Владината реконструкција може да ги зафати Десковска, Алоѓозoски и Дураку

by Фокус

Министерствата за образование, култура и животна средина се дел од преговорите меѓу премиерот Зоран Заев и потенцијалните нови владини партнери БЕСА и ДПА, покрај вицепремиерското место за реформи и министерството за странски инвестиции, дознава Фокус од добро упатени владини извори.

Според нив, Заев инсистира двете крила на БЕСА да станат дел од парламентарното мнозинство, на кои им нуди еден од трите споменати министерски ресори, плус новото вицепремиерско место за спроведување на реформи.

Притоа, велат нашите соговорници, тој претпочита во корист на БЕСА да се откаже од Министерството за култура предводено од Роберт Алоѓозоски, бидејќи Министерството за образование му потребно за речиси извесната трампа со ДУИ за Министерството за правда, каде треба да замине актуелната министерка за образование Рената Десковска – Треневска.

Инаку, додека од крилото на Биљал Касами изразуваат подготвеност за влез на Илинденска со довчерашните соработници, спротивниот табор во БЕСА на Африм Гаши јавно го услови учеството во владата со избор меѓу една од двете страни на партијата, која се подели по неуспехот на партијата на последните локални избори.

Во секој случај, и едните и другите јасно порачаа дека не се задоволуваат само со вицепремиерското место за реформи, туку бараат ресорно министерство, што, пак, ги става ги става во неповолна положба владините партнери, бидејќи треба да жртвуваат двајца министри доколку сакаат парламентарното мнозинство да го засилат сите 5 пратеници на БЕСА.

Доколку Заев и Ахмети на крајот одлучат да ја реализираат трампата меѓу правда и образование и воедно да им ги исполнат барањата на двете крила на БЕСА за министерски ресор, тогаш, според нашите извори, СДСМ ќе се откаже од култура, а ДУИ од Министерството за екологија, што моментално го предводи Садула Дураку.

Иако од ДУИ истакнуваа дека се расположени за трампа со СДСМ меѓу ресори со иста тежина, но не и за отстапка во корист на БЕСА, сепак, новите информации говорат дека Али Ахмети може да отстапи еден ресор, бидејќи најверојатно ќе го преземе Министерството за локална самоуправа на чело со Сухејл Фазлиу од НДП, која има само еден пратеник во парламентот – Весел Мемеди.

Неофицијално, за ДПА се чува министерството за привлекување на странски инвестиции, што стои празно по изборот на Рамир Мерко за градоначалник на Струга, но партијата на Мендух Тачи може да го добие и вицепремиерското место за реформи доолку ја засили владата само со еден табор на БЕСА.

Во однос на тоа, заменик-претседателката на СДСМ и вицепремиерка во владата, Радмила Шеќеринска, вчера во емисијата Топ Тема на Телма изјави дека поголема слабост во владата се одредени функционери отколку министри, најавувајќи промени во подолните ешалони.

До заокружување на преговорите за зајакнување на парламентарното мнозинство, кои продолжуваат деновиве, никој не открива детали.

В.С.

 

Поврзани новости