Популарниот музичар Владо Јаневски деновиве престојува во соседна Грција, каде се снима видео запис за неговата балада ,,Ненормален”.
Тој објави неколку фотографии од Касандра, и напиша дека бара препораки за локации за снимање во Порто Валица. Заедно со него бил и тимот на Томато Продукција.
Поп пејачот и кантавтор имаше лето исполнето со голем број на настапи ширум земјава. Гостуваше на општински настани, но и во клубови во Скопје, Битола, Неготино, Делчево, Кичево…
Од неодамна се пресели во Гевгелија, и изјави дека таму си го пронашол мирот. Хитмејкерот кој во ноември ќе наполни 62 години е активен на музичката сцена со децении наназад. Во текот на неговата кариера, често пати се случуваше да започне медиумски молк и да не дава интервјуа и изјави за медиумите, со цел да си ја зачува приватноста.
Во минатото го поврзуваа со повеќе познати жени од јавниот живот, но никогаш не се ожени. На темата брак јавно проговори пред неколку години, и тоа за време на концерт кој се одржуваше во Кавадарци, родниот град на неговата мајка.
-Мајка ми постојано ми викаше да се оженам, да си земам жена од Кавадарци, домаќинка, но не ја слушав. Помина сега тоа време, веќе ми е касно за женење – раскажа тој.
Баладата ,,Ненормален” за која сега го снима спотот во Грција, ја промовираше во февруари годинава. Снимена е во Скопје и Загреб, во аранжман на Никша Братош, а со музика и текст на Јаневски.
Вики Клинчарова