Испразнети училишта, по едно прваче во цело училиште и огромен пад на бројот на основците го обележува почетокот на новата учебна година.
Во основните училишта во кумановските села Четирце, Градиште, Габреш и Кучкарево, родителите, денеска, на првиот училишен ден ги испратија единствените првачиња во овие четири училишта.
За првпат се случува во беровското село Владимирово да нема ниту едно прваче. Медиумите пренесуваат историја за ова училиште, „Кирил и Методиј“ каде што пред половина век учеле по 300-400 деца, а десетина отсто од нив сега се доктори и магистри. Тие не останале да живеат во селото, туку се иселиле веднаш по завршувањето на основното или средното образование.
Директорите на четири основни училишта во Штип пак бараат согласност за формирање паралелки со помал број ученици во учебната 2014/2015 година, бидејќи секоја година бројот на првачиња се намалува.
Ако се погледнат податоците од Државниот завод за статистика, може да се види дека бројот на основци во државата глобала се намалува. Ако во учебната 2008/2009 година имало 215.078 ученици во основните училишта, минатата година имало само 194.055.
Очигледно дека владините реклами за пораст на наталитетот не го даваат очекуваниот ефект. Со оглед на тоа што проценките покажуваат дека за родителите да запишат еден ученик во училиште, од старт се потребни 65 евра. Доколку имате три деца, потребни ќе бидат околу 200 евра, што е повеќе од половина од просечната месечна плата во земјава.