Власта ќе спроведе одвоени избори следната година или опозицијата ќе избоксува предвремени избори уште годинава?

Иако споени претседателски и парламентарни избори следната година делува како најлогично сценарио, истовремено тоа е најмалку веројатно. Од една страна, СДСМ и ДУИ се залагаат прво да има претседателски па веднаш потоа парламентарни избори, за да го тестираат најавуваниот европскиот фронт, чиј тригер би била блокадата на уставните измени. Од друга страна, пак, ВМРО-ДПМНЕ преку „помалите“ партнери во власта се обидува да предизвика предвремени парламентарни избори уште годинава, играјќи на картата на нивното незадоволство поради тоа што не добиваат една изборна единица.

by Фокус

Додека власта предводена од СДСМ и ДУИ најавува дека следната 2024 година прво ќе се одржат редовни претседателски избори, а набргу потоа и редовни парламентарни избори, опозицијата работи на сценарио за предизвикување на предвремени парламентарни избори уште годинава, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Иако се појавија информации дека премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски имал намера да поднесе оставка по кавга со сопартијци, но бил премислен од спикерот Талат Џафери, висок функционер на СДСМ вели дека Ковачевски не планира да крене раце од политиката, туку, како што истакнува, планира да победи на следните избори.

Откако анкетите во контиунитет покажуваат дека СДСМ има многу послаб рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ, според нашиот соговорник, социјалдемократите очекуваат оваа година да вратат дел од загубената поддршка како резултат на справувањето со енергетската и економската криза, што би им овозможило да дојдат во позиција повторно да ја формираат и предводат следната влада.

Во таа насока, планот А на владејачката партија е да се потруди да го обезбеди потребното двотретинско мнозинство за уставни измени, за што добива отворена поддршка од САД и меѓународната заедница. Тоа подразбира да се „скршат“ и неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, што, ако се случи, може да отвори одредени внатрешни процеси во опозициската партија.

Во меѓувреме, Ковачевски и други функционери на СДСМ тврдат дека имаат позитивни сигнали од вмровски пратеници, кои наводно сакале да поддржат уставни измени, бидејќи многу им била мила евроинтеграцијата. Сепак, времето ќе покаже дали станува збор за провокации или за реална можност за реприза на сценариото со Преспанскиот договор.

Доколку уставните измени не се случат во овој парламентарен состав, како што уверува ВМРО-ДПМНЕ, тогаш СДСМ планира да премине на план Б, а тоа подразбира да се искористи блокадата на евроинтеграцискиот процес како тригер за формирање на најавуваната голема проевропска коалиција, чија цел треба да биде изолација на Мицкоски и Димитар Апасиев.

Во таков случај, оваа коалиција на СДСМ, ДУИ, Алијанса и други партии би се тестирала на претседателските избори, кои, како што зачестено најавуваат од Бихаќка, ќе се случат неколку месеци пред редовните парламентарни избори, бидејќи така налагале законските рокови, иако тоа е спротивно на здравата логика.

На овој начин, СДСМ ќе се обиде да го компензира дефицитот што произлегува од фактот дека котира послабо „еден на еден“, во однос на ВМРО-ДПМНЕ, со тоа што би предводела еден поголем и поширок коалициски блок, кој сметаат дека би бил победнички при едно референдумско изјаснување „за“ или „против“ ЕУ.

Но, овој план може да биде поткопан по неколку основи. Прво, како што неодамна најави и самиот Мицкоски, опозицијата може и да не учествува ако претседателските избори бидат пред парламентарните. Во таква ситуација, би се довело во прашање постигнувањето на цензус од 40 проценти за избор на претседател.

Сепак, со текот на времето, од Белата палата почнаа да емитуваат поинакви сигнали. Охрабрени од најновите интерни анкети, кои покажуваат дека кандидатот на ВМРО има 2 проценти предност пред заедничкиот кандидат на СДСМ, ДУИ и АА, тие сега може и да истрчаат на претседателски избори, без разлика кога ќе бидат.

Како што вели висок партиски функционер, ако кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ победи против опонентот на СДСМ и коалицијата, тогаш целосно ќе ги збрише противниците на следните парламентарни избори. Дури и без тоа, многумина во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека опозициската партија не треба да ги бојкотира овие избори, за да не ѝ остави бришан простор на Левица да исфрли кандидат и да го собере целокупното опозициско расположение.

Во секој случај, формулата претседателски пред парламентарни избори се коцкање и за едните и за другите, но пред сѐ за СДСМ. При успех на претседателските избори, владејачката партија може да ја сврти ситуацијата во своја корист и на парламентарните. Но, при неуспех, дефинитивно ќе влезе во изборна кланица неколку месеци подоцна.

Притоа, се појавува уште еден проблем, а тоа е дека се ситни албанскиот фронт околу ДУИ, кој, всушност, треба да му даде ветар во грб на СДСМ. Очигледно е дека владата на СДСМ има силна поддршка од ЕУ и САД да ги истера процесите, меѓутоа бележи пад на рејтингот, што, според неколку сондажи, укажува дека може да падне под 30 пратеници на следните парламентарни избори.

Патем, треба да се има предвид дека истите овие анкети говорат дека „огнената група“ на Изет Меџити и Блерим Беџити тежи 30 отсто од гласачкото тело на ДУИ. Воедно, оваа фракција на „интегративците“, според партиски извори, е на добар пат да ги обедини раскараните Беса и Алтернатива на Биљал Касами и Африм Гаши, со што може да дојдат речиси пата-пата во однос на ДУИ.

Ваквиот удар, партискиот лидер Али Ахмети планира да го компензира со Алијанса за Албанците, чиј лидер Арбен Таравари веќе јавно најави можност за формирање една албанска предизборна коалиција. Но, прашање е колку тежи Алијанса по влезот во владата, односно дали си го задржаа автентичното анти-ДУИ гласачко тело.

Според неофицијални информации, отворени се комуникациски канали меѓу „огнените“ и ВМРО-ДПМНЕ, кои поставуваат темели за идна соработка. Токму на овој албански сојуз се надева ВМРО-ДПМНЕ по следните парламентарни избори, со цел, како што велат нивните идеолози, да не зависат од непредвидливи опозиционери со левичарски профил како Апасиев и Максим Димитриевски.

Како што е познато, ВМРО-ДПМНЕ не успеа да ја урне оваа влада по победата на локалните избори, но сега работат на истото сценарио, ама со други играчи. Добро упатени извори велат дека опозициската партија сака да го искористи сѐ понагласеното незадоволство од „помалите“ коалициски партнери во власта, кои сѐ почесто изразуваат незадоволство.

Заедно со Алтернатива, и Демократски сојуз на Павле Трајанов неодамна ја напушти владата, а сега и Достоинство на Стојнче Ангелов најави дека ќе размисли дали да остане на Илинденска откако неговото барање за помош за бранителите не доби поддршка од СДСМ.

Факт е дека Достоинство е вонпарламентарна партија и тоа не менува многу кога се работи за парламентарното мнозинство, но такви најави или закани, сеедно, испорача и претседателската на ДОМ, Маја Морачанин, која најави дека ќе излезе од владата ако до јуни не се отвори расправа за една изборна единица.

Нејзиното барање е усогласено со други „помали“ коалициски партии во власта застапени во парламентот. Од нив, и ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски најави дека ќе размисли дали ќе си замине од Илинденска, додека ЛДП на Моника Зајкова и Демократската партија на Турците на Бејџан Илјас засега барем јавно не условуваат со напуштање на мнозинството.

Декларативно, и СДСМ и ДУИ не се противат на една изборна единица, но се залагаат за праг од 5 отсто, што „помалите“ партии го отфрлуваат. Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се расположени да излезат во пресрет на ова барање, па може да се случи парламентарните избори да ги претркаат претседателските.

А, од тоа дали ќе има прво парламентарни или претседателски избори, или, пак, тие ќе бидат споени, што засега е најмалку веројатно, во голема мера ќе зависи одлуката на партиите и коалициите со каков кандидат за претседател да истрчаат. Односно, дали ќе одат со тврдо партиско решение ако прогнозираат победа, или, пак, од страв од можен пораз ќе експериментираат со натпартиски решенија.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости