Сокаци и ќорсокаци на меѓународната правда

by fokus

Benjamin Ferenz , последниот жив нинбершки обвинител, во март наполни 102 години. Живее на Флорида, а своето знаење и искуство го преточил во неколку книги за меѓународното право  и активно учествувал во создавањето на Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Почитувајќи ја максимата дека сите пред законот мора да се еднакви, постојано се залагал и Америка да се приклучи кон овој суд и неговата јурисдикција.

Пишува: Ѕвонко Давидовиќ

Повеќе пати во своите јавни настапи и обраќања укажувал на двојните аршини и недоследноста на САД по однос на меѓународната правда и право, потенцирајќи ја ликвидацијата на Садам Хусеин без судење и нападот на САД на Ирак без одобрение на Советот за безбедност.

Деновиве, од некои од американските конгресмени, се почесто се повикува Путин да се појави пред Меѓународниот кривичен суд. Таквото барање е секако оправдано по се она што се случуваше во Украина, но звучи дегутантно и смешно со оглед на тоа од кого доаѓа.

И покрај тоа што САД се залагаат, само навидум и крајно дволично, за почитување на меѓународното право и меѓународниот суд истите безброј пати го прекршија со низа агресии над други суверени држави, егзекуции без судење.

ДВОЈНИТЕ АРШИНИ НА САД

Покрај ова САД под администрацијата на Џорџ Буш донесоа закон со кој се забранува било каква и на било кој начин подршка на Меѓународниот кривичен суд и ја овластиле Владата да ги употреби сите средства за репатријација на секој американски граѓанин кој е притворен од овој суд.

САД изврши и дипломатска принуда и притисок на другите држави да потпишат билатерални спогодби за имунитет со обврска никогаш американски државјанин да не предадат на меѓународниот трибунал.
Како и САД и Русија не го ратификуваше Римскиот протокол со кој се признава јурисдикцијата на меѓународниот суд, а истото го направија и Кина, Индија и голем број на блискоисточните земји. Поради ваквиот став и однос кон меѓународниот суд Јужна Африка, Бурунди и Гамбија го најавија своето повлекување оправдано укажувајќи дека обвинителството на Меѓународниот кривичен суд се фокусира речеси единствено на Африка.
Напорот да се воспостави меѓународна правда се сведе на 120 мали земји кој ја ратификуваа спогодбата со која прифатија сите одговорни за воени злосторства да се процесуираат без оглед на националноста и државјанството.Бевме сведоци на незамисливи злосторства кои ги направија САД, Русија, Израел, Афганистан, Хамас, талибанците но ниту еден од тие настани и случувања не беше процесуиран во Хаг.

Американската администрација со голем ентузијазам го помогна и подржа процесуирањето на воените злосторства во поранешна Југославија, изврши невиден притисок служејќи се со уцени и закани да се предаде дури и поранешниот српски претседател Милошевиќ на Меѓународниот кривичен суд оправдувајќи го сето тоа со флоскулата дека поединци мораат да одговараат пред меѓународниот суд за да се симне одговорноста од целиот народ.

Но каде да добијат правда жртвите на злосторствата сторени од САД и како американскиот народ ќе ја симне својата одговорност  за истите се поставува прашање  во ситуација кога САД не ја признава јурисдикцијата на МКС.

ДРЖАВНИ ФУНКЦИИ ЗА ЗАГРОЗУВАЊЕ НА УСТАВНИОТ ПОРЕДОК
Бомбардирањето и агресијата на Србија од страна на НАТО предводена од САД беше насилнички и терористички чин без преседан во кој настрадаа многу цивили и цивилни цели но никој не понесе одговорност за истото.
Во Македонија оние кои  терористички го нападнаа и загрозија уставниот поредок и безбедноста на земјата никогаш не беа изведени пред лицето на правдата ниту одговараа за тоа, напротив, добија високи државни и политички функции, додека оние кои ја бранеа државата, под притисок на западот, беа изведени пред меѓународниот суд.
Токму ваквиот однос на САД, дволичноста, двојните аршини и непризнавањето на Меѓународниот суд , за кој и Трамп изјави дека нема ни легитимитет ни авторитет, создаде ситуација во која судењето на Путин или негово појавување пред меѓународниот суд го прави невозможно.

Залудни се напорите на Karim Khan , главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, за прибирање на докази за воени злосторства кога истиот ниту има ниту може да има пристап до руските архиви и документи ниту пак Русија ќе постапи по налозите и наредбите на МКС. И Русија како и САД не го признаваат ниту авторитетот ниту легимитетот на МКС што го прави невозможно појавувањето на било кој руски висок функционер пред истиот.
Меѓународните експерти се погласно заговараат создавање на ad hoc суд кој би бил надлежен за судење на евентуалните руски воени злосторства на територијата на Украина но тоа пак од друга страна е врзано со Обединетите Нации и Советот за безбедност во кој големите сили и постојани членки имаат право на вето.

Во моменталната ситуација за да се формира таков суд е потребно да им се одземе право на вето на постојаните членки , Русија е една од нив, а за да се случи тоа потребна е реконструкција на целокупната институција Обединети нации и давање на поголеми овластувања на Генералното Собрание што е речеси невозможно.

AD HOC СУД ЗА РУСКИ ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА?

Можноста за излегување од овој правен лавиринт некои експерти гледаат во формирање на институција слична на некогашниот Нинбершки суд, што е уште помалку можно бидејќи Нинбершкиот суд беше формиран како суд на победниците, на територија која ја контролираат силите на победниците по капитулација на Германија.

Нинбершкиот суд беше формиран врз основа на Лондонската повелба од 1945 година, а судиите и обвинителите беа државјани исклучиво на четирите големи победнички сили САД, СССР, Британија и Франција кои ја добиле војната и вооружено ја контролираа територијата на која Нинбершкиот суд судеше. Ситуацијата со Русија воопшто не е слична и нудење на ваквото решение може да донесе уште поголеми проблеми.
Ваквата јамка на вратот на меѓународната правда ја ставија токму големите сили, САД и Русија пред се, со своите дволични ставови и аршини, со селективноста во важењето на законите и ставањето над меѓународниот закон на своите државјани и пред се со промовирање на законот на посилниот и законот на линчот.

Токму последниот жив обвинител од Нинбершкиот процес постојано укажуваше дека употребата на оружените сили заради постигнување на политички цели мора да го осуди и меѓународното и националното законодавство и дека секое незаконито погубување без судење ја поткопува демократијата па дури и да се работи за оние кои сториле масовни злосторства.

Истиот целиот свој живот се залага за почитување на законите и меѓународното право и изведување на секој кој го прекршил законот пред меѓународниот суд без оглед на позицијата нацијата или државјанството.
Улицата која води до Палатата на мирот во Хаг го доби името на нинбершкиот обвинител Benjamin Ferenz , додека улиците во Афганистан, Украина, Ирак, Србија и многу други земји беа уривани во име на мирот од воените злосторници кои никогаш не излегоа ниту ќе излезат пред лицето на правдата чекорејќи по улицата наречена по нинбершкиот обвинител.

Поврзани новости