Најавена тужба за БЕГ и сериозна финансиска отштета

by fokus

Веднаш ќе понесеме тужба за клевета против БЕГ за изнесување на невистини во денешното соопштение, реагира „Дистрибуција на топлина“ ДООЕЛ откако БЕГ денеска информира дека во октомври лани поднела тужба да „Топлификација“ и нејзината фирма ќерка „Дистрибуција“ бидејќи не го почитувале Договорот од 2000 година според кој требало да инвестираат во мрежата, но тие не го сториле тоа.

„Дистрибуција на тоиплина“ за оваа клевета ќе бара сериозна финансиска штета.

Од „Дистрибуција на топлина“ тврдат дека од БЕГсе изнесени невистини со цел да се амортизира ефектот од кривичните пријави против „Дистрибуција на топлина БЕГ ДООЕЛ и ТЕ-ТО АД , поднесени од МВР и Управата за финансиска полиција.

Имено за да биде точна информацијата што ја пласира БЕГ, велат од „Дистрибуција“, треба ниедна државна институција надлежна за дистрибутивната мрежа во изминатите 15 години да не работела ништо.

Оттаму потсетуваат дека извршувањето на обврските согласно договорот за користење на мрежата во периодот од 1999 година до 2012 година, освен од договорната страна надлежна за дистрибутивната мрежа, се контролираа по повеќе основи и од повеќе други надлежни институции и субјекти.

„Топлификација АД извршуваше регулирани дејности за производство, дистрибуција снабдување со топлинска енергија. Во периодот до 2003 година министерството за економија го контролираше работењето на Топлификација АД и извршувањето на сите финансиски активности бидејќи тоа министерство беше надлежно за определување на цената која ја плаќаа крајните корисници на топлинска енергија. Неизвршувањето на било каква финансиска обврска која е предвидена со цената на топлинската енергија сигурно ќе била санкционирана од надлежната институција за формирање на цената. По 2003 година функцијата на контрола и определување на цената на топлинската енергија ја презеде Регулаторната комисија за енергетика. Од тој период контролата на извршувањето на предвидените финансиски обврски на носителите на регулирани дејности помина во надлежност на оваа институција. При определувањето на цената на топлинската енергија која во еден период се правеше два пати годишно, а потоа еднаш годишно, основен елемент на контролата се остварените финансиски резултати и исполнувањето на финансиските обврски на носителот на лиценца во контролираниот период“, објаснуваат од „Дистрибуција“.

Освен надворешните контроли на работењето на Топлификација АД, додаваат од „Дистрибуција“, во оваа фирма која го замислила и реализирала ТЕ ТО АД и која направила управување на дистрибутивната мрежа од еден центар за над две илјади подстаници во 2006 година, а ниеден друг топлификационен систем во регионот тоа го неимала има и внатрешни механизми на контрола на процесите.

„Топлификација АД по завршувањето на процесот на приватизација започна процес на котација на Македонската берза за хартии од вредност. Во средината на 2001 година Топлификација АД стана прва котирана компанија на Македонската берза. Таквата позиција на Топлификација АД бараше целосна транспарентност и контрола на работењето поради обврските кон пазарот на хартии од вредност.Основа на транспарентноста во работењето на котираните фирми се ревизорските извештаи кои ги контролираат целокупните финансии на котираните фирми, исполнувањето на финансиските обврски на котираните фирми, исполнувањето на преземените договори и законитоста на работењето. Таквата контрола на финансиите на котираните фирми е главниот инструмент на пазарите за хартии од вредност со цел купувачите на хартии од вредност да бидат сигурни дека котираната фирма, а особено супер котираната, нема никакви неизвршени обврски или долгови по потпишани договори“, велат од „Дистрибуција на топлина“.

Оттаму додаваат и дека во ревизорските извештаи за финансиското работење на Топлификација АД секогаш е третирана и обврската по договорот за користење на мрежата.

„Во сите ревизорски извештаи на Топлификација АД во периодот 1999 до 2012 година нема никаква забелешка од ревизорите дека Топлификација АД има било каква неизвршена финансиска обврска во врска со потпишани договори“, додаваат од „Дистрибуција на топлина“.

Од „Дистрибуција на топлина“ појаснуваат и дека супер котирана компанија мора да имплементиран Quality Management System (QMS) кој подразбира секоја активност во фирмата да биде организирана и контролирана согласно строго дефинирани процедури.

„Согласно QMS секоја активност во фирмата мора да се одвива согласно точно дефинирана процедура и да се контролира согласно точно дефинирана постапка. На така дефинираниот систем за извршување на задачите и на контрола на извршувањето на задачите мора да се придржува секој вработен во фирмата.Сертификацијата за работа на QMS во текот на 2002 година се реализираше со Lloyd’s Registers, една од најавторитетните фирми во светот во оваа област. Во 2006 година се направи и ресертификација на QMS. Како и сите други активности во фирмата и извршувањето на договорот за користење на мрежата задолжените вработени мораа да го извршуваат и да бидат контролирани согласно дефинираните процедури на QMS“, се вели во реакцијата на „Дистрибуција на топлина“.

Поврзани новости