Кои се 26-те мерки на Владата за ублажување на кризата?

by fokus

Владата вчера донесе пакет од 26 мерки и препораки за ублажување на последиците од економската криза и руско-украинскиот конфликт. Мерките се наменети за граѓаните и за компаниите со цел да се сочува животниот стандард на граѓани и ликвидноста на компаниите.

Мерките се поделени во две категории. Во првата група се мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и компаниите, а во втората група – мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.

1. Ја намалуваме повластената стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5% на 0%.

Основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се леб; шеќер;  брашно – тип 400; сончогледово масло за јадење; трајно млеко, свежо месо; ориз и јајца.

2. Ги замрзнуваме маржите на основни производи за исхрана.

Со оваа мерка спречуваме создавање на наднормален профит, а ќе се влијае на ублажување на влијанието на ценовниот шок врз одбрана категорија на прехранбени производи.

3. Предвидуваме субвенции односно ваучери за најранливите категории на граѓани за основни производи за исхрана.

Тоа се ваучери во вредност од 1.000 денари месечно, за период од три месеци за околу 35.000 граѓани. Истите би се користеле за купување на основни производи.

4. Воведуваме автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји.

Односно, ги укинуваме царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи, и тоа од сите земји.

5. Ја пролонгираме примената на повластената даночната стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата.

Како и досега, со оваа мерка го ублажуваме ценовниот удар од растечката цена на електричната енергија на светските берзи и го штитиме животниот стандард на граѓаните.

Оваа повластена даночна стапка ќе важи до декември 2022 година.

6. Препорака за менување на методологијата за утврдување на цена за домаќинства и мали потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија.

Новата методологија која ќе обезбеди пониска цена за електричната енергија за домаќинствата кои се најпогодени и малите потрошувачи.

7. Ја продолжуваме програмата за енергетска сиромаштија.

8. Ги субвенционираме пензионерите.

Субвенциите за пензионери се во вредност  од 1.000 денари за 3 месеци или вкупно 3.000 денари кои би се користеле за купување на основните производи.

9. Го продолжуваме субвенционирањето на цената на електрична енергија за регулираниот пазар за домаќинствата и за малите потрошувачи.

Со оваа мерка ги штитиме потрошувачите во периодот на значителен ценовен пораст на електричната енергија која во моментов е со рекордни цени на светските берзи. Мерката ќе е активна до јуни 2022 година.

10. Ја субвенционираме цената на топлинска енергија.

Со оваа мерка овозможуваме  континуирано и квалитетно снабдување со топлинска енергија за потрошувачите на делови од територијата на градот Скопје.

11. Финансирање на проектите за енергетска ефикасност за општините преку користење на поволен кредит од Светска банка спроведен од Министерството за финансии.

Со оваа мерка ќе се овозможи намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор, а воедно ќе се подобри нивото и квалитетот на јавните објекти и јавното осветлување.

12. Програма за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година.

Средствата на оваа програма во вкупен износ од 30.000.000,00 денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година.

13. Даваме препорака за промена на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа.

Препораката е цените да се менуваат на дневна основа, барем во периодот додека трае енергетската криза во Европа и на тој начин, да се избегнат големи ценовни промени од една до друга одлука.

14. Го пролонгираме воведувањето на зелените давачки за деривати, односно еколошката такса за енергенси.

Со оглед на големиот пораст на берзанските цени на нафтата, Владата ќе го пролонгира воведувањето т.н. еколошката такса за енергенти кој е во собраниска процедура.

15. Ја намалуваме стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан.

Оваа мерка ќе ја заштити куповната моќ на крајните потрошувачи, граѓаните, вклучително и земјоделците кои произведуваат во мал обем, односно не се регистрирани. Со намаленото ДДВ практично се намалува цената на енергенсите за граѓаните со што имаме заштита на животниот стандард од една страна, а од друга страна преку мерката се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите.

16. Ја намалуваме акцизата врз основа на берзанските цени.

Намалување на акцизата за  1, односно 2, односно 4 денари по литар на безоловниот бензин, на гасното масло како погонско гориво (дизел) и на гасното масло како гориво за греење (екстра лесно масло за греење).  Мерката се предлага со цел ублажување на влијанието на зголемените цени на енергенсите на светските берзи и со тоа  заштита на куповната моќ на потрошувачите.

Мерката ќе има директно влијание врз малопродажната цена на овие енергенти, и тоа за околу 1,2 денари, односно 2,3 денари, односно 4,7 денари, вклучувајќи го и ефектот од намален износ на ДДВ за износот на намалена акциза.
Со оваа мерка би се примениле акцизи намалени за 2 денари, дизелот наместо 85, 5 денари би се намалил за 10,5 денари и би изнесувал 75 денари.

Бензин наместо 91,5 денари би се намалил околу 11,5 денари и би изнесувал 80 денари.

17. Ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување.

Со оваа мерка се ослободуваат увозниците на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, од плаќање на данок на додадена вредност при увоз на овие добра со што се овозможува подобрување на ликвидноста и профитабилноста на компаниите.

18. Препорака за општините да го реорганизираат јавниот превоз да биде достапен во корист на сите граѓани.

Целта е да се обезбеди поефикасен јавен транспорт за граѓаните да можат да заштедат и рационално да ги употребуваат личните возила.
Во делот за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка мерките се:

19. Субвенционирање на договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година.

Со оваа мерка преку РБСМ ќе се поддржи ликвидноста на деловните субјекти преку субвенционирање на каматната стапка од страна на државата.

20. Финансиска поддршка преку директно кредитирање од РБСМ на компаниите.

Со оваа мерка се подобрува ликвидноста на деловните субјекти преку исплата на бескаматни кредити за обртни средства по поволни услови а заради зголемените трошоци за електрична енергија.

21. Финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства.

Мерката ќе значи подобрување на ликвидноста на компаниите при што Владата ќе ја субвенционира каматната стапка од 3,2% – 4% годишно, а крајните корисници би користеле кредити за обртни средства без каматен трошок.

22.Користење на Гарантниот фонд преку Развојната Банка на Северна Македонија.

Со оваа мерка ќе се издаваат портфолио гаранции за микро, мали и средни трговски друштва и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз преку гарантирање и тоа кај портфолио гаранциите, гарантирање до 50% од кредитот во колку се работи за кредит за основни средства, односно до 80% во колку се работи за кредити за обртни средства и кај индивидуални гаранции гарантирање до 50% од износот на кредитот.

23. Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

Со оваа мерка се овозможува кредитирање на компаниите за инвестирање во проекти при што ќе се издаваат бескаматни кредити до деловните банки, додека до крајните корисници ќе се издаваат кредити со каматна стапка од не повеќе од 1.6%.

24. Нова линија за поддршка на стопанството преку Европската инвестициска банка за зелена транзиција.

Оваа кредитна линија е наменета за компаниите кои се соочуваат со енергетската криза и ќе обезбеди стимулирање на инвестиции на компаниите во обновливи извори на енергија.

25. Зелено финансирање (Европска банка за обнова и развој, Програма на Обединетите нации за развој, комерцијални банки.

Со овој финансиски инструмент ќе обезбеди пристап до зелено финансирање за малите и средни претпријатија и поединци и домаќинства за инвестиции во обновливи извори на енергија и решенија за енергетска ефикасност.

26. Препорака за штедење и рационално користење на енергијата.

Апелираме, до сите институции, домаќинства и стопанството за грижливо и рационално користење на електрична енергија и енергенсите. Сите треба да сме свесни за сериозноста на ситуацијата! Дополнително, ги задолживме државните и јавните институции да предложат сет мерки за рационализација на трошоците по овие основи а во рамки на нивните надлежности.

Поврзани новости