Владо Јаневски ја избра Дунавка Трифуновска

by Fokus

Поп ѕвездата Владо Јаневски деновиве ги израдува своите фанови со нов спот, за песната ,,Град на тагата’’.

Под режисерската палка на Бане Поповиќ, спотот се снимил минатиот месец во Скопје, а како главна протагонистка во истиот е познатата мисица и модел Дунавка Трифуновска.Покрај неа, во истиот учествуваат уште две девојки, додека Јаневски како што практикува во изминатите години, не се појавува во видео записот.

Трифуновска е дипломиран фармацевт, модел и учесничка во голем број на избори за убавина. Пред две години, таа отворено и порача на тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска дека државата треба повеќе да инвестира во убавина.

-Мислам дека околу оваа тема, картите во раце ги има токму Елизабета Канческа – Милевска, и таа е личноста која што треба да направи промени во земјава кои што ќе бидат за доброто на сите. Мора да се воведат некои нови стандарди, да се одобрат субвенции за сите девојки кои што не претставуваат на било каков настан од интернационален карактер, да им се овозможи достоинствена презентација, да бидат релаксирани за време на изборите, наместо да се оптеретуваат со финансиски прашања. Јас имам долгогодишно искуство во моделството и во изборите за убавина и знам точно што зборувам. Инвестицијата во убавина е една од најисплатливите и не треба да се потценува моќта на женската убавина – изјави тогаш мисицата.

Спотот на Јаневски, во кој таа ја има главната улога е една ведра и урбана приказна. Автор на музиката и текстот е Владо Јаневски, аражманот е на Роберт Билбилов, а продукцијата на Дарко Димитров.

Ова беше прво јавно појавување на Дунавка по подолга пауза. Со промоцијата на спотот Јаневски го најави својот јубилеј, 25 години за естрадата. По тој повод тој ќе одржи концерт во Охрид. Концертот првично беше закажан за втори август, но поради техничко – организациски прични е поместен на петти август.

Вики Клинчарова

Поврзани новости