Преговори!

by lali

Конечно се сретнаа Груевски и Ахмети, кампањата ги беше разделила. Едниот бараше 62 пратеници за да не биде уценуван, а другиот бараше 25 пратеници за да може да го исполни тоа што го ветил. И едниот и другиот, колнејќи се во националните интереси.

Изборите завршија, па се договорија дека ќе се договараат за повторно да бидат дел од заедничка влада. ДПМНЕ освои 61 пратеник, ДУИ има 19 пратеници и најдобар резултат во својата историја. На прв поглед и двете партии излегоа посилни од пред изборите. Се договорија нивните партиски работни групи да почнат да преговараат.

Пред да видиме што ќе договараат и како ќе договараат, важно е да се знае и кој ќе договара, па дозволете да ви ги претставам тимовите. Интересите на „македонските патриоти“ во преговорите ќе ги претставуваат Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска и Емил Димитриев, додека за интересите на „албанските патриоти“ ќе се борат Муса Џафери, Абдулаќим Адеми и Фатмир Бесими.

Овие „патриотски“ тимови ќе се договараат за министерства и за тоа кој ќе биде министер, заменик-министер, директор на јавно претпријатие, амбасадор, за бројот на партиските работни места во администрацијата, за тендери… Во суштината, ќе распределуваат пари и моќ.

ВМРОВЦИТЕ ЌЕ МОЖЕ ДА ИЗБИРААТ КОГО ДА ЗЕМАТ

Позициите за преговорите и на едните, и на другите, се нацртани од резултатите на изборите и од однесувањето на другите политички субјекти кои обезбедија влез во Собранието. Па, така, во прилог на ДПМНЕ е тоа што само со пратеникот на ГРОМ ќе има апсолутно мнозинство во Собранието, а на тие 62 пратеници, додајте ги и седумте пратеници на ДПА, кои му даваат безрезервна поддршка на Никола Груевски.

Со други зборови, Јанкуловска би можела на Фатмир Бесими да му мавта не со 61, туку со 69 пратеници. Мавтањето со пратеничките места ќе биде и со пораката дека вмровците ќе може да избираат кого да земат за свој коалиционен партнер.

Како реакција на тоа, Абдулаќим Адеми на Емил Димитриев би му мавтал со легитимитетот на албанските гласачи, кој е речиси 3-1 во корист на ДУИ пред ДПА. Проследено со пораката да замислат Собрание без опозиција, а владата без легитимитет на гласачите-Албанци. Би било тоа премногу и за лик како Груевски!

Ќе мавта Абдулаќим Адеми и со Бадентеровото мнозинство, кое ДПМНЕ не може да го има без ДУИ. На ваквата уцена, со која интегративците ќе си го задржат местото во владата, би можел да се јави Мијалков и да им каже: ОК, дечки, ќе ве пуштам да бидете во влада, ама ќе бидете заедно со Мендух Тачи, кој ќе ви биде вицепремиер. Муса Џафери би викнал дека тие, како работна група, немаат мандат да прифатат да бидат дел од извршна власт во која е и ДПА зашто тука Ахмети ја зацртал црвената линија.

Добро, претерувам, нема да викне, ќе прошепоти. Зар некој од ДУИ да му се развика на шефот на ДБК? Мијалков е тој што ќе вика на таа маса, особено со досиејата на корумпираните министри на ДУИ, а Јанкулоска ќе го дообјаснува, ако нешто не им е јасно од неговите пораки! Можам да ја замислам сликата како Бесими, Адеми и Џафери со внимание го слушаат, а откако ќе заврши, ќе побараат пауза за да се приберат.

ЌЕ СИ СЕДНАТ И ЌЕ СИ СЕ ГУШНАТ И ЛЕСНО ЌЕ СИ СЕ ДОГОВОРАТ

За време на паузата телефонски ќе се слушнат со Али Ахмети, од кого ќе бараат совет како понатаму. Ахмети, за да не го трпи понижувањето од делењето на власта со Мендух Тачи, ќе порача дека во таков случај нема да учествуваат во власта, а доколку ДПМНЕ и тогаш направи влада со ДПА, тие ќе размислуваат, по првите сто дена од новата влада, да ги вратат мандатите и да ја продлабочат, и без тоа, веќе големата криза.

Со оваа порака, тука би завршиле преговорите, а партиските работни групи ќе добијат време до следниот состанок да си ги оладат главите. Ладењето на главите ќе биде краток процес, во кој и едните и другите ќе се најдат на иста бранова должина. Ќе си седнат и ќе си се гушнат и лесно ќе си се договорат да не се понижуваат и прагматично да соработуваат, со паролата „Да живеат тендерите!“

Ниту ДПМНЕ ќе биде понижено со Албанец, претседател на Собранието, кој седниците би ги водел на албански јазик, ниту ДУИ ќе биде понижена да биде во влада со ДПА. Така, среќни и весели, лесно ќе си ги договорат следните министри, заменици министри, директори, тендери…

А за Мендух Тачи не секирајте се, тој ќе биде подмирен од страна на ДПМНЕ, ќе земе една десетина од тоа што на ДУИ му ја спушти цената – за него и за вработените во неговиот дуќан тоа е сосема доволно.

Опозицијата, додека траат преговорите за пари и моќ, треба да внимава да не се јават пациенти во нејзините редови и да речат дека, за разлика од партискиот став, тие мислат дека битката треба да се води во Собранието!

Поврзани новости