РЕК Битола и РЕК Осломеј заедно имаат инсталиран производствен капацитет од 810 мегавати. Тој капацитет не е искористен, ниту половично, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.
-Имено на 24 октомври според јавно достапни информации, а кои ги објавија и медиумите се гледа дека во функција биле 361 мегавати, односно 44,6% од инсталираниот капацитет. И во такви слаби услови, термоелектеаните произвеле над 70% од домашната струја.
На 24 октомври се произвеле вкупно 11.000 мегават часови струја, од сите енергетски капацитети, а потрошени се 13.000 мегавати. Што значи дека се увезени 2.000 мегавати, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, со целосно искористување на капацитетот на РЕК Битола и РЕК Осломеј, што ќе беше можно доколку навремено се копаше јаглен, и доколку беа целосно оперативни блоковите, само од термоелектраните ќе се произведеше близу 19.000 мегават часови струја. Но и под претпоставка истите да работеа со 70% од капацитетот, ќе се задоволеа потребите на државата, а останата струја од другите извори ќе можеше да се извезе и ЕЛЕМ ќе бележеше профит.