Владо Георгиев со концерт во Битола

by fokus

Популарниот српски поп пејач Владо Георгиев ќе одржи концерт во Битола. Настанот ќе се случува во Хераклеа, на 13-ти јули, со почеток од 21 часот.

Концертот на Георгиев е дел од прогрмата на битолското културно лето Битфест 2019, настан кој го организира Општина Битола по 13-ти пат.
За фестивалот во кој се опфатени настани од сценската уметност, театарот, литературата, фолклорот, ликовната и филмска уметност и друго, годинава биле одвоени 4.000.000 денари.

Истиот започна на 21-ви јуни со проектот ,,Празник на музката – Солстис”, а ќе заврши на 29-ти август со АКТО, Фестивал на современата уметност.

Инаку, Владо Георгиев имаше голем солистички концерт во Скопје на 14-ти февруари, на денот на вљубените, во 2015 година, на сцената во Борис Трајковски.
Тоа беше негов концерт во Скопје по пауза од цели десет години.

Пејачот и композитор, кој до своите 16 години живеел во Црна Гора, по што се преселил во Белград, зад себе има три студиски албуми и голем број на хитови.
Пред две години беше гостин во емисијата ,,Еден на еден”, каде порача дека за него турбо фолкот е зло.

-Ако некои познати телевизии го емитуваат, не значи дека тоа е добро. Има луѓе кои не сакаат децата да им слушаат таква евтина музика и да станат кретени. Постојат театри, уметност, добра музика, рок. Не би се пријавил ниту во некое реално шоу. Друштвото го избираме од мали. Ако ти е друштвото лошо, и ти ќе станеш лош – раскажа Георгиев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости