс од три месеци е глуп и недоволен. Потоа, тој се консултирал со негов пријател, кој му објаснил дека за три месеци не може да се обучи менаџер!

ФОКУС И како Тодоров одлучи да ги обучува економските директори?

ПАНОВСКИ Кратко време потоа, настана трансформација на неговото мислење и наместо месечни курсеви за менаџери, тој направи викенд курсеви. Тие стручњаци, што тврдеа дека месечните курсеви не се доволни и дека тоа е глупо, подоцна се сложија дека со викенд курс се станува вистински менаџер на Тодоров!

ФОКУС Која е нивната улога во клиниките и болниците?

ПАНОВСКИ Ако додадеме дека секојдневно има партиски превработувања на немедицински кадар, станува јасно дека здравството банкротира. Ако Универзитетскиот клинички центар на времето го водеше еден генерален директор, а со него да имаше и економски директор, кој ќе ја води економската политика, ќе беше добро. Но, ако една клиника со 60 до 100 вработени има двајца директори, од кои едниот економски е со плата од 1.200 евра, станува нејасно што е неговата функција? Меѓутоа, ако следиме што се случува во последно време, тие економски директори имаат функција да се платеници на владата, односно на партијата, па тие имаат обврска да собираат потписи за изборите, кои ги докажавме, ама судот не ги прифати. Потоа, имаат улога да собираат потписи за новоформирани синдикати, и, на крај, улогата им е да прават мобинг врз лекарите, да кинат плакати и да ги малтретираат сите луѓе, кои сакаат да го изразат своето уставно право!

КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ДВАЈЦА ДИРЕКТОРИ

ФОКУС Па, нели рековте дека мора да си ја заработат платата од 1.200 евра?

ПАНОВСКИ Јасно и гласно тврдам дека тие се платеници на својата партија и сега сфатив зошто ги плаќаат. Меѓутоа, ако тие економски директори се платени од парите на партијата, тогаш ќе разберам и зошто ги прават тие лоши и послушнички работи. Но, тие економски директори, колку што знам, се платени од наши пари, од парите на осигурениците. Јас ги разбирам нивните политички интереси, но ги разбирам и интересите на осигурениците. Не може тој да лови политички поени од наши пари.

Нивната функција е сведена на услуги за својата партија, па најголемите проблеми во штрајкот ги прават токму економските директори. Тие немаат проблем да се закануваат и да собираат списоци. Сепак, ќе дојде време кога ќе препука трпението на вработените, ќе запре стравот и тие ќе ги пријават своите директори. Колку што знам, за двајца директори веќе се покренати кривични пријави за мобинг и за бркање на нашите колеги од ординацијата.

ФОКУС Против кои директори се поднесени кривични пријави?

ПАНОВСКИ Мислам дека е на скопската Клиника за рендген и дијагностика, против економскиот директор и стручната директорка Надица Митревска. Ќе има кривична пријава против економскиот директор на Инфективната клиника, а и директорите од Стоматологија вршат голем терор врз вработените, но немаме документ, кој ќе го докаже тоа пред нашите судови. Меѓутоа, нашите судови се такви, какви што се – „објективни”, ама затоа постојат меѓународни судови, се занимаваат со основните човекови права, согласно Европската конвенција за човекови права.

ФОКУС Значи, ќе одите до крај?

ПАНОВСКИ Не само што ќе одиме до крај, туку со тужба ќе одиме до судот за човекови права во Стразбур.

ФОКУС Министерот се труди на секој начин да го разбие штрајкот. Ќе го издржат ли лекарите ова темпо?

ПАНОВСКИ Јас цело време укажувам дека министерот лаже или свесно ја искривува вистината. Законот е многу прецизен. Во услови на штрајк, лекарите мора да обезбедат минимални услови за лекување на своите пациенти, бидејќи здравјето на пациентите не смееме на никој начин да го ризикуваме. Ако јас извршувам минимална функција, тој треба да ме плати за тоа што го работам.

ФОКУС Но, тој вели дека нема да земете никаква плата?

ПАНОВСКИ Тодоров тврди дека според Законот не се плаќа ништо, меѓутоа тој закон што го цитира министерот, го цитира како што му одговара нему. Не може да цитира закон, кој се однесува на тоа, кога јас штрајкувам на улица. Ако јас ја напуштам болницата, штрајкувам на улица и ако настане некој инцидент со пациент, тој има право да ме повика на одговорност зошто не ја извршувам својата работа. Тоа им кажува јасно – кој работи, кој не работи. Штом министерот тврди дека нема штрајк, тогаш треба нормално да ни даде плата. А, ако признае дека има штрајк, тогаш треба да нѐ казни, да признае – лекарите штрајкуваат и ќе добијат минимална плата. Значи, јас денес сум направил осум прегледи, кои треба да ми ги плати некој. Затоа министерот треба да се симне на земја и да почне да размислува како министер на сите граѓани на Македонија, а не како министер само на неговата партија!

ПОДГОТВЕНИ СМЕ ЗА СЀ

ФОКУС Колку е највисоката, а колку најниската плата на лекар-специјалист во јавното здравство?

ПАНОВСКИ Значи, лекар-специјалист почнува од 27.000 денари плата. Моите колеги на клиника, кои наводно од другите здравствени установи низ земјава имаат поголема плата, имаат само 1.000 денари повеќе. Најмладите лекари, кои имаат 12 години едукација, стартуваат со 28.000 денари плата и дежураат преку ден за 1.000 денари, сабота и недела за по 1.200, а судбината на болниот зависи од нивната навремена реакција.

ФОКУС Доволни ли се тие пари за нормален живот?

ПАНОВСКИ Дали тие млади луѓе, кои треба да формираат семејство, да гледаат деца, можат пристојно да се чувствуваат кога за нивното дете, за домашните трошоци, сметките и киријата, можат да ги платат со таа смешна плата. Тоа е депримирачка состојба. Не знам што треба да се направи за оваа власт да сфати дека најдобра варијанта за нив е младите да ги задржат во јавните здравствени установи, исто така да го задржат квалитетниот кадар и да направат напор да ги вратат професионалците, кои заминаа во приватно здравство.

ФОКУС Лекарите секојдневно се соочуваат со притисоци, закани за семејствата, закани за откази, мобинг и со кинење на плакатите за штрајк. Власта прави сѐ за да го спречи штрајкот. Ќе дозволите ли да ве запрат?

ПАНОВСКИ Власта прави сѐ, освен тоа што треба да го прави. Власта треба да седне да разговара со штрајкувачкиот одбор, да се најде заедничко решение за доброто на пациентите, на лекарите и на самата влада. Тие со својата позиција на сила, страв, терор, црнокошуљаши… се обидуваат на секој начин да го стопираат штрајкот. Меѓутоа, меѓународната заедница гледа сѐ што се случува, под какви притисоци и закани се лекарите и сами ни се јавуваат за да видат што можат да ни помогнат. Позицијата на страв и заплашување може да игра до одредена мерка, но ќе се појави критична маса, која сето тоа ќе го надмине, ќе покрене една верижна реакција, што не знам како ќе заврши на крај. Но, во секој случај власта ќе мора да ги симне портокаловите очила и да почне да гледа во иднината, а не во тоа што ветила и мисли дека е добро.

ФОКУС Според некои информации, ВМРО-ДПМНЕ подготвува разни сценарија да го минира штрајкот на лекарите. Дел од нив се испраќање група револтирани пациенти во кругот на Клинички, кои ќе се жалат дека умираат, а нема кој да ги прегледа, потоа зголемен број смртни случаи… Очекувате ли вакви сценарија?

ПАНОВСКИ Со оваа власт честопати сме сведоци дека црнокошуљаши се активирале да прават преседан. Дали тоа ќе функционира и кај нас, не знам, меѓутоа секој пациент што ќе дојде кај мене на преглед, ќе му го кажам тоа што е во согласност со правилата за штрајк. Сѐ можеме да очекуваме и подготвени сме за сѐ. Во принцип, тие што мислат да го прават тоа, нека помислат дека кога ќе заврши овој момент, може повторно ќе им затреба лекарска помош.

Не верувам дека и моите колеги од приватните болници ќе заборават дека тие пациенти, односно наемници, ја газат лекарската професија и достоинството на лекарите. Мора фино да размислат, бидејќи никогаш не знаете што ќе стане утре. Платениците можат да прават сѐ, но што ќе стане утре, кога ќе им треба доктор, е тогаш ќе треба да ги прашаат тие што ги плаќаат!

ЛЕКАРИТЕ ОД „МАЈЧИНА ТЕРЕЗА” СЕ ПОТКУПЕНИ

ФОКУС Ако штрајкот на лекарите трае сѐ до исполнување на вашите барања, тоа може да биде подолг период. Сметате ли дека сите лекари финансиски се подготвени да издржат до крај, ако мораат да издржуваат семејство и да плаќаат кирии?

ПАНОВСКИ Тие лекари треба да издржат два месеца или да издржуваат секој месец. Ако сега децата им се мали, потребите им се помали, утре децата ќе бидат поголеми и ќе имаат поголеми потреби. Ако еден млад хирург има мало дете, жена му не примила трудничко боледување и мора да се храни кај неговите родители или тие да му носат храна дома, станува јасно каде е неговата перспектива. Неговата плата не е доволна за кредит за станот, тековните трошоци и семејството да се храни. Прашањето е издржливост цел живот или определено време. Тие мора да донесат одлука што е попаметно? Да издржиме сега или да се соочиме со комплетно уништување на здравството!

ФОКУС Ќе попушти ли министерот?

ПАНОВСКИ Не знам дали тој ќе попушти, ама владата мора да реагира. Затоа што таа мора да разбере дека јавниот здравствен систем не може да се базира на незадоволни здравствени работници, кои своето незадоволство сакале или не го пренесуваат на пациентите. Министерот е симпатичен човек, кој не разбира медицина, но затоа шета по болници и се занимава со ловење лебарки и со хигиена.

ФОКУС Во сите европски земји синдикатите се на страната на работниците. Само во Македонија има синдикати кои ја поддржуваат политиката на владата?

ПАНОВСКИ Од гранковниот синдикат, како што видовте на денот кога почна штрајкот, даваа изјава од своите кабинети, како се грижат за работничките права. За тоа време работниците во Европа беа на улица и се бореа за своите права. Синдикати што седат во канцелариите и живеат од членарината на своите членови, а тука ќе ја спомнам и Лекарската комора, не се синдикати и здруженија на своите членови, туку се под капата на министерот за здравство. Ние изгледа сме единствената земја, каде што синдикатите се во фантастичен однос со власта, и покрај сите законски одлуки кои комплетно ги уништуваат правата на работниците. Никогаш досега не сум видел дека тие синдикати се борат за своите вработени.

ФОКУС Откако лекарите се побунија и масовно почнаа да се подготвуваат за штрајк, секојдневно почнаа да никнуваат новоформирани синдикати кои се контра штрајкот?

ПАНОВСКИ  Да не заборавиме дека тука е и синдикатот „Мајчина Тереза”. Тие новоформирани синдикати се обврска на економските директори, за да ги оправдаат своите пари, при што мора да формираат нешто, за да му докажат на министерот дека работат. Во тие синдикати влегуваат лекари кои се присилени, лекари кои се партиски обоени; дури, една докторка за два дена постигна толкав успех во „Мајчина Тереза”, што веднаш ја назначија за директорка на клиника. Луѓето се купуваат, секој има своја точка на топење, секој има своја цена. Меѓутоа, сите забораваме дека утре, кога ќе заврши овој хуриет, сепак ќе мораме да се вратиме меѓу колегите, ќе мораме да ги погледнеме в очи и да работиме заедно. Јас морам да ви кажам дека тешко можам да прифатам мои колеги, кои поради лични причини даваат некакви изјави во корист на власта. Не може некој да биде поголем папа од папата. Повторно ќе кажам, кога ќе заврши сево ова, ние ќе мораме да се сретнеме и да се погледнеме. Прифаќам дека секој има право да штрајкува, но прифаќам и кога некој не сака да штрајкува.

ФОКУС Ќе излезете ли пред Владата да штрајкувате?

ПАНОВСКИ Да, прашање е само на време. Ако штрајкувачкиот одбор донесе таква одлука, најверојатно ќе излеземе пред Влада, ама ќе гледаме повторно да биде за време на паузата или по работното време!

МИНИСТЕРОТ ЛАЖЕ

ФОКУС Министерот постојано се слика и тврди дека штрајкот е незаконски?

ПАНОВСКИ Јас тврдам дека министерот лаже. Нема закон во оваа земја, кој може да забрани штрајк.

ФОКУС Но, судот веќе еднаш го забрани?

ПАНОВСКИ Штрајкот е забранет затоа што имаме „независно” судство, целото партиски обоено. Жалбата е вратена на повторно разгледување, а зошто судијката не свикува повторна расправа, тоа е нејзин проблем. Можно е и ние да направивме грешка во чекори поради лоши правни совети и ја поништивме првата одлука за штрајк, но тоа не значи дека процедурата е запрена тука. Ние само чекаме да добиеме официјална пресуда потпишана од судијката, која е полноважна и да ја дадеме пред Уставниот суд на РМ. Да кажеме дека таа одлука е противуставна. А, ако Уставниот суд реши дека судијката е во право, ние ќе побараме мислење и од Судот во Стразбур, да видиме дали тоа е законски или незаконски. Дали оваа влада постојано треба да се резили пред светот за своите демократски права е прашање на кое таа мора да одговори, кога тогаш. Крајно непријатно е да живеете во една земја, каде што гледате дека сите демократски права се уриваат на најлош начин и кога сте свесни дека тоа го гледаат сите околу вас!

ФОКУС Што ќе се случи ако на пациентите им се збоктиса од препукувањето на релација лекари – министер, па тие почнат да се бунат?

ПАНОВСКИ  Пациентите треба да застанат на вистинската страна. Тоа е на страната на јасно дефинираното јавно здравство, кое функционира за доброто на сите пациенти. Не можам да прифатам една држава, која е декларирана како социјална, поради ограничен буџет, дел од пациентите да се упатуваат во приватните здравствени установи. Власта сака да го уништи јавното здравство. Моменталната ситуација е – болните се незадоволни од јавното здравство, лекарите, исто така, а за министерот сѐ е совршено!?

ФОКУС Пред година и пол, како пратеничка група на НСДП поднесовте барање до Министерството за здравство да ви објаснат колку пари се потрошени за медицинска опрема?

ПАНОВСКИ Тоа барање беше доставено во време кога јас бев член на НСДП и бев претседател на Комисијата за здравство.

ФОКУС Сега веќе не сте член?

ПАНОВСКИ Не сум повеќе во раководството на НСДП, јас сум тука како лекар-професионалец, кој се бори за своите права. Не настапувам како партиски човек, туку исклучиво ја бранам лекарската професија!

ОЧЕКУВАМЕ АПСЕЊА ЗА ВРЕМЕ НА ГЕНЕРАЛНИОТ ШТРАЈК

ФОКУС Имавме можност да видиме како поминаа последните конкурси за вработување во јавното здравство. Се полагаа тестови, се полагаше англиски јазик и пак влегоа само партиски кадри?

ПАНОВСКИ Знаете вие како поминаа последните партиски конкурси за вработување на лекари? Најпаметните и најдобрите доктори се членови на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тие се најпаметни, најдобри и најфини, како што кажа министерот, не водејќи сметка дека грубата партизација на здравството ја уништува неговата перспектива.

ФОКУС А сега бара советници со коефициент на интелегенција над 140?

ПАНОВСКИ Сите паметни со „ај кју” над 140 дури сега ќе мора да ја напуштат државата. Многу ми се допаѓа што одлучи да бара тест на интелегенција за советување. Но, не за раководење. И, ако видите кои им се економски директори, точно е дека просек од 140 е потребно за да стигнат до просек од 100, ако мериме кај двајца заедно!

ФОКУС Дали ќе има апсења за време на генералниот штрајк?

ПАНОВСКИ Не ме чуди ништо што овој министер може да ни приреди. Меѓутоа, морам да кажам дека сите членови на синдикатот се подготвени за таа варијанта. Внимаваме на строго почитување на законските одредби во време на штрајк. Има една изјава дека, во таков случај, дел од лекарите, што имаат јајца, ќе престанат со комплетна работа и нема да има згрижување на никакви пациенти. Тоа е веќе видено, се случувало во некои земји, лекарите да престанат да работат и настанал тотален хаос.

ФОКУС Да не ја уривате владата?

ПАНОВСКИ Не, ние нема да ја уриваме владата. Сакаме да го коригираме министерот или бараме да си оди и да дојде нормален човек, кој познава медицина. Кога некој јавно ќе излезе на телевизија и ќе каже дека тоа е министерство за ширење глупости, мене би ми било непријатно и најверојатно би си отишол. Тодоров го нарекоа министерот кој бил порано во образование, сега е во министерство за ширење глупости, а се подготвува да биде и министер во МВР. Доказ дека треба да гледа телевизија и да види што мисли народот за него.

ФОКУС Која порака ќе ја упатите до министерот за здравство?

ПАНОВСКИ Никаква. Најдобро е да си поднесе оставка!

ПЛАТЕНИТЕ МЕДИУМИ СЕ ЗЛОБНИЦИ ЗА ШТРАЈКОТ

ФОКУС Како што можеме да забележиме, дел од медиумите го игнорираат штрајкот и воопшто не известуваат на таа тема. На што се должи тоа?

ПАНОВСКИ На тие злобници од платените медиуми, кои викаат дека сме малку, би сакал да им порачам дека никој кога сади нива, не сади три тони пченица, туку сади семенски материјал, кој од прилика е една дваесеттина од родот. Оваа бројка од 1.200 специјалисти, за некој ако е мала, за мене е фантастична. Тие 1.200 лекари се таа појдовна или критична маса, кои треба да дојдат до некое решение. Не можам да кажам дека лекарите преку леб бараат погача, туку бараат нормален живот и нормален однос во државата!

КАМЕРИТЕ СЕ ДОКАЗ ДЕКА ГЛУПОСТА Е НЕМЕРЛИВА

ФОКУС Се потрошија 2 милиони евра за проектот видеонадзор во клиниките. Проектот пропадна, пропаднаа и парите. Министерот Тодоров повторно ги враќа камерите?

ПАНОВСКИ Воведувањето на камерите во амбулантите е уште еден доказ дека глупоста е немерлива. Само пред неколку години како најуспешна реформа во здравството беше поставување на камерите. Потрошија стотици милиони денари, вработија  партиски војници, а камерите не функционираат. Интересно е што и наредниот министер Османи го поддржа и го бранеше проектот. За овој период не добивме никаков отчет, како што милуваат да прават со јавни настапи, од добивките на воведувањето на првите камери. Сега повторно воведуваат камери со заматување на ликовите за да го решат проблемот на метежите. Меѓутоа, не се обидуваат да објаснат зошто има метежи!

Поврзани новости