Јовановиќ алармира: Владините мерки ќе направат милионска дупка во буџетот

Ќе беше многу подобро ако Владата ги замрзнеше цените, како што направија Србија, Бугарија, Хрватска и десетина ЕУ-земји, вели тој за Фокус.

by fokus

Мерките што ги предложи Владата ќе направат голема дупка во буџетот, од неколку стотини милиони евра, вели за „Фокус“, економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за пакетот од 26 мерки што вчера го донесе Владата за ублажување на последиците од економската криза и руско-украинскиот конфликт.

-Со оглед на тоа што Владата не сака да воведе прогресивен данок, ќе нема друг избор освен да се задолжува. Така што, очекувам наскоро да издадат евообврзница, што имплицитно и го најавија, вели Јовановиќ.

Цените на горивата секојдневно растат, а според Јовановиќ, мерките се така дизајнирани што не спречуваат цените на горивата да растат и во иднина.

-Тоа го спомна и самиот премиер. Така што, како што ќе растат цените на светските пазари, така ќе растат и во Македонија. Ќе беше многу подобро ако владата ги замрзнеше цените, како што направија Србија, Бугарија, Хрватска и десетина ЕУ земји, објаснува тој.

Според него, Владата, според мерките што ги донесе, повеќе се грижи за милионските добивки на нафтените компании, отколку за граѓаните.

-Ќе спомнам само дека најголемата нафтена компанија само лани, во кризната 2021 година, остварила нето добивка по оданочување од 27 милиони евра. Како што стојат работите, ова година ќе остварат уште повеќе, порачува Јовановиќ.

Инаку, Владата донесе пакет од 26 мерки и препораки за ублажување на последиците од економската криза и руско-украинскиот конфликт. Мерките се наменети за граѓаните и за компаниите со цел да се сочува животниот стандард на граѓани и ликвидноста на компаниите.

Мерките се поделени во две категории. Во првата група се мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и компаниите, а во втората група – мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.

Дел од мерките се намалување на повластената стапка на ДДВ за основните прехранбени производи на нула проценти и тоа ќе важи за лебот, шеќерот, брашно тип 400, зејтин, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца.

Се замрзнуваат и маржите за основните прехранбени производи. Предвидени се и ваучери во вредност од илјада денари за купување на основните прехрамбени производи за ранливите категории, субвенции, намалувања на акцизите и на други давачки за граѓаните.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости