Парламентарното мнозинство, силно посветено на зацврстување на унитарноста, суверенитетот и стабилноста на Република Македонија, ја декларира својата силна политичка волја за формирање на реформска влада која ќе се фокусира на заедничките стратешки приоритети на Република Македонија, членство во НАТО и Европската унија и ќе обезбеди брзо и одржливо надминување на политичката криза преку обезбедување реална поделба на власта, функционирање на правната држава и градење на силни и професионални институции.
Ова стои во воведниот дел на владината програма, што мандатарот Зоран Заев ја предложи до Собранието, кое во однос на неа и на новиот владин состав треба да расправа и да гласа утре и задутре.
„Политичките партии даваат целосна поддршка за формирање на Владата на Република Македонија која, целосно почитувајќи го Уставот на Република Македонија и нејзините меѓународни обврски, ќе работи на обединување на сите политички сили зад платформата за европска и евроатланска Република Македонија. Политичките приоритети на Владата ќе се потпрат врз препораките од Извештајот на Прибе, како и Итните приоритети дефинирани од Европската унија. Парламентарното мнозинство ќе биде посветено на изградбата на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебно почитување и толеранција и спроведување на Охридскиот рамковен договор“, се наведува во програма.
Во неа се додава дека „ваквата реформска агенда ќе ги овозможи заедничките цели кои ги споделуваат граѓаните на Република Македонија – подобар живот на сите граѓани, развој на економијата, враќање на демократијата, владеење на правото и на правдата, еднаквост на граѓаните, ефикасни институции, квалитетно образование и здравство, како и подобрување на меѓународниот углед и позиција на Република Македонија.
Во прилог е целиот текст од програмата за работа на владата 2017-2020:
Економски раст, повеќе работни места, повисок стандард
Главен фокус на Програмата на Владата на Република Македонија за периодот 2017-2020 година ќе биде развојот на економијата и подигнувањето на животниот стандард на граѓаните.
Владата има цврста определба за поддршка на домашните претпријатија, пред се на малите и средните претпријатија, кои инвестираат и отвораат работни места. Деловната клима ќе се ослободи од политички притисоци и репресии, а ќе се работи и на поврзување на домашните претпријатија со странските во технолошко-индустриските зони. Посебно внимание Владата ќе посвети на зголемувањето на вработеноста во економијата. Со активните мерки за вработување се планира годишно да бидат вработени по 16 илјади лица во приватниот сектор.
Определба на Владата е да настојува да се подигне нивото на платите во економијата. На крајот на мандатот минималната плата во економијата треба да ги покрива неопходните трошоци за живот. Растот на платите треба да прави притисок продуктивноста во економијата да се зголемува. Паралелно со овој процес ќе се обезбедува заштита на работничките права.
Развојот на економијата не може да обезбеди подигнување на животниот стандард на граѓаните, ако неговите плодови се неправедно распределени. Владата има за цел постепено да внесува праведност во двата клучни механизми за редистрибуција во економијата – даночниот и социјалниот систем. Промените во даноците и социјалните трансфери ќе бидат воведувани заедно со подобрувањето на ефикасноста на институциите.
Првиот чекор во подобрување на ефикасноста на институциите е обезбедување на целосна фискална транспарентност. Таа претставува и клучниот приоритет во работата на Владата во првата година на мандатот. Дополнително, фискалната транспарентност ќе овозможи јавноста да добие и јасна претстава за вистинската состојба на јавните финансии.
Праведен даночен систем
Целта на Владата во следниот четиригодишен период е обезбедување на поголема праведност во даночниот систем, со намера да се врши корекција во неправедната распределба на доходот и општественото богатство. Промените во даночниот систем ќе бидат воведувани паралелно со обезбедувањето на транспарентност во трошењето на парите на граѓаните преку државниот буџет, а ќе бидат превземени следните поважни мерки:
-
Воведување на поправеден персонален данок на доход со две стапки (10% и 18%) што ќе содржи и враќање на платениот персонален данок на доход за граѓаните кои имаат многу ниски месечни лични доходи. За мнозинството граѓани ќе остане стапката од 10%, а дополнителната стапка од 18% ќе се воведе само за дополнителниот приход на лицата со највисок доход.
-
Укинување на максималната горна граница за плаќање на придонесите на плати.
-
Воведување на можност даночната стапка на данокот на имот за резидентен и нерезидентен недвижен имот со пазарна вредност повисока од 400.000 евра да се зголемува за 0,1 процентен поен. Ќе биде воведено и поправедно оданочување при поседување на повеќе имот.
-
Зголемување на стапката на акцизата на патнички автомобили во вредност повисока од 40 илјади евра.
Владата на Република Македонија ќе воведе нов систем „Повеќе пари кај граѓаните” со кој на граѓаните ќе им се враќаат по 15% од платениот ДДВ, со исклучок на данокот остварен при купување на лускузни производи. Системот ќе содржи ограничувања кои ќе спречат злоупотреби и поголемо раслојување.
Нови работни места и повисоки плати
Основни цели на Владата во областа на трудот во периодот на мандатот се: вработување во приватниот сектор на 64.000 лица со помош на активни мерки, подигнување на минималната плата на 16.000 денари (до крај на мандатот) и обезбедување на поголема заштита на работничките права. Дел од мерките ќе стимулираат исплата на повисоки плати со цел просечната нето плата во Република Македонија да порасне до 30.000 денари. Ќе бидат превземени следните поважни мерки и активности:
-
Зголемување на минималната плата на 12.000 денари во првата година на мандатот и таа ќе важи и за трите оддели со најниски плати. Ќе биде воведена буџетска финансиска поддршка за одделите со најниска плата со цел нивно постепено прилагодување на оваа обврска.
-
Алоцирање на 22 милиони евра за активни мерки за вработување. Ќе се настојува сумата да расте секоја година, со цел на крајот на мандатот да изнесува 33 милиони евра.
-
Стимулирање на отворање на подобро платени работни места. Ќе се воспостави поддршка на малите и средни претпријатија при вработување на невработени лица, која ќе има за цел отворање на нови работни места, вбризгување на ликвидност во претпријатијата и полнење на фондот за ПИОМ. Поддршката ќе се реализира за три различни категории невработени лица и ќе подразбира финансиска поддршка од 72.000 до 162.000 денари (кои претпријатието ќе ги добие уште на почетокот), под услов на лицето да му исплаќа 12 месеци бруто плата која е повисока од просечната плата во претходната година.
-
Воведување на проект „Гаранција за младите”, кој ќе обезбеди во период од четири месеци по завршување на школувањето или станување невработен секој млад човек да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да стапи на пракса или тренинг за подготовка за вработување.
-
Донесување на нов Закон за работни односи посветен на обезбедување вистинска заштита за работниците. Со него ќе се воспостави и регистар за прекувремени работни часови во УЈП, колективните договори ќе станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите ќе можат да се регистрираат само во Централен регистер.
-
Донесување на Закон за социјално претприемништво преку кој ќе се олесни пристапот до пазарот на труд за социјално ранливи категории на граѓани. Социјалните претпријатија ќе нудат можност на ранливите групи да управуваат со претпријатието, да донесуваат одлуки за управување со остварените приходи и нивното инвестирање во социјални цели.
-
Со законски измени ќе се ограничи времетраењето на Договорите за вработување на определено време и тие ќе бидат поврзани со работното место, а не со извршителот. Ако се работи за ново работно место, Договорот за вработување на определено време по 6 месеци ќе мора да се трансформира во вработување на неопределено време.
-
Со законски измени ќе се обезбеди работниот однос што непрекинато трае подолго од 9 месеци (сезонски работници) и ќе продолжи во следната календарска година, да се трансформира во работен однос на неопределено време.
-
Висината и бројот на отпремнини за работникот во случај на прогласување на технолошки вишок ќе бидат зголемени за 20%.
-
Одредување на забрана за ново вработување во период од 2-3 години, во случај на прогласување на технолошки вишок, за истото работно место. Доколку работодавецот има потреба да вработи лице на исто или слично работно место, тогаш прво ќе мора да го контактира лицето кое го отпуштил врз основа на технолошки вишок.
-
Донесување на законско решение со кое што ќе бидат заштитени вработените во случај на несолвентност на нивниот работодавач.
-
Вклучување на родовата перспектива во колективното договарање на сите нивоа, заради дополнително унапредување и заштита на жените работнички.
-
Гарантирање на враќање на истото работно место по породилното отсуство и задржување на истото во наредната година.
-
Унапредување на работното законодавство со дополнителна заштита на бремените жени работнички.
-
Овозможување на заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители за првите 1-3 месеци (по истекот на 3. месеци, мајката или таткото продолжува до крајот на породилното отсуство). Во случај на раѓање на близнаци/тројки, родителското (заедничко) отсуство трае од 3-6 месеци (по истекот на 3. месеци, мајката или таткото продолжува до крајот на породилното отсуство). За второ/трето родено дете (не во исто време), родителското (заедничко) отсуство ќе трае од 3-6 месеци (по истекот на 3-6 месеци мајката или таткото продолжува до крајот на породилното отсуство).
Поддршка на домашните претпријатија
Приоритет на Владата во економијата ќе биде развојот на домашните претпријатија, пред се на малите и средните претпријатија. Ќе се создаде здрава и предвидлива деловна клима, без политички притисоци и репресии. Посебно внимание ќе се посвети на позврзување на домашните претпријатија со странските во технолошко-индустриските зони. Нашата цел е остварување на просечна стапка на раст на економијата повисока од 5% во периодот на мандатот.
За таа цел, Владата ќе ја зголеми државна поддршка за поттикнување на домашните претпријатија на 20 милиони евра во првата година, а ќе се настојува таа да достигне 50 милиони евра во последната година од мандатот. Овие средства ќе бидат дополнети со надворешни кредитни линии.
Домашните претпријатија се соочуваат со проблемот на неисплатени обврски од страна државата по основ на фактури и поврат на ДДВ. Проценките на стопанските комори околу висината на овој долг се застрашувачки и сведочат за сериозен проблем за домашната економија. Затоа, Владата во првите 100 дена од мандатот ќе го објави вкупниот износ на сите акумулирани доспеани обврски на државата. Веднаш ќе се изработи план за нивно плаќање со јасни рокови, а Владата ќе води политика на навремено плаќање на доспеаните обврски. Не може да бараме фискална дисциплина од претпријатијата и граѓаните, а државата истата да не ја почитува.
Создавањето на поволна деловна клима Владата ќе го помага и со политики на соработка со бизнис-секторот, недискриминација, зголемена ефикасност и транспарентност на институциите и целосно почитување на правната држава. Тоа меѓу другото ќе значи:
-
Воведување на постојани канали на комуникација меѓу бизнис-заедницата и владата. Владата и бизнис-заедницата ќе имаат редовна комуникација за консултации пред измените или носењето на нова регулатива. Системски и отворен дијалог со бизнис-заедницата ќе значи и целосна примена на Националниот електронски регистар на регулативи (ЕНЕР). При тоа, ќе се зголеми минималниот број денови за консултација на 20 до 30 дена.
-
Скратените собраниски постапки на носење закони кои создаваат правна несигурност и регулативен баласт на претпријатијата ќе станат исклучок и за нив ќе бидат предвидени посебни ограничувања. При промени на законите ќе се предвидат и периоди за приспособување за претпријатијата, особено малите и средните претпријатија. Собранието ќе изготвува пречистени законски текстови според сугестиите на НВО, синдикатите и коморите.
-
Реформирање на механизмот за проценка на влијание на регулативата (ex-post), со задолжително учество на НВО и бизнис-заедницата.
-
Клучните институции кои влијаат на деловната клима ќе започнат со објавување на официјални и правнообврзувачки упатства за примена на законите во нивната област. Тие ќе мораат да ги објават сите релевантни закони, подзаконски акти и интерни постапки на својата веб-страница.
-
Елиминирање на сите непотребни документи кои ги бараат институциите во управните постапки. Така ќе се намалат дополнителните трошоци, а вкупната цена на услугите ќе биде јасно прикажана. Претходно, институциите ќе ја консултираат бизнис-заедницата околу постапките кои им задаваат најголеми проблеми или најдолги процедури.
-
Целосно електронски ќе се издаваат 50 најчесто издавани потврди или документи, а за секоја постапка поединечно јавно ќе се објават чекорите во постапка и кои службеници се задолжени за постапување.
Владата ќе ја промени казнената политика и ќе инсистира дека нејзин темел ќе е превенцијата. Инспекциските служби нема да бидат инструмент за репресија и политички притисоци. Изборот на правните субјекти кои ќе бидат контролирани ќе се спроведува по случаен избор или по пријава со цврсти докази. За елиминирање или намалување на степенот на субјективноста во вршењето на инспекциски контроли, ќе се воведе јавен регистер на инспекциски контроли кои ги вршат државните органи и инспекции. Ќе постои прво – опомена за сторен прекршок; само при негово повторување – казна. Казните ќе бидат пропорционални на приходите и на големината на деловните субјекти.
Владата ќе го помогне развојот на домашните претпријатија, особено малите и средни и со следниве мерки:
-
Зајакнување на финансискиот и кадровскиот капацитет на Агенцијата за поддршка на претприемништво, со цел да се постигне делегирање на права и обврски за координација на спроведувањето на политиките за развој на малите и средни претпријатија (МСП).
-
Македонската банка за поддршка на развојот (МБРП) ќе се докапитализира со цел да се зголеми кредитната поддршка и нејзината способност за реализација на гарантна шема.
-
Создадавање на интерминистерски совет од министерствата кои имаат надлежности за работењето на малите и средните претпријатија. Советот ќе биде надлежен за координација на договорените активности за унапредување на работењето на МСП.
-
Обезбедување на мерки за забрзување на постапката за отпочнување на стечај.
-
Воведување на Кредитен правобранител, кој треба да го подобри дијалогот помеѓу малите и средни претпријатија и кредитните институции.
-
Обезбедување на вистинска контрола на производите кои се увезуваат, заради спречување на нелојалната конкуренција и спречување на праксата трговците само формално да даваат изјави за усогласеност со сертификатот.
-
Намалување на фирмарината за претпријатијата со помалку од 5 вработени со што ќе се намалат трошоците на работењето и ќе се поттикне започнувањето свој бизнис.
-
Директна советодавна помош преку Агенција за поддршка на претприемништвото на Република Македонија која ќе биде вистински сервис на малиот бизнс.
-
Воспоставување на соодветна гарантна шема преку МБПР за инвестициски кредит и кредит за обртни средства за мали и средни претпријатија.
-
Воспоставување на микро кредитна линија за поддршка на старт-ап и микро компании, како и кредитни линии за проектите „Франшиза“ и „Мешовити инвестиции“.
-
Основање на инвестициски фонд за вложување во старт-ап бизниси и МСП со малцинско учество на државата, а преку 51% да биде во приватна сопственост на заинтересирани приватни субјекти.
-
Воспоставување на механизам за поддршка на инвестициските проекти на домашните претпријатија до износ од 25% од збирот на вкупниот трошок за инвестиција и бруто трошокот за секое ново работно место. Поддршката ќе се одвива преку два канала: (а) директна поддршка во износ од 1.000 до 2.000 евра, во денарска противвредност, врз основ на висината на платата за секое новоотворено работно место, каде работодавачот презема обврска да исплаќа бруто плата во период од 2 години; и (б) ослободување од плаќање на данок на добивка и имот во наредните 5 години.
-
Олеснување на работењето на малите и средните претпријатија во руралните средини преку финансирање на инфраструктурни проекти.
Владата ќе подготви и стратегија за развој на активниот туризам каде лежи потенцијалот на силен локален економски развој, како и отварање нови и подоброплатени работни места. За таа цел, ќе се имплементира Законот за просторен план за зачувување на атрактивните природни ресурси кои се клучни за овој туризам; ќе се поддржат активности за чистење на туристичките центри; ќе се уредат сопственичките односи и стават во употреба детските одмаралишта и планинарските домови и слично.
За развивање на претприемништвото, Владата ќе овозможи отварање на деловни старт-ап центри во сите поголеми општини, во коишто државата ќе обезбеди деловен простор за повеќе новоосновани компании, заедно со инфраструктура и заеднички служби (одржување, архива, сметководство и сл.) коишто ќе бидат бесплатни за учесниците во центарот.
Можност за основање посебен вид трговско друштво со минимален износ на основна главнина од 1 евро. Овие трговски друштва ќе имаат определена, видно обележана ознака, за секој што ќе соработува со ваков тип на деловен субјект да знае дека неговиот основачки капитал е 1 евро.
На фирмите што ќе инвестираат, а кои имаат таква потреба, ќе им се дадат на користење неискористени парцели државно земјиште. Бројот на парцели, што би се дале на поединечна фирма, ќе зависи од условите што ќе ги исполнат фирмите (големина на инвестицијата и број на нови вработувања).
Владата ќе предложи укинување на давачките при увоз на опрема наменета за нови проекти што ангажираат работна сила во недоволно развиени општини, како и за дејности кои се обединети во кластери. Воедно, ќе се обезбеди директна финансиска поддршка за повисока доработка на примарното земјоделското производство. Ќе се стимулира здружување на примарните производители, како и на преработувачките компании коишто ќе инвестираат во капацитети и опрема за производство на продукти со домашни суровини.
Државата ќе го поддржува развојот на домашните претпријатија и со соодветна реформа кај јавните набавки. Ќе се зголеми нивната транспарентност и ќе се елиминираат однапред скроените тендери за фаворизираните фирми. Дополнително:
-
Јавните институции ќе прават анализа на пазарот на понуда пред да ги објавуваат тендерите. Ако за нивните потреби има соодветна замена (производ или услуга) што може да го понудат домашните компании, тогаш самиот тендер ќе треба да преферира такви производи и услуги.
-
Прекинување на праксата на политичко фаворизирање на едни исти компании кои ја гушат конкуренцијата. Затоа ќе биде олеснет основниот критериум (годишен обрт), како услов за учество на тендерите бидејќи тој главно се злоупотребуваше за елиминирање на конкуренцијата.
-
Секогаш кога е возможно, а без да се наруши квалитетот на набавката, големите тендери ќе се делат на повеќе лотови на кои би можеле да конкурираат МСП. Во исто време, ќе се ограничи бројот на лотови за кои една компанија може да конкурира.
-
Ќе се применува принципот на вредност за парите (value for the money), а не по автоматизам да се прифаќа најниската цена.
-
Ќе се намали информативната асиметрија која ги погодува МСП преку поедноставување на процедурите за конкурирање и брз проток на информации.
Економскиот раст зависи од вложувањата во наука и истражување, како и во развој на новите технологии и индустрии со поголем поврат на инвестицијата. Затоа, Владата ќе финансира најмалку 10 истражувачки проекти годишно, понудени од научните институции, а прифатени од стопанските комори во Македонија.
Ќе се поддржат услужните активности со поголема додадена вредност (ИТ компании, телекомуникации, архитектура, и сл.) преку покривање до 50% од трошоците за опрема неопходна за нова инвестиција, до максимален износ од 50.000 евра. Владата ќе предложи даночни олеснување за сите ИКТ компании кои извезуваат софтвер и услуги и намалување на данокот на добивка за информатика и информациони технологии на 5%. Со тоа ќе се овозможат нови вработувања, зголемен девизен прилив и градење нови ИТ компании.
Во соработка со ИКТ заедницата во Македонија, Владата ќе финансира иновативни решенија кои ќе ја зголемат ефикасноста на политиките во: 1) земјоделството, 2) образованието и 3) внатрешните работи.
Владата ќе поддржи отворање на технолошко-развоен истражувачки центар за согледување на предностите на македонските мали и средни претпријатија во однос на европските и за елиминирање на сегментите во кои тие заостануваат, како што се амбалажата, маркетингот, почитувањето на роковите за испорака, нивото на квалитет, конзистентните менаџмент техники итн. Ќе се зголеми искористувањето на странските фондови за техничка помош, како и оние кои се на располагање на домашните претпријатија за воведување нови технолошки процеси, зголемување на продуктивноста и сл. Владата ќе обезбеди линии за финансиска поддршка на претпријатијата за лансирање нови производи и нов производен дизајн, воведување модерни производни методи и методи на контрола на квалитетот, модерна логистика и дистрибуција, како и стекнување сертификати за квалитет и промоција на домашните производи.
Владата ќе води активна и транспарентна политика на привлекување странски директни инвестиции. Ќе се стимулира привлекување на инвестиции со поголема додадена вредност, кои обезбедуваат поврзување со домашните претпријатија. При тоа, Владата ќе објави детална cost/benefit анализа од вложувањата и придобивките од процесот на привлекување на странските компании досега, особено за оние кои користат државна помош.
Владата ќе предложи даночни олеснувања за инвестирање од страна на граѓаните кои заминале на работа во странство. За таа цел ќе се користат и средствата од инвестицискиот фонд за старт-ап бизниси и МСП, како и гарантната шема на МБПР.
Социјална заштита
Клучна цел на Владата во областа на социјалната политика е да се намали стапката на сиромаштија под 16% во 2020 година. Во социјалната политика ќе бидат воведени мерки кои ќе ги извлекуваат корисниците од сиромаштија, а посебно внимание ќе се посвети на обезбедување на транспарентност на системот.
Владата ќе воспостави функционална мрежа на институции за социјална заштита блиски до граѓаните и соодветни на нивните потреби, при што дел од надлежноста ќе се префрли на локалната самоуправа која е поблиска до нив и побрзо се прилагодува на потребите. Мрежата ќе опфаќа социјални услуги за поддршка и палијативна грижа за стари лица, центри за нега, грижа и вклученост, центри за лица со попреченост, заедници за домување на лица со попреченост над 26 години, услуги за заштита од родово базирано насилство и услуги за заштита на други групи на граѓани кои имаат потреба, а кои се во некој социјален ризик.
Владата ќе го постави системот на 8 регионални агенции за исплата на материјалните права од системот на социјална заштита. Воедно, ќе се воведе принципот на семеен социјален работник, близок со граѓаните кој работи на превенција и интервенција. Бројот на опфатени семејства од страна на секој социјален работник се предвидени со стандарди и нормативи кои за првпат гарантираат квалитет на социјалната работа во Македонија, како за граѓаните, така и за стручните работници.
Владата ќе понуди решение на проблемот на стечајните работници и ќе обезбеди паричен надоместок на сите категории стечајни работници кои имаат најмалку 15 години стаж и старост од 52 години за жени и 55 години за мажи.
Владата ќе предложи намалување на надоместокот за извршителите и за должниците кои се социјални случаи и извршувањето ќе биде без наплата на извршителска тарифа. Ќе се воведат ограничувања според кои судските такси и трошоци нема да можат да бидат повисоки од 20% од спорот, а кумулативот на каматите нема да смее да биде повисок од висината на главнината, за сите семејства чии просечен месечен приход е понизок од една просечна месечна плата.
Во социјалната политика Владата ќе ги спроведе и следните мерки и активности:
-
Воведување на Програма за минимален адекватен приход.
-
Воведување на социјална дебитна картичка – Солидарност.
-
Законски измени со цел воведување право на користење, не на сопственост, на социјалните станови. Социјалните станови ќе прераснат во колективни станбени заедници коишто ќе бидат управувани од локалната самоуправа. Право на користење ќе имаат граѓани кои се во системот на социјална заштита и граѓани со ниски примања, како и млади партнерски заедници и лица со попреченост кои не поседуваат друг имот.
-
Отворање на преноќувалишта и пунктови за храна за бездомните лица, во соработка со националните и локалните здруженија на граѓани во сите општини каде што има потреба.
Во поглед на пензискиот систем, Владата ќе го стабилизира Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и ќе гарантира редовна и одржлива исплата на пензии. Усогласувањето на пензиите ќе се врши два пати годишно, а ќе се воведе можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намалување на надоместокот за пензија.
Владата ќе настапи со предлог за воведување на државна социјална пензија за секое лице над 65 години старост кое во последните 20 години живеело на територијата на Република Македонија и не ги остварува условите за старосна пензија.
Ќе се модернизираат здравствените и службите за нега на стари, изнемоштени и болни лица во поглед на подобрување на нивната пристапност, квалитетен одговор на новите и конкретни потреби на жените и мажите. Ќе воведеме субвенционирање на сместување во старски домови за пензионерите со ниски примања, без поддршка од семејството и без сопствен имот.
Владата ќе иницира воспоставување на пензионерски заедници, со организирано домување на стари лица во населби во кои домувањето ќе биде обезбедено по поволни цени, со лесно достапни медицински и други служби, со понуда на прехранбени продукти по поволни цени.
Владата ќе ги поддржува еднородителските семејства со флексибилно работно време за родителот и ослободување од дел јавни давачки (такса, јавен превоз, надомест во градинка) на еднородителските семејства со плата пониска од просечната плата. Ќе се создаде Државен фонд за исплата на законска издршка на деца. Во случај родителот да не ја исплаќа издршката навреме, Фондот ќе ги исплати средствата кои потоа ќе ги наплати од неплаќачот. Со ова, ќе се гарантира навремена исплата на сите законски издршки од страна на родителите кон децата.
Дополнително, ќе се нудат бесплатни сервиси за еднородителските семејства со потпросечни примања на локално ниво за поддршка во секојдневното функционирање на овие граѓани.
Владата ќе воведе програма за индивидуална поддршка на деца од семејства кои се во системот на социјална заштита и семејства со ниски примања, како поддршка на семејствата кои се во зголемен ризик. Исто така, ќе се обезбеди мрежа на професионални згрижувачки семејства на кои им е регулиран работниот однос во договор со државата.
Ќе се промовираат регионални мали групни домови за децата чиј социјален ризик не дозволува згрижувачко семејство. Интервенциите и третманот ќе бидат во насока на градење капацитети и вештини на детето преку посебен пристап за повторно вклучување во општеството.
Владата на Република Македонија ќе го подобри системот на заштита на лицата со посебни потреби, по широки консултации со невладините и професионални организации. Меѓу другото, тоа ќе подразбира:
-
Зголемување на износот на средства за заштита на правата на лицата со посебни потреби за 50% во периодот на мандатот.
-
Обезбедување на правото на посебен додаток до 26 година по автоматизам да премине во право на помош и нега од друго лице, што иако е предвидено во Законот за социјална заштита, во пракса не функционира.
-
Лицата кои користат посебен додаток по навршување на 18 годишна возраст ќе добијат можност да го остварат и правото на постојана парична помош.
-
Трошењето на парите од посебниот фонд за вработување на инвалидни лица во АВРМ ќе биде транспарентно и јавно објавено.
-
Реорганизирање на дневните центри за лицата со попреченост. Ќе се изработат јасно дефинирани нормативи за видот на групите според категоријата на вклучување, според возраста, според бројот што треба да го има една група. Ќе се донесат посебни планови и програми за активностите на групите во Дневните центри, според категории и области на обработка на програмите. Ќе се усвојат нормативи за неопходниот стручен кадар кој ќе работи во Дневните центри, како и за потребните технички ресурси.
-
Законски ќе се гарантира воведување на специјален едукатор во секоја градинка и училиште каде што има деца со попреченост со цел адекватна поддршка на децата и семејствата.
-
Навремено рефундирање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување по основ на вработување на заштитните друштва.
-
Почитување на квотите за вработување лица со посебни потреби во јавната администрација, со уважување на стручните мислења издадени од центрите за социјална работа, за приоритет при вработување.
-
Лекарската комисија ќе ги посетува дома лицата кај кои треба да се обезбеди додаток за мобилност, слепило и глувост, а веќе има воспоставено дијагноза.
-
Обезбедување на право на додаток и за лица со тешка и најтешка интелектуална попреченост.
-
Создавање на систем за проценка на специфичните потреби (категоризација) на деца со попреченост базиран врз Меѓународната класификација на функционалност. Моделот ќе има за цел функционално да ги определи специфичните карактеристики на децата со попреченост, но не според она што не го можат, туку според нивните преостанати способности, т.е. според она што го можат (функционално оценување).
-
Со законски измени ќе се обезбеди скратеното работно време за родителите на деца со попреченост да продолжи и после 26 години.
-
Отворање на центри за ран детски развој кои ќе ги опфаќаат децата на рана возраст, веднаш после раѓање, чијашто основна функција ќе им биде развојот на способностите на децата со одделен вид попреченост (церебрална парализа, аутизам и др.).
Владата ќе финансира отворање на преноќувалишта и пунктови за храна за бездомните лица, во соработка со националните и локалните здруженија на граѓани во сите општини каде што има потреба. Ќе се изработи закон, по урнекот на Франција, што ќе овозможи донирање на храна од страна на супермаркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите.
Република Македонија – членка на НАТО и Европската унија
Членството во НАТО и ЕУ се наши стратегиски определби. Тие значат и подобар стандард, модерни закони, поголеми плати, безбедност на државата, сигурност кај граѓаните, нови инвестициии, слободно движење. Тие се и гаранција на приватната сопственост, слободата и независноста на човекот, правна и економска безбедност. Членството во НАТО и во ЕУ ќе значи и крај на партиско судство и обвинителство, партиски медиуми и олигарси.
Наш државен приоритет е Република Македонија да биде суверен, почитуван и просперитетен меѓународен субјект. Владата има јасна визија за реализација на стратегиските цели: сестран развој на односите со соседите и интегрирање на државата во европските и евроатлантските структури.
Зацртаните стратегиски определби на Република Македонија, ќе ги оствариме само со иницијативи и конкретни чекори на добро осмислена и реална, државнички и професионално водена надворешна политика. Само така ќе се надминат предизвиците и заканите по развојот и безбедноста. Само ваквата политика може да претставува реален фактор во промоцијата на нашите стратешки интереси на глобален план.
Последниот извештај на Европската комисија целосно се потпира на наодите на експертскиот извештај на тимот на Рајнхард Прибе. За состојбите во Република Македонија недвосмислено се посочува на фактот дека државата е слеана со партијата на власт, и дека во неа владее организиран криминал, корупција и масовно прекршување на основните човекови права и слободи.
Владата на Република Македонија ќе започне сериозна и силна меѓународна активност со цел Македонија да добие можност да започне преговори со ЕУ во тек на следната година. Таа активност ќе вроди со плод само ако е следена со видлива домашна реформска агенда. Од тие причини, нашите клучни стратешки одлуки ќе се базираат врз препораките на Извештајот на Прибе и итните препораки на ЕУ, како и препораките од Пристапниот дијалог на високо ниво со ЕУ. Во таа смисла, Владата ќе започне одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупција, темелни реформи во насока на владеењето на правото и градење на независни институции кои ќе обезбедат еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите на Република Македонија.
Владата на Република Македонија до Собранието на Република Македонија ќе предложи Национална стратегија за надворешната политика на Република Македонија до Собранието на Република Македонија. Целта ќе биде за оваа Стратегија да се обезбеди широка дебата и консензуална поддршка. Крупните надворешно-политички теми постојано ќе се дебатираат во законодавниот дом и за нив ќе бараме повеќепартиска согласност.
Врз основа на таа стратегија, Владата ќе го трансформира учеството на Република Македонија од пасивен учесник во активен чинител во Берлинскиот процес и ќе се ангажираме и во спроведувањето на Агендата за поврзување на регионот која е дел од него.
Станува јасно дека интеграциите, развојот и безбедноста на државата силно зависат од добрите и продуктивни односи со соседите. Владата на Република Македонија ќе наметне нова динамика во односите кон своите соседи, ќе инсистира на конструктивна соработка во сите сфери на билатерален и на регионален план.
Владата ќе ги вложи сите државни потенцијали да ја врати позитивната клима и довербата во односите, како со ЕУ и со САД, така и со сите соседи за да ја врати Република Македонија на позицијата лидер во регионот.
Владата нема да дозволи на меѓународен план, на кој било граѓанин на Република Македонија да му се оспорува неговата етничка, културна, јазична, религиозна, родова или друга определба. Оваа визија е во склад со сите цивилизациски придобивки. Ќе ги вложиме сите напори за остварување на истото во односите со соседите – за добробит на сите во регионот и, пошироко, во Европа.
Поаѓајќи од Уставот на Република Македонија, за прашањата од највисок државен и национален интерес, Владата активно ќе гради консензус на сите релевантни чинители во државата. Таа реално и активно ќе се ангажира за надминување на наметнатиот спор од страна на Грција, но нема да прифати никаков разговор за идентитетски прашања. За можните решенија ќе ги консултираме граѓаните.
Владата никогаш нема да дозволи обиди за промена на националниот, јазичниот и културниот идентитет на македонскиот народ, како и на која било етничка заедница во Република Македонија. Владата ќе се фокусира на регионалната и добрососедската соработка. Така, за подобрување на регионалниот развој и стабилност, ќе ја засилиме сестраната размена и соработка со соседите во сите области преку засилено учество и влијание во сите регионални иницијативи, сериозен и активен пристап кон проектите од инфраструктурата, енергетиката и телекомуникациите, прекугранични развојни зони како поддршка на развојот на руралните, односно пограничните региони во Република Македонија (со користење на фондовите на ЕУ), обновување на иницијативите за нови гранични премини кон соседните земји и промовирање на нови меѓународни и локални премини за пограничното население.
Владата ќе се грижи и за состојбите со македонското национално малцинство во соседните земји преку Министерството за надворешни работи. Ќе ја возобновиме поддршката во образованието, културата и јазикот, со книги, учебници, наставници, лектори и претстави, секако без мешање во внатрешните работи на соседите и со нивно целосно почитување. Ќе ги засилиме врските со дијаспората и преку финансирање на часови по мајчин јазик во ДКП-ата во градови каде е изразен доволен интерес за тоа. Ќе се возобноват лекторатите за македонски јазик, литература и култура кои беа занемарени и заборавени од државата овие години.
Врските со нашите иселеници ќе ги подобриме и преку т.н. „виртуелни конзулати“ во кои услугите неопходни за нив ќе бидат лесно достапни, заедно со неопходните информации. Секоја амбасада или конзулат ќе мора да имаат систем за достапен и ефикасен контакт и одговор. Воедно, ќе го ревитализираме запоставениот процес на правно советништво на нашата дијаспора со фокус на меѓународните стандарди и следење на одлуките на меѓународните инстанци, и посебно Европскиот суд за човекови права.
Согласно стратегиските цели и анализата на сегашните состојби, Владата ќе направи нова, политички и финансиски оптимална, а пред сè ефикасна дипломатска мрежа на државата. Ќе се засилат амбасадите во земјите од стратешко значење за Република Македонија, а изборот на дипломатски кадар ќе се базира на почитување на професионалниот и човечкиот квалитет. Надворешната политика на Република Македонија ќе има јасни цели, дефинирана координација и професионална дипломатска мрежа. Владата ќе изготви план за купување на објекти во следните 4 години за неопходните потреби на ДКП.
Нашиот пристап предвидува развој на култура за дебата и целосна транспарентност во процесот на пристапување кон Европската унија. Уште во првата година ќе се иницира процес на именување на Главниот преговарач со ЕУ по можност избран со консензус меѓу власта и опозицијата, кој ќе започне со изготвување на преговарачки позиции за поглавјата судство и темелни права (23) и за правда, слобода и безбедност (24).
Спроведувањето на Стратегијата за Југоисточна Европа 2020 ќе добие заслуженото место и за неа ќе се распределат соодветни средства. Како дел од новите регионални иницијативи на Република Македонија, ќе предложиме воспоставување на Регионален родов омбудсман кој ќе се грижи за реализација на политиките за еднакви можности на жените и мажите на Западен Балкан и создавање на Регионална политичка академија за градење капацитети на политичките партии, финансирана преку ИПА при што ќе ја предложиме Македонија за нејзин домаќин.
Европската финансиска поддршка ќе биде ставена во функција на европеизација на целата држава. ИПА нема да биде инструмент со којшто се подготвува само јавната администрација за спроведување на преговорите за членство во ЕУ, туку ќе ги изгради капацитетите на сите чинители во општеството. Тоа значи дека покрај државните институции, средства мора да се обезбедат и за општините, училиштата, синдикатите, маргинализираните групи, работодавачите, невработените, малите и средните претпријатија, граѓанските организации, универзитетите и истражувачките институции, па дури и за неформалните групи на граѓани.
Владата веднаш ќе изготви целосен и јавен извештај во кој ќе го објавиме точниот износ на изгубени (неискористени) средства од фондовите на ЕУ и со тоа ќе го отвориме процесот на зголемена транспарентност во нивното раководење и искористување. Во координација со Европската комисија ќе понудиме инструменти за побрзо и целосно искористување на ЕУ фондовите..
Ќе формираме посебен тим кој ќе се посвети на искористување на средствата и поволностите што ги нудат инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и помошта за изработка на инфраструктурни проекти во европските региони (JASPERS).
Владата ќе инвестира во тимови кои ќе работат како ЕУ рамковни консултанти, преку нивна обука во странство. Тие ќе им помагаат на целните групи во подготовката на европските проекти на пример на малите и средни претпијатија за учество во КОСМЕ; на студентите, учениците, професорите, универзитетите за учество во Еразмус плус; за истражувачките центри, универзитетите, претпијатијата, иноваторите за учество во Хоризонт 2020; за продукциските куќи и медиумите за учество во програмата Медиуми; за социјалните иновации на граѓанското општество, општините, јавните претпријатија за учество во програмата EaSi; за културните центри, продукциски куќи, уметници, театри за учество во програмата Култура; за Царинската управа за учество во програмата Царина; за Управата за јавни приходи за учество во програмата Фискалис; за општините и регионите за учество во програмата во Механизмот за цивилна заштита итн.
Сите кои ќе можат да привлечат дополнителни средства од другите европски фондови, ќе бидат поддржани со соодветни мерки – од аплицирање до реализација. За таа цел и за полесно искористување на европските фондови, ќе се воспостави таканаречен Фонд за развој, кој ќе гради капацитети на идните корисници на европски средства, ќе обезбедува кофинансирање (што е основен проблем во моментот кога станува збор за ИПА и за другите европски програми како Хоризонт, COSME, EaSI, Еразмус плус, Европа за граѓаните, Креативни индустрии, Медиуми итн.). Фондот ќе биде поврзан и со Активните мерки за вработување на Република Македонија, особено во делот на кофинансирањето и со гаранцијата за млади.
Владата ќе го поттикнува таканаречениот ваучер систем, особено погоден за земјоделците при искористувањето на ИПАРД средствата. Имено, наместо да очекуваме земјоделците да пишуваат проекти, владата ќе обезбеди средства за консултантите кои треба да и` помогнат на оваа целна група. Земјоделците ќе добијат ваучер со којшто ќе го платат консултантот, а тој/таа ќе мора да му биде на располагање 24/7, сè до заокружувањето на проектот.
Одбранбена политика во НАТО контекст
Секторот одбрана беше предводник на реформските активности на Република Македонија во постигнување на стратегиската цел на државата, зачленување во НАТО. Како иницијатор и лидер на Јадранската група, Република Македонија денес е единствената држава од таа група, која сè уште не е членка на НАТО.
Членството во НАТО ќе се врати на врвот на приоритетите на Република Македонија. Ова е стратегиска определба на државата и долгогодишна консензуална цел на сите нејзини граѓани. Зачувувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и унитарниот карактер на Република Македонија, преку одржување на стабилноста и безбедноста, како и учеството на државата во колективните одбранбени системи се темелните принципи на кои ќе се посветиме. Членството во НАТО не значи само безбедност и стабилност на државата. Тоа е основа и главен предуслов за економскиот развој и очекуваните странски инвестиции.
Владиниот пристап ќе подразбира сериозни реформи во одбранбениот систем, во согласност со Стратегискиот концепт за развој на НАТО 2010-2020. Придонесот и учеството на Република Македонија во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН и понатаму останува висок приоритет. Ќе го афирмираме досегашното учество на воените потенцијали на Република Македонија во операциите на НАТО за спречување и надминување на конфликти во светот. Тоа ја вбројува државата во факторите на стабилност во Југоисточна Европа.
Владата на Република Македонија ќе го промени односот кон финансирањето на безбедноста и одбраната. Ќе се фокусираме врз развој на распоредливи и одржливи способности и интероперативност кои се очекуваат од идна земја членка на НАТО. Ќе предложиме посебно законско решение, во согласност со Долгорочниот план за развој на одбраната, за обезбедување на средства во одбраната во висина од 2.3%-2.6% од БДП. Овој износ ќе биде постигнат сукцесивно, во согласност со економската моќ и развојот на државата во наредниот период. Нашиот императив ќе биде реализација на доделените буџетски средства, преку враќање и создавање на потребните услови за целосна примена и имплементација на ППБС – Системот за повеќегодишно планирање, програмирање и извршување на буџетот (Planning, Programming Budgeting System). Во рамките на оваа методологија, нашата тенденција за поделба на буџетските категории ќе биде, всушност, првобитно проектираната: 50% за персонал; 30% за операции, обука и одржување; и 20% за опремување и модернизација на АРМ. Ќе обезбедиме финансиска структура и средства потребни за покривање и зголемување на трошоците на нашите мисии во странство, во согласност со Концептот на НАТО за „паметна одбрана“, како и со Стратегискиот концепт од 2010 година и со препораките од Самитот на НАТО во Велс во 2014 година.
Владата ќе дава поддршка на концептот на мала и професионална армија со интенција за создавање заедничка инкорпорирана структура на персоналот во АРМ и Министерството за одбрана – „staff structure“, преку спроведување целосна функционална анализа. Тоа е предуслов за ефикасност на задачите, работните обврски, функциите и одговорностите, а со цел да се воспостави квалитетен систем на цивилната контрола на армијата, како еден од основните демократски принципи.
Ќе спроведеме целосна департизација на Армијата и МО, преку обезбедување ефикасен систем за управување со човечки ресурси, базиран врз професионализација на персоналот. Еден од столбовите на овој систем е подигнување на стандардот на вработените, мотивација и привлекување на персоналот. Еден од клучните приоритети во делот на управувањето со персоналот е усвојување на Концептот за движење во кариера, којшто е целосно запоставен во МО и АРМ, а има за цел воспоставување на пирамидална структура на воениот персонал.
Владата ќе понуди јасен план за статусот на професионалните војници. Согласно постоечката законска регулатива, професионалните војници се во служба на Министерството за одбрана до навршување на 45 години старост. По овој период, со одлука на Владата и во договор со други државни органи, а согласно нивните потреби, Министерството за одбрана на професионалните војници ќе им обезбедува вработување кај друг работодавец, државен орган, јавно претпријатие, јавна установа, единица на локалната самоуправа и Градот Скопје, фондови, агенции, заводи и други правни субјекти основани со закон, без огласување на работното место, со преземање и склучување договор за работа, на работно место кое одговара на нивната стручна подготовка, односно квалификација.
Владата воедно ќе го промовира и новиот Концепт на мала и ефикасна резервна структура – активна резерва. Ова претставува и една од опциите за решавање на статусот на професионалните војници по навршување на 45 години возраст.
Една од првите задачи ќе биде ревизија на Долгорочниот план за развој на одбраната – 2014-2025, како основен документ за реализација на реформите. Ќе спроведеме ревизија на стратешките документи за реформите во одбранбениот сектор, согласно НАТО стандардите, како и новите предизвици и потреби.
Ќе направиме ревизија на Стратегијата за развој на глобалниот комуникациско-информацискиот систем во МО и АРМ и ќе продолжиме со реализација на оптичката телекомуникациска инфраструктура, документ менаџмент системот, логистичкиот информациски систем, системот за планирање, програмирање и извршување на буџетот, системот на компјутерски базираната обука и други проекти.
Ќе направиме ревизија на постоечкиот План за дивестирање на несуштинските објекти во МО и АРМ. Процесот опфаќа координација на МО со сите цивилни субјекти инволвирани во дивестирањето на несуштинските објекти – државни органи, институции и органи на локалната самоуправа.
Со Проектот за модернизација и опремувањето на АРМ Владата ќе инвестира во набавка на нови хеликоптери и сервисирање на постоечките воздухоплови, неборбени моторни возила, оклопни транспортери на тркала за потребите на нашите мисии во странство и тактички комуникациско-информациски систем за средниот пешадиски баталјон деклариран за учество во мисиите во странство.
Еден од приоритетите е и професионална подготовка и обука на припадниците на АРМ – учесници во меѓународните воени мисии и нивните единици од сите аспекти, со посебен акцент на социјалниот, здравствениот и безбедносниот сегмент на персоналот кој учествува во мисиите.
Новиот концепт за решавање на станбеното прашање на персоналот во АРМ и МО ќе ја дефинира и воспостави станбената политика во АРМ. Овој концепт, пред сè, ќе биде реално одржлив и неговата реализација ќе подразбира задоволување на потребите и интересите на АРМ од аспект на професионално извршување на функциите и задачите на институцијата. Ваквиот концепт ќе значи и задоволување на поединечните потреби на припадниците на АРМ од аспект на решавање на станбеното прашање.
Градиме едно општество за сите
Одредени политичари во изминатите години избраа да водат политика на поделби и предизвикување на конфликти кои луѓето ги поделија на „наши“ и „ваши“. Тоа е политика којашто гради минато, а не иднина. Културните и етничките разлики станаа инструмент за политичка борба и злоупотреби. Конфронтациите го зголемија јазот меѓу различните етнички заедници. Ја засилија и нетрпеливоста меѓу верниците. Се стимулираше и нетрпеливост кон разните општествени малцински или маргинализирани групи, како кон припадниците на ЛГБТ популацијата, со што предизвика дури и изблици на групно и поединечно насилство кон нив од екстремни групи и поединци.
Владата ќе води политика со која Македонија ќе се гради како граѓанска држава на сите што живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други помали заедници. Ќе градиме мултикултурно општество во насока на поголема интеркултурна комуникација и градење дух на почитување и културен плурализам. Ќе работиме врз намалувањето на етничките, социјалните и економските разлики помеѓу заедниците преку проекти со интеграциски цели и преку инвестирање во непристрасна држава.
Ќе поддржиме јазична политика во согласност со потребите и интересите на граѓаните, различните етнички заедници и целата држава. Во таа насока, Владата ќе предложи законски решенија за употреба на јазиците, со кои ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните т.е албанскиот, во рамки утврдени со Амандманот V на Уставот на Република Македонија. Законот ќе ја прошири употребата, јасно ќе ги дефинира обврските на институциите и ќе ги зголеми можностите на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик и со тоа полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права. Воедно, законот целосно ќе ја гарантира и соодветната употреба на македонскиот јазик, но и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа (албански, турски, ромски, српски, влашки и бошњачки). За таа цел, Владата ќе формира државен јазичен центар и соодветен инспекторат.
Наша главна заедничка цел ќе биде да изградиме толерантно општество. Затоа, ќе поддржиме програми коишто, заедно со мерките во образованието, социјалната политика и понатамошниот културен развој, треба да ги ослободат младите од етничките стеги и од меѓусебните предрасуди и да им овозможат комуникација во која, пред сè, заемно ќе се почитуваат. Само по пат на дијалог можеме да се разбереме. Само меѓусебното разбирање може да нè заштити од етничко несогласување. Општеството може да се гради по пат на грижата за сопствената култура, но и со запознавање на поинаквите културни вредности, оние на другите.
Првото место каде што треба да се градат вредностите на едно заедничко општество се детските градинки и училишта. Затоа, ќе воведеме елементи на мултикултурно запознавање за сите деца уште во најраната возраст, преку проекти и активности што развиваат чувство на слобода, толеранција и соживот. Ќе бидат искористени практиките од успешните проекти за овој степен на образование. Ќе бидат стимулирани проекти за мултикултурно дружење и меѓујазична комуникација и во повисоките степени на образованието.
Нема да создаваме етноцентрична култура, затворена меѓу четирите ѕида на сопствената етничка припадност. Сакаме држава во која културите ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат. Во тоа се состои силата на нашата култура. За да го одржиме тоа богатство, ќе создадеме решенија што пропорционално ќе ги поддржуваат и унапредуваат и другите јазици, култури и институици за таа намена, а ќе дадеме поддршка и на интеркултурните проекти и мултилингвални практики.
Ќе воведеме редовна пракса на суштинска и симболична политичка поддршка на градењето на обединето општество. Високи владини претставници, во мешан етнички состав, заедно ќе бидат присутни во мешаните етнички средини и ќе посетуваат етнички мешани училишта каде што, јавно и активно, ќе зборуваат за важноста на изградбата и на негувањето на толерантно и мултиетнички обединето општество во Македонија. Ако самите политичари ја негуваат оваа вредност, тогаш толерантноста, како важен елемент на мултукултурното општество, ќе јакне како важен чинител во мултиетничките средини.
Владата ќе води политика на афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците. Ќе се зајакнат капацитетите на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците (човечки, инфраструктурни, финансиски, политички) за таа да може да ја врши својата функција со полна сила и да биде релевантен чинител во културниот систем на земјата. Поддршка ќе добијат и институциите во културата на припадниците на заедниците.
Силно ќе го стимулираме организирањето на редовни дебатни емисии на програмите на националниот радиодифузен сервис, МРТВ. Ќе поттикнеме и други програмски содржини во кои ќе бидат вклучени претставници на сите заедници коишто живеат во државата. На овој начин уште повеќе ќе го поддржиме јавниот дијалог за сите горливи теми и проблеми кои ги притискаат луѓето. Ќе настојуваме во оваа активност со своите креативни и политички потенцијали целосно да се вклучи и граѓанскиот сектор и невладините организации во Македонија.
Владата цврсто ќе застане на ставот дека само интегрирана Македонија којашто ќе го обедини множеството на различности, ќе биде стабилна и просперитетна држава за сите нејзини граѓани.
Одговорна власт и контрола над власта
Пакетот реформи неопходни за членство во ЕУ и НАТО може да се реализира само во услови на одговорна власт која работи транспарентно и отчетно, без злоупотреба на државните ресурси за лични или партиски потреби. За таа цел во првите шест месеци, Владата на Република Македонија ќе донесе Стратегија за добро управување којашто ќе гарантира зголемена транспарентност на сите државни институции, задолжителни консултации со граѓаните, бизнис-заедницата и граѓанските организации и засилена контролна улога на Собранието.
Особено внимание ќе посветиме на целосна транспарентност во трошењето на парите на граѓаните. Посветено ќе работиме Македонија да премине во повисоката група на земји на индекс-листата за Отворен буџет и да ја зголеми оценката од 35 на 65, со што ќе се вброи во листата земји со значајна транспарентност на буџетот.
Заради зголемување на транспарентноста Владата на Република Македонија целосно ќе го имплементира концептот на отворена влада, согласно Партнерството за отворена влада (Open Government Partnership). Во таа насока Владата:
-
ќе предложи законски измени за преполовување на законскиот рок за одговор на барањата за пристап до информации од јавен карактер од 30 на 15 дена;
-
ќе воведе принцип на т.н. „активна транспарентност“ на институциите, што подразбира објавување (без да им бидат побарани) на нивните програми (и предлог-програми), стратегии, мислења и студии, податоците за организацијата и трошоците на работењето, како и одлуките, актите и мерките со кои се влијае врз животот и работата на граѓаните и фирмите;
-
ќе обезбеди процес на загарантирани консултации со граѓанскиот сектор, со коморите, со синдикатите и со други релевантни чинители во сферите на работа на власта, при носење нови закони и измени на постојните.
-
секоја година за 10% ќе го зголемува бројот на институции коишто ги следат препораките на Пристап за отворени податоци (Open Data Approach).
-
ќе спроведе попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди. Податоците ќе им овозможат на државните институции, академскиот свет и граѓанскиот сектор вистинска анализа и креирање на реални политики во секоја сфера.
-
ќе предложи во Собранието формирање „Фискален совет“, како независен орган, во којшто ќе членуваат истакнати експерти по финансии или економија, со мисија да го оцени кредибилитетот на фискалната политика и да обезбеди нејзина транспарентност и предвидливост.
-
секоја година ќе ја обновува тригодишната фискална стратегија (според принципот на rollover) и таа ќе се објавува на почеток на годината, откако ќе бидат утврдени приоритетите на Влада за наредната фискална година. Оваа стратегија ќе се дискутира и ќе се гласа во Собранието на РМ, со цел да охрабри дебата за фискалните и буџетските агрегати, за таа да претставува основа за очекувања од страна на економските агенти.
-
јавниот долг ќе го објавува целосно и редовно, без исклучоци и политички калкулации. Во Собранието ќе предложиме измена на Кривичниот законик со цел криењето на јавниот долг да претставува кривично дело.
-
ќе обезбеди објавување податоци и за гарантираниот, но и за негарантираниот долг на јавните претпријатија и општините.
-
ќе предложи воведување обврска за буџетските корисници, фондовите и јавните претпријатија да доставуваат до Министерството за финансии детални месечни извештаи за исплатата на доделените пари од Буџетот, заедно со обврските што ги презеле, а не ги платиле. Овие податоци, со помош на платформа за пребарување, ќе се објавуваат на веб-страницата на Министерството за финансии. Со тоа, граѓаните стануваат вистински контролори на можните злоупотреби, бидејќи секој граѓанин од својот домашен компјутер може во детали да види каде се трошат парите од неговите даноци и придонеси.
-
ќе предложи законски измени со цел воведување обврска завршните сметки на сите буџетски корисници и јавни претпријатија да бидат објавени на интернет.
-
ќе предложи законски измени за сите оф-шор компании што инвестираат во Македонија да бидат обврзани да ги соопштат вистинските сопственици и да го достават целокупниот историјат на овие фирми.
-
Објавување на детални месечни листи за сите вработени во јавната администрација и корисниците на земјоделски субвенции, со цел граѓаните да бидат контролори доколку се прават злоупотреби.
Пристап до правдата
Владата на Република Македонија ќе работи на создавање услови за независно, департизирано и ефикасно судство со цел правдата да биде достапна до сите. За таа цел, за законите за коишто е доволно апсолутно мнозинство во Собранието ќе предложиме законски измени, а за областите за кои е потребни 2/3 мнозинство, ќе отпочнеме дијалог во Собранието со цел постигнување поширок консензус за реформи.
Владата на Република Македонија ќе ги овозможи сите институционални, материјални и севкупни услови потребни за работа на Специјалното јавно обвинителство пред кое стои огромна одговорност за расчистување на скандалот со прислушување и борба против корупцијата, криминалот и злоупотребите на власта. Владата итно ќе предложи продолжување на рокот во кој СЈО може да покренува обвиненија како и заштита на сведоците во случаите кои се во негова надлежност со што ќе овозможиме квалитетни истраги, одговорност за сите злоупотреби и ефикасно функционирање на правната држава.
Владата на Република Македонија до Собранието ќе предложи законски измени:
-
за зголемување на транспарентноста во работата на Судскиот совет, заради негова поголема професионалност, независност и совесност во работата,
-
за реформа на Академијата за судии и јавни обвинители
-
за укинување на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, како закон кој содржи парадоксални и неодржливи решенија.
-
за намалување на судските такси, бидејќи граѓаните во Република Македонија често пати се откажуваат од судска заштита на своите права заради високите судски такси. Во судските постапки во кои се тужи државата за прекршување на правата на граѓаните, судските такси ќе се плаќаат единствено по завршување на процесот, ако судот утврди дека немало нивно прекршување.
-
на Законот за судска служба заради подобрување на статусот на судските службеници.
-
на Законот за нотари и Законот за извршители со цел да ги намалиме трошоците на граѓаните во постапките пред извршителите и нотарите.
Цел на Владата на Република Македонија е правдата да биде достапна до сите, заради што ќе овозможиме вистинска бесплатна правна помош за ранливите категории граѓани, со зголемување на капацитетот на Министерството за правда и интегрирање на здруженија кои обезбедуваат правна помош во единствен систем.
Владата на Република Македонија ќе отвори и поширок дијалог во Собранието заради обезбедување поширока поддршка и мнозинство:
-
за воведување на специјализирано одделение во судот за постапување по предметите кои се во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.
-
за уставни реформи на Судскиот совет, како и за измени на Законот на судови заради воведување јасни критериуми за избор, напредување и разрешување на судиите. Сметаме дека квалитетот и ефикасноста на судиите ќе се мерат објективно, според бројот на решени предмети, бројот на обжалени пресуди, бројот на потврдени пресуди, причините за укинување на пресудите и времетраењето на судските постапки. Покрај тоа, критериумите за оценка на квалитетот на судиите ќе бидат насочени кон оценување на клучни вештини за професијата, како на пример правна логика, организациски вештини, учество во обуки, специјализација, образложеност на пресуди и сл.
-
за воведување специјализирани трговски судови заради подобрување на бизнис амбиентот и гарантирање правна сигурност на оние кои отвораат работни места.
-
за темелни реформи во Јавното обвинителство.
-
За зголемена транспарентност на управните судови преку задолжително одлучување на главна јавна расправа, како и воведување обврска за мериторно одлучување од страна на Вишиот управен суд секогаш кога за поништување на ист управен акт е поднесена тужба по втор пат.
Човекови права
Владата на Република Македонија ќе ги промовира, штити и унапредува човековите права во Република Македонија и ќе создава институционални капацитети за нивна ефикасна заштита и одговорност на сите кои ќе се обидат да ги повредат човековите права. Посебен акцент ќе биде ставен на враќање на довербата во власта како чувар на човековите права и заштита на оние права кои грубо беа кршени. Приоритетна цел на Владата е да ја врати слободата во Република Македонија и да гради држава во која граѓаните ќе се чувствуваат слободни, еднакви, сигурни и достоинствени!
Заради имплементирање на европските стандарди за човекови права и ефикасна заштита на човековите права, Владата на Република Македонија ќе:
-
предложи законски измени со цел лицата на кои им било прекршено некое човеково право да добиваат реален, а не – како досега – симболичен надомест за прекршувањето. Тоа ќе биде и основа за лична одговорност на судиите и обвинителите кои учествувале во кршењето на правото.
-
отвори расправа за уставни измени и ќе побараме поддршка за уставно ограничување на траењето на притворот, како и за зајакнување на законските основи и механизмите за контрола на основаноста на лишувањето од слобода и користењето на мерката притвор.
-
предложи законска рамка во која ќе бидат содржани европски стандарди за заштита на презумпцијата на невиност и казни согласно европските стандарди во случај на прекршување на ова право.
-
предложи законски измени за реформа на Комисијата за заштита од дискриминација, која ќе прерасне во независно, стручно тело со зголемени надлежности, составено од лица кои се вистински посветени на заштитата на ова човеково право.
-
побара поширока поддршка за измена на Законот за следење на комуникациите, со цел предлог за следење на комуникации да не може да даде кој било полициски службеник, и да го намалиме периодот во кој може да трае ограничувањето на тајноста на комуникациите. Ограничувањето на тајноста на комуникациите треба да биде строго контролирано и само кога е неопходно за собирање на податоци заради остварување на целите на следењето.
-
предложи измени и на Законот за полиција, со цел прецизно да се утврдат методите на оперативната контрола, максималниот период на набљудување на лицата и да се воведат и други гаранции, со кои ќе се ограничи произволното однесување на полицијата.
-
предложи измени на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и ќе ја намалиме висината на надомест на штета за изречена навреда или клевета во Република Македонија.
-
ги подобри условите во казнено-поправните установи со цел имплементирање на забраната на тортура, нечовечко и понижувачко казнување и постапување. Ќе воведеме целосна контрола над остварувањето на полициските овластувања во овие установи со цел да се отстранат појавите на несоодветен третман и прекумерна сила од страна на полицијата во овие институции. Ќе воведеме и системска обука на затворските службеници, како и постапки за детално разгледување на сите поплаки за евентуално прекршување на право на достоинствен третман. Во таа насока и ќе ја зајакнеме улогата на Народниот правобранител како превентивен механизам за заштита од тортура, нечовечко и понижувачко казнување и постапување. Дополнително, ќе ги подобриме условите во казнено-поправните институции, особено оние врзани за здравствена заштита и достоинствен третман.
-
предложи измени на Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Измената ќе предвиди прецизни рокови за сите дејствија на државните органи кои имаат надлежност во остварувањето на ова право на граѓаните, како и прецизирање на одредени одредби кои предизвикаа проблеми во праксата и беа злоупотребени од страна на власта за да ги оневозможи или обесхрабри граѓаните во користењето на механизмите за директна демократија.
-
предложи законски измени за гарантирање на правото на јавен собир, со јасни и прецизни надлежности на полицијата.
Владата на Република Македонија ќе води политика на унапредување на правата на жените и зголемување на нивното учество во политичкиот, економскиот и јавниот живот. За таа цел ќе воспоставиме посебно владино тело за родова рамноправност кое ќе се грижи за имплементација на родовата перспектива во креирање на политиките и буџетите.
Владата ќе инсистира на образовни, медиумски и културни реформи кои ќе водат кон надминување на стереотипите за улогата на жената и ќе стимулираат поголеми шанси за девојките и жените во нашата држава.
Владата ќе предложи ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство од 2011 година (Истанбулска конвенција) и согласно истата, ќе воспостави мрежа на стандардизирани институции која го гарантира минималниот пакет на услуги за заштита од домашно насилство. Исто така, ќе се предложи нов Закон за родово базирано насилство и измени на Кривичниот закон со воведување на одредби за сите форми на родово базирано насилство.
Владата ќе воведе програми за помагање на развојот на жените-претприемачи, особено оние во руралните области.
Професионална полиција – безбедност за сите граѓани
Владата на Република Македонија ќе гради полиција која ќе ги штити граѓаните, а ќе го гони криминалот. Само таква полиција може да гарантира безбедност и правна држава. Полицијата ќе биде надвор од партиските влијанија и ќе гарантира непристрасно спроведување на законите за сите. Ќе воведеме механизми за подобрување на надворешната и на внатрешната контрола на работата на полицијата и безбедносните служби. Ќе ја зајакнемe парламентарната контрола и ќе формираме полициски омбудсман, со надлежност да спроведува независна истрага за евентуалните пречекорувања на полициските овластувања и кршење на човековите слободи и права. Препораките од „Извештајот на Прибе“ ќе ги спроведеме целосно и без одлагање.
Владата на Република Македонија ќе работи посветено на департизација на полицијата и борба против корупцијата; непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите; ефикасна броба против корупцијата и отчетност и транспарентност во работата на полицијата.
За таа цел Владата на Република Македонија ќе го возобнови концептот на полицаецот-позорникар на улиците во населените места. Тој ќе биде заштитник – достапен за граѓаните и нивните потреби. Јакнењето на довербата помеѓу полицијата и граѓаните е предуслов за безбедноста на граѓаните.
Во функција ќе се врати системот на кариера на вработените во МВР со почитување на правилата за унапредување и распоредување на вработените, водејќи грижа за искористување на стручниот и професионален капацитет на вработените во МВР.
Владата ќе поддржи механизми за мониторинг над полициското постапување во случаи на директна или индиректна инволвираност на полицијата во општествено непожелни дејствија. Еднаквоста пред законот мора да биде гарант за безбедноста на граѓаните. На полициското работење ќе се гледа како заштита, а не како закана. Затоа, ќе се зајакнат независноста и капацитетот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР и ќе се воведе нов начин на избор на помошникот на министерот за внатрешна контрола и професионални стандарди, врз основа на критериуми кои ќе гарантираат независност во постапувањето и професионални истраги.
Владата ќе се посвети на целосно расветлување на Кумановските настани од мај 2015 година и откривање на иницијаторите и позадината на целиот случај. Ќе побараме и меѓународна поддршка во истрагата заради обезбедување на сите релевантни информации, но и за обезбедување на потполна доверба на граѓаните во резултатите од истрагата. Воедно, ресорното министерство ќе даде целосна логистичка поддршка на обвинителските и судски инстанци во отварање и водење постапки за предметите „Сопот“, „Бродец„, смртта на Мартин Нешковски и на Никола Младенов и „Монструм„.
Владата на Република Македонија ќе направи евалуација за примената на Колективниот договор за вработените во МВР и почитување на работното законодавство. Доколку се утврдат пропусти, слабости и недоречености ќе го отвориме социјалниот дијалог за подобрување на колективниот договор заради заштита на правата на полициските службеници. Ќе дозволиме слободно синдикално организирање на полициските службеници и слобода на одлучување за членство во синдикати. Стандардот и квалитетот на живот на припадниците на МВР ќе се подобрат и со нивно распоредување на работа во местото на живеење. На тој начин, ќе им се намалат трошоците за одвоен живот и патувања кои досега паѓаа на нивен товар. Во исклучителни случаи, во кои ќе има потреба од работа надвор од местото на живеење, министерството ќе обезбеди надомест за одвоен живот и патни трошоци. Владата ќе пристапи кон усогласување на основицата на платите на вработените во МВР и утврдување на надоместоците и додатоците на плата, согласно Колективниот договор на МВР и Законот за работните односи.
Една од клучните реформски активност ќе биде во Управата за безбедност и контраразузнавање. Препораките на Прибе и користењето на европски искуства ќе бидат клучните ориентири во овој процес. Владата целосно ќе ја поддржи собраниската контрола над оваа Управа.
Владата ќе ги јакне институционалните и кадровските капацитети на Одделот за организиран криминал при МВР и институциите со кои соработува. Ќе се формира и операционализира Националниот координативен центар за борба против организираниот криминал. Ќе се залагаме за целосна имплементација на законодавството за обесштетување на жртвите од организираниот криминал.
Владата целосно ќе ги спроведе своите обврски во поглед на целосна имплементација на Законот за кривичната постапка во делот на ресурсите, организацијата, опремата и обуката на агентите и обвинителите, како и формирање на истражни центри и судска полиција. Целосната и соодветната примена на ЗКП е гаранција за професионална и независна истрага, во која би се отстраниле сомневањата за пристрасност на полицијата во политички монтирани случаи.
Ќе се инвестира во капацитетите на институциите за спречување на нелегалната миграција и трговијата со луѓе, и ќе обезбедиме одржливост и функционалност на Центарот за заштита на жртвите од трговијата со луѓе.
Владата ќе обезбеди средства за реновирање на полициските станици, особено оние за обезбедување на државната граница. Ќе се инвестира во ефикасно функционирање на Системот на интегрирано гранично управување, во соработка со соседните држави и европските институции и поддршка од земјите членки на ЕУ и НАТО.
Слободни медиуми
Целта на Владата на Република Македонија е создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните, бидејќи само вистински информирани граѓани може слободно да донесат одлука за иднината на својата држава.
Владата ќе промовира реформи на медиумската сфера согласно клучните мерки на групата невладини организации изнесени на конференцијата “Предлози за итни демократски реформи“. Постапките за промени ќе ги спроведеме транспарентно и со вклучување на сите релевантни чинители од оваа област. Нашата намера е на печатените и на електронските медиуми да им обезбедиме слобода за информирање на граѓаните, за артикулација на нивните потреби и за развој на медиумскиот бизнис. Радиодифузерите ќе добијат еднаков третман во насока на развивање на здрава конкуренција меѓу медиумските куќи.
Во оваа реформа клучни се регулаторните тела. Ќе предложиме модел по урнекот на сличните во земјите членки на ЕУ, особено британскиот OFCOM. На чело на тие тела, во соработка со граѓанскиот сектор, ќе поставиме искусни, непристрасни и докажани професионалци.
Владата на Република Македонија ќе предложи укинување на радиодифузната такса. Финансирањето на МРТ повеќе нема да биде преку радиодифузна такса, како задолжителна давачка на граѓаните. МРТ ќе се финансира комбинирано од Буџетот на РМ и други средства, од приходи на кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ. Дополнително, ќе предложиме законски решенија со кои МРТ од партиски билтен ќе ја трансформираме во професионален сервис на сите граѓани и во силен идентитетски столб на Република Македонија.
Владата ќе престане со трошење на буџетски средства во медиумите. Бесплатните објави ќе бидат наменети исклучиво за проекти од јавен интерес. Ќе се предложи забрана за рекламирање на политичките партии, освен за време на изборна кампања.
Владата на Република Македонија ќе ја преиспита регулативата која се однесува на медиумската концентрација и на медиумската сопственост, во насока на обезбедување на повисоки стандарди за поддршка на демократскиот систем во државата и ќе ги намали надоместоците за дозволите за работа на радиодифузерите.
Институции во служба на граѓаните
Образование за новото време
Владата на Република Македонија ќе развива интегриран систем на образование кој ќе влијае врз зголемување на економскиот раст и продуктивноста на трудот и ќе ги зголемува шансите на младите за квалитетни работни места. Наша цел е тој да обезбеди поголема општествена интеграција во етничка, регионална, социјална и културолошка смисла, да поттикнува критичко мислење и активно граѓанство.
Последните резултати од ПИСА тестирањето на учениците во Република Македонија покажуваат дека ни се потребни итни и сеопфатни реформи на образованието. На таа реформа ќе и претходи широка јавна расправа во која ќе учествуваат сите субјекти во образованието, граѓанските организации и професионалните здруженија. Концептот што ќе произлезе од таа сеопфатна расправа ќе започне со имплементација во 2018 година. Користејќи ги туѓите продуктивни искуства и добри практики, ќе градиме сопствен концепт на образование, соодветен на нашите потреби и можности, почитувајќи ги европските стандарди. Ќе дадеме целосна поддршка на наставниот кадар и ќе ја браниме честа, достоинството и автономноста на професијата наставник. Наставниците во Македонија ја заслужуваат таа поддршка, бидејќи без мотивирани наставници нема успешни образовни промени.
Владата ќе води политика за растеретување на наставните содржини и намалување на оптовареноста на учениците во основното и во средното образование. Ќе ставиме фокус на математичките и јазичните вештини и предмети, важни за развивање на клучните компетенции кај децата. Капиталните инвестиции во образованието, како и анагажирањето на наставен кадар ќе бидат диктирани од потребата за достапно и квалитетно образование на сите деца. Тие инвестиции треба да помогнат во остварување на целта просечниот број на ученици по паралелка да изнесува 25 ученици.
Владата ќе ја почитува автономијата на универзитетот и достоинството на професорите, при што државните универзитети ќе бидат целосно одговорни за функционирање на високото образование според уставните и законските одредби. Владата ќе предложи нов начин на управување со универзитетот, што ќе доведе до поефикасен и потранспарентен универзитет.
Економскиот раст ќе го забрзаме и со инвестиции во науката. Владата ќе формира државен фонд за истражување и развој со кој досегашното буџетско финансирање кое е минимално (0,2% од БДП – петнаесет пати помалку од препораките на стратегијата Европа 2020) ќе го зголемиме за 50% во првиот буџет, со цел на крајот на мандатот Македонија да издвојува помеѓу 1% и 1,5% од БДП за истражување и развој.
Владата ќе предложи укинување на екстерното тестирање како проект што предизика голем револт кај наставниците, а создаде вознемиреност и незадоволство и кај учениците и нивните родители. Екстерното тестирање го девалвира целиот напор и труд на наставниците и на учениците во текот на целата учебна година, а не доведе до зголемен квалитет. Ќе воведеме евалуација и тестирања на учениците, но без дополнително внесување на оценки во нивните свидетелства и без казни за наставниците. Вреднувањето на стекнатото знаење ќе се спроведува континуирано. На оние училишта што ќе покажат послаби резултати, ќе им биде дадена помош и поддршка за унапредување на наставата.
Сегашниот опфат на децата од 0-6 години во предучилишно образование, во просек, е само 23%, кај помалите етнички заедници тој опфат е под 10%. Тоа е недоволно и има негативно влијание врз идниот развој на Република Македонија. Владата ќе го кофинансира секое зголемување на капацитетот на детските градинки во целата држава. Нашата цел е процентот на деца опфатени со предучилишно образование да се зголеми за 50% во период од 4 години. Владата ќе подготви прецизен План за проширување на мрежата на градинки низ Македонија. Со инвестицијата ќе опфатиме реконструкција и изградба на нови градинки, во голем број на урбани и рурални општини, меѓу кои Струга, Ѓорче Петров, Сопиште, Центар, Аеродром, Тетово, Теарце, Гостивар, Лозово, Карбинци, Чаир, Шуто Оризари и други.
Владата ќе воведе задолжително едногодишно предучилишно образование, како интеграциска мерка и подготовка на децата за влез во 9-годишното основно образование. Ова ќе придонесе за изедначување на децата од различните социјални средини, како и за започнување со елементите на воспитниот процес, којшто во изминатите години исчезна од образовниот систем. Децата треба да имаат еднаков пристап до образованието, бидејќи тоа е клучот за нивниот натамошен успех во животот. Овој опфат ќе биде целосно бесплатен за децата во општините кои се подложни на намалување на популацијата и кои имаат неповолен економски развој.
Системот на основно образование во првите 5 години ќе биде само со описно оценување. Дури потоа (следните 4 години од основното образование) ќе се применува нумеричко оценување. На тој начин, децата и наставниците ќе се посветат на квалитетот на знаењето, а не на трката по оценки.
Владата ќе понуди средно образование кое трае две, три или четири години: ќе ги задржиме класичното гимназиско образование и четиригодишното стручно образование, но ќе воведеме и можност за завршување по втора и трета година кај стручното образование. Промената ќе биде во тоа што на пазарот на трудот првите кадри ќе се вклучат по две или три години средно стручно образование, на 17-годишна возраст. Имено, оние кои сакаат да се вклучат на пазарот на трудот не треба непотребно да ги задржуваме во образовниот систем, често со послаби остварени резултати во погорните нивоа на образование. На тие млади луѓе ќе им овозможиме брз влез во стопанството и време за созревање и планирање на сопствената деловна кариера, со можности за подоцнежно дошколување.
Наместо политика на казни, Владата ќе промовира политика на награди и стимулации. Вработените во најдобрите 5% основни и 10% средни училишта, како и наставници чии ученици ќе освојат награда на градски и државни натпревари, ќе добиваат 20% поголема плата во текот на наредните 12 месеци. Училиштата кои ќе бидат во горните 10% според резултатите што ги постигнуваат во својот образовен квалитет, ќе добијат право на свидетелствата да истакнат дополнителни бодови, како училишта со натпросечни резултати.
Покрај задолжителните предмети, во училиштата ќе воведеме слободни активности за поголема креативност. Ќе ги ослободиме наставниците од административните обврски, но ќе бараме од нив да работат со младите на развивање на нивните таленти.
Владата ќе стимулира зајакнување на училишните тимови со стручни лица од различни профили: педагози, психолози, дефектолози, социолози, логопеди, социјални работници и медицински стручни лица (онаму каде што има можности за тоа).
Бирото за развој на образованието ќе се преструктуира и ќе прерасне во Институт за развој на образованието. Ова ќе биде државен образовен „тинк-тенк“ во чии рамки ќе работат повеќе сектори кои постојано ќе дизајнираат истражувања во сферата на образованието, со цел подобрување на квалитетот на образовниот процес.
Владата ќе формира Научно-истражувачки центар за талентирани ученици во којшто тие ќе можат да совладуваат дополнителни знаења, ќе се подготвуваат за државни и меѓународни натпревари и ќе започнат со посериозна истражувачка работа.
Во рок од една година, државни комисии составени од универзитетски професори и поддржани од Министерството за образование и наука, ќе ги евалуираат сите учебници за основно и за средно образование и ќе постават јасни правила кои мора да се почитуваат. Ќе се повлечат од употреба учебниците кои имаат суштински грешки во материјата и кои се несоодветни за возраста на учениците. Истовремено, ќе спроведеме ослободување на наставните предмети од непотребни и штетни содржини, особено од оние што поттикнуваат агресивност, нетолеранција, омраза и дискриминација.
Најголем дел од учебниците и другите помагала ќе бидат достапни во електронска форма. За оваа мерка Владата ќе стимулира: домашни автори, аудио/видео производство, продукција на образовни и научно-популарни емисии како училишни материјали со содржини и теми од наставната програма. Ќе ги поттикнеме националните телевизии да одвојуваат термини за емитување на овие програми, кои ќе бидат усогласени со наставните предмети. Со ова ќе се создадат исти можности за квалитетно образование во сите делови од државата.
Владата ќе иницира реформа и преструктуирање на средното стручно образование во соработка со приватниот сектор. На тој начин и компаниите може да учествуваат, програмски и финансиски, во овој степен и вид на образование. На тој начин, стручните училишта за неколку години ќе станат поатрактивни за учениците, особено со можноста за директни вработувања по завршувањето на овој степен и вид на образование. Воедно, ќе промовираме механизми и инструменти со кои ќе ги поттикнеме работодавачите да соработуваат, да инвестираат и да учествуваат во активностите на образованието и обуката. Во таа насока е и мерката за ослободување од данок на добивка до 30% за вложување во развој на образование.
Во целата држава, генерално, очигледна е неусогласеноста на понудата на работни кадри со побарувањата на пазарот на труд. Со изготвување на Национална рамка на квалификации, ќе овозможиме поврзување на студиските програми што ги нудат високообразовните институции со стопанството и со пазарот на труд.
Во изминатиот период универзитетот беше свесно ставен на маргините на општеството, а професорите беа замолчени. Со дерегулација на високото образование, Владата ќе ја обезбеди уставно загарантираната универзитетска автономија, академската слобода, достоинството и угледот на универзитетот.
Ќе ја вратиме автономијата на универзитетот, не затоа што професорите треба да уживаат некакви поголеми привилегии, туку затоа што од универзитетите произлегуваат прогресивните општествени промени и слободарските идеи, таму се проверуваат и се пренесуваат постоечките знаења и се создаваат нови. Затоа, наш императив ќе биде вложување во науката и во академската работа. Владата ќе предложи нов начин на финансирање и на управување со универзитетите. Законот за високо образование ќе претрпи целосна ревизија, со можност за носење сосема нов закон за високо образование, низ широка дебата. Ќе се укинат драконските казнени одредби, што сега се користат за заплашување на универзитетскиот кадар и за ограничување на универзитетската автономија.
Обезбедувањето квалитет на високото образование ќе биде врвен приоритет. Во партнерство со академската заедница, ќе се ревидира системот за универзитетска акредитација и евалуација, согласно европските стандарди и насоки за обезбедување квалитет, со особено внимание на регулираните професии и на професионалното високо образование. Низ призмата на овие стандарди, ќе се преиспита квалитетот на дисперзираните студии и на приватните универзитети, како и нивната општествено-економска оправданост и потреба.
Негрижата за квалитетот на високото образование доведе до хиперпродукција на дипломи, без конкурентни знаења и вештини. Резултатите од истражувањата укажуваат на пролонгирано студирање, несоодветно димензиониран наставен процес и просечен квалитет на студии. Наша обврска ќе биде поддршка на универзитетите и факултетите за да запрат злоупотребите што се прават врз грбот на студентите и родителите.
Владата ќе овозможи правна и оперативна независност на Одборот за акредитација и евалуација, како основни предуслови за исполнување на критериумите за добивање статус на поплноправна членка на ENQA (Европската асоцијација на национални агенции за обезбедување квалитет во високото образование) и EQAR (Европски регистер на агенции за обезбедување квалитет во високото образование).
Универзитетите мора да им се вратат на професорите и на студентите, а не да се користат за политичко и партиско влијание во спроведувањето на нивна наставна, научна и кадровска политика. Време е државните универзитети вистински да се реформираат, но не преку централизација на дејноста и функциите, туку преку подемократско и потранспарентно управување и давање повеќе „власт“ на непосредно засегнатите со процесот на високото образование: професорите, нивните матични институции и студентите. Овластувањата на ректорите, деканите и директорите мора да се подложни на преиспитување, а не како сега да се концентрирани и извршни.
На најдобрите дипломирани студенти ќе им дадеме можност, под менторство на поискусните наставници, да волонтираат како наставен кадар во основното и во средното образование, во период од 1-2 години. Најдобрите студенти мора да се вработат и да се стимулира нивното останување во Република Македонија. Тоа ќе придонесе за подигнување на квалитетот на наставниот процес и подмладување на наставниот кадар.
Владата ќе го поддржи повторното отворање на лекторати за македонски јазик на странските универзитети во другите земји, особено во земјите од ЕУ. Ќе се води поголема грижа за правилна употреба на мајчиниот јазик од сите чинители и дејци кои имаат влијание на јавноста (медиуми, телекомуникациски оператори, државни органи и институции) со посебен акцент на правилна употреба на јазикот уште кај најмладата популација во почетниот образовен процес.
Владата ќе започне изградба на студентски град во Скопје, со комплетно нови модерни архитектонски и хортикултурни решенија, како и функционални содржини: спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри. Исто така, Владата ќе ја заврши изградбата на универзитетскиот комплекс „Мајка Тереза“. Дополнително, Владата ќе гради нова студентска зграда во Автокоманда со преку 700 легла преку јавно-приватно партнерство. Во Битола, Штип и во Тетово, градовите седишта на државните универзитети, ќе изградиме универзитетски кампуси, преку реконструкција и преадаптација на постоечките објекти, доградба на соодветни нови инфраструктурни содржини и зголемување на капацитетот на постојните домови.
Промените во образованието мора да одат паралелно со подобрување на физичките услови каде што учат нашите деца. Владата, во соработка со единиците на локална самоуправа, ќе предложи решенија за проблемите со основна инфраструктура и греење на училиштата. Секоја година, Владата ќе го дебатира фондот за инвестиции во инфраструктура со општините и ќе донесе одлука за приоритети која нема да се базира на партиски и бизнис интереси, туку на интересите на учениците и наставниците во Република Македонија. Ќе изградиме нови средни училишта во општините Тетово, Куманово, Аеродром и Ново Село.
Владата ќе го воведе системот на доживотно учење по европски стандарди, а делумно со употреба и на европските фондови и програми кои се наменети точно за оваа цел. Со овој концепт ќе настојуваме да изградиме општество кое нуди еднакви можности за пристап кон квалитетно учење за сите луѓе, во текот на целиот живот. Со тоа ќе се овозможи доквалификација, преквалификација во работниот век на граѓанинот, можност за поголема креативност, отворање сопствени бизниси, како и намалување на социјалниот притисок.
Поддршка за младите
Владата ќе води младинска политика која ќе биде јадрото на политиките за вработување, за рефоми во образованието, здравството, културата, спортот итн. Во политиките на Владата, главниот акцент ќе биде ставен токму врз мерките со кои ќе се подобрат студентскиот живот и стандард, а младите ќе дојдат полесно до прво вработување. Наша приоритетна цел е младите да ја проектираат и градат својата иднина во својата татковина.
Владата ќе воведе посебна студентска платежна картичка за користење на услугите во студентските кампуси, попусти за користење на меѓуградскиот превоз, попусти при посета на сите државни и национални институции, попусти за посета на спортски и културни настани од национален карактер.
Новата политика за стипендирање на студентите ќе биде преку комбинација на државни стипендии и поттикнување на фискални олеснувања за фирмите кои ќе одвојуваат процент од добивката за стипендирање. Предност ќе имаат студентите со најдобри резултати, но и оние кои се соочуваат со поголеми економско-социјални проблеми.
Владата ќе отвори дијалог со студентите околу начините за департизација и плурализам во студентското организирање, што ќе овозможи суштинско учество на студентите во телата на управување на универзитетите и нивно влијание врз прашањата од нивен интерес. Во соработка со нив, Владата ќе промовира и регионален проект за размена на студенти.
Владата ќе иницира организирање на државни натпревари во десетина различни категории и средношколска олимпијада, по теркот на Младинските студентски игри, на која најталентираните средношколци ќе се натпреваруваат во олимписки дисциплини. Така, ќе создаваме успешни млади таленти, ќе го развиваме знаењето и спортскиот дух кај младите и ќе обезбедиме дружење меѓу средношколци од целата држава.
Владата ќе создава услови за зголемен број на часови по спорт во основните и во средните училишта: тренинзи, обуки и натпревари во скоро сите спортови. Целта ни е сите ученици да може да се дружат и да живеат здрав живот без притоа тоа да претставува финансиски товар за нивните родители.
Квалитетно здравство
Владата на Република Македонија ќе има за цел изградба на достапен, квалитетен и долгорочно-финансиски одржлив систем на здравствена заштита, со граѓаните во центарот на здравствениот систем и зајакнато чувство и одговорност на поединецот за сопственото здравје и здравјето на другите.
Преобемната административна работа на здравствените работници ќе се намали, а грижата за пациентот ќе биде ставена во центарот на вниманието. Владата ќе предложи укинување на партиципацијата за болничко лекување. Здравствениот систем во Македонија ќе се поврзе во интегриран информатички систем и ќе се воспостави мрежа на здравствени установи со целосна покриеност со амбуланти, посебно во приградските и руралните средини.
За да се спречи одливот на медицинскиот кадар од јавното здравство Владата ќе обезбеди нормални услови за нивно работење и повисоки плати. Со поголеми плати, поголеми шанси за специјализација и со подобрување на условите за нивно практицирање на медицината ќе направиме атмосфера во која што повеќе од лекарите ќе сакаат да останат во Македонија.
Добра организација на здравствената дејност е онаа која дава предност на превентивната и примарната здравствена заштита. Во превентивната здравствена заштита Владата ќе се залага и ќе придонесе за: чување и унапредување на здравјето во подобрувањето на здравствената состојбата на населението, а особено на ранливите групи (деца, трудници, стари лица, хронично болни и хендикепирани лица); здравствената едукација за училишните деца заради усвојување на здрави стилови на живеење (соодветна исхрана, физичка активност, превенција на зависноста од тутун, алкохол и психоактивни супстанции, превенција на сексуално преносливите заболувања, ХИВ/СИДА и проблемите во врска со менталното здравје); широка експертска дебата за потребите и придобивките од вакцинацијата, заедно со набавка на висококвалитетни вакцини. Квалитетот, а не цената ќе биде клучен критериум; засилена контрола на актуелните заразни болести што се од значење за здравјето на населението; мерки и активности за намалување на морбидитетот, онеспособеноста и предвремениот морталитет предизвикани од најчестите хронични незаразни заболувања (кардио и цереброваскуларните заболувања, малигните заболувања и шеќерната болест), преку унапредување на здравјето со организирани активности од владата, здравствените установи, невладини организации и здруженија на граѓани; јакнење на капацитетите на стоматолошката здравствена заштита во системот; реално, а не само на хартија, спроведување на програмите за рано откривање на малигните заболувања, со цел да се дијагностицира во почетен стадиум.
Во примарната здравствена заштита Владата ќе работи на исполнување на следните цели и политики: обезбедување матичен гинеколог за секоја жена во Македонија; матичните пациенти ќе се регистрираат на ординации, со определување на максимален број регистрирани пациенти по лекар и пропишана минимална загарантирана плата за секој дополнителен лекар; покачување на капитациониот бод на матичните доктори на 90 денари; воведување на медицинска мапа на сите постоечки здравствени установи во Македонија и либерализирање на мрежата, односно одземање на правото на министерот да дава дозвола за отварање и на Фондот да одлучува дали ќе потпише договор со ординација која што ги има исполнето условите за работа согласно критериуми кои што ќе важат подеднакво за сите; формирање Фонд за финансирање на лекувањето во странство на деца до 18 години кој ќе мора итно да ги носи неопходните одлуки, ослободен од политички и министерски притисоци. Така лекувањето на децата во Македонија нема да зависи од хуманоста на нејзините граѓани.
Во рамките на својата здравствена политика, Владата ќе основа нова самостојна јавна здравствена установа на итна медицинска помош, која ќе ги обедини сите служби на итна медицинска помош и ќе ги поврзува сите болници во Република Македонија.
Владата веднаш ќе ги започне подготовките за воведување на бесплатно болничко лекување за сите здравствени осигуреници. Воедно, ќе се започне и постепен процес на зголемување на основната плата на сите здравствени работници. Основните плати на сите здравствени работници ќе бидат двојно зголемени до крајот на мандатот. До 2020 година платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1.600 евра. „Мој термин“ ќе се замени со систем кој ќе гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво, со точно утврдени рокови и обврски. Новиот систем драстично ќе го намали времето за административни обврски на докторите.
Во делот на здравствените капацитети, Владата ќе работи на ставање во функција на центарот за третман на дијабетско стапало во рамките на Градската општа болница „8 Септември“; отворање на Детска општа болница во Скопје со Ургентен центар; отворање на центар за навремена дијагноза и третман на полово преносливи болести со мултидисциплинарен тим, со цел намалување на компликациите како што се стерилитет и малигни заболувања; почеток на реконструкција и опремување (вклучително и неопходен кадар) на општите и клиничките болници низ Македонија со цел создавање универзитетски клиники во Штип, Тетово и Битола, како и реконструкција и опремување на соодветните здравствени домови поликлиники и амбуланти (Неготино, Чашка, Ранковце, Липково, Арачиново, Драчево, Лисиче, Чаир и Новаци). Владата ќе ги анализира можностите за основање на Национален кардиоваскуларен центар со регионална амбиција и перформанси.
Владата на Република Македонија ќе ја обезбеди изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе гарантира високо квалитетна здравствени услуги на населението во целата држава и ќе го врати концептот на единствен Универзитетски клинички центар во кој клиниките ќе бидат функционално поврзани.
За да се зголеми бројот на специјалисти во државното здравство, ќе се воведе специјализација за најдобрите 10 студенти во секоја генерација и ќе се зголемат квотите на државните специјализации. Ќе дадеме предност на дефицитарните специјализации според потребите на здравствените установи и регионите. За време на специјализацијата на приватните специјализанти со плата и придонеси во висина на минимална гарантирана плата за општ лекар.
Во тесна соработка со здруженијата на родители за деца со ретки болести и посебни потреби Владата ќе предложи нови законски регулативи со кои ќе се овозможи грижата за оваа чувствителна категорија да биде посеопфатна, и посигурна.
Во делот на стоматологијата, Владата ќе иницира зголемување на капитацијата по пациент за матичните стоматолози и основни бесплатни стоматолошки пакети за деца до 18 години.
Владата ќе работи на надминување на состојбата со немање на лекови на рецепт после 15-ти во месецот и зголемена достапност на лекови. Ќе се воспостави систем кој ќе оневозможи злоупотреба на препишаните рецепти и фиктивно трошење на месечните квоти за набавка на лекови. Навремена набавка на инсулин за болните од дијабетес на годишно ниво ќе го спречи префрлувањето на пациентите од аналоген на хуман инсулин. Листата на лекови кои паѓаат на товар на ФЗОМ ќе се ревидира еднаш годишно, со внесување на нови лекови во истата и гарантирана застапеност на сите лекови од есенцијалната листа на лекови. Владата ќе се залага барем еден вид на орална контрацепција да биде ставен на позитивната листа.
Владата ќе обезбеди субвенционирање на аптекарската дејност во руралните средини преку тригодишна исплата на дефинирана кирија за деловен простор, субвенцинирање на давачките за здравствено и пензиско осигурување во период од три години и надоместок за патни трошоци доколку фармацевтот живее на одалеченост поголема од 20 километри од аптеката.
Ќе се дефинира нова рамка за паралелниот увоз адекватна на неговата улога и функција, а во согласност со моделот кој се применува во земјите на ЕУ и ќе се воведе објективна, транспарентна и интернационално потврдена методологија за формирање на единствените цени на лековите во Република Македонија.
При изборот на лекови и распишувањето на тендер за истите во телата ќе учествуваат и претставници од соодветните здруженија на граѓани од областа на здравствената заштита како и на клубовите и здруженија на болни (шеќерна болест, хемодијализа, хипертензија, карцином на дојка, ХИВ инфекција), како и на пациенти со ретки болести, пациенти од маргинализираните заедници и пациенти со посебни потреби. На тој начин, државата ќе биде контролирана токму од крајните корисници и ќе се обезбеди избор на квалитетни лекови и лекарски помагала, по најдобра можна цена.
Владата итно ќе подготви Акциски план за финансиска консолидација на јавните здравствени установи и предлог за користење на ресурсите на приватните болници, за услуги кои во моментов ги нема во јавното здравство, преку склучување на договори.
Јавна администрација како сервис
Владата на Република Македонија ќе работи на создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права. Со примена на принципите на праведност и стручност при вработувањето и објективност при унапредувањето и наградувањето на вработените во јавната администрација, Владата на Република Македонија ќе создаде администрација која ќе се ослободи од партиските спреги и ќе се посвети на решавање на проблемите на граѓаните и деловните субјекти, почитувајќи ги начелата на законитост и непристрасност при вршењето на должноста.
Владата на Република Македонија ќе предложи нова стратегија за реформи во администрацијата и ќе воспостави Центар за одличност кој ќе врши реална и независна анализа и оценка на јавните политики и ќе предлага нови методи и начини за подобрување на работата на институциите и администрацијата.
Владата на Република Македонија посветено ќе работи на остварување на темелната вредност на уставниот поредок – соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, како и во јавните претпријатија и државните компании.
Владата итно ќе го реши проблемот со државните службеници кои долго време примаат плата, а не се распоредени на работни места. Постои оправдано незадоволство и од нивна страна, но и од страна на јавноста за ваквата пракса. Владата ќе воспостави администрација која посветено ќе работи во служба на граѓаните и која ќе биде наградена за својот ангажман во полза на граѓаните, а не поради партиска или друга припадност. Затоа, Владата веднаш ќе ги објави податоците за бројката на нераспоредени државни службеници и ќе усвои план за нивно итно распоредување на работни места и професионален ангажман.
Во рамките на реформите во администрацијата, Владата на Република Македонија предвидува:
-
Воспоставување Јавен регистар на администрацијата во кој ќе биде објавен вкупниот број на постојани и привремено вработени лица во јавниот сектор. Регистарот ќе биде јавно достапен и редовно ќе се ажурира. Граѓаните ќе имаат увид на сите вработени во јавната администрација, за секоја институција.
-
Вработување без непотребни трошоци, заради што ќе предложиме законски измени потребните документи за учество на јавен оглас за вработување кои кандидатот да ги обезбеди од други институции, по службена должност, институцијата која ја спроведува постапката. Од исти причини, ќе се предложи укинување на тестот на личност (психолошкиот тест) како услов за вработување.
-
Воведување флексибилно работно време на институциите што ќе започнува од 7.30 до 8,0 часот наутро и ќе трае соодветно, до 15.30, односно 16.30 часот попладне. Дополнително, во една институција ќе направиме пилот-проект за 6-часовно работно време, со цел да се утврдат ефектите врз продуктивноста во работата.
-
Институциите кои имаат значителен обем на работа, и во кои граѓаните реализираат клучни права, да работат двосменски, односно до 20 часот, за да може да се обезбеди услуга на сите граѓани навремено.
-
Да отпочне процес на широки консултации со заинтересираните страни за воспоставување на нов систем на оценување во јавниот сектор. Оценувањето ќе се врши според параметри кои се видливи и можат да се мерат како што се редовност во работењето, ефективност, ефикасност, професионалност и стручност при извршувањето на работните задачи.
-
Да ги зголемува платите во јавниот сектор врз основа на растот на македонската економија. Вработените во јавниот сектор ќе се наградуваат заради постигање на исклучителни резултати и поголема посветеност на работата.
-
Да го ревидира постоечкиот систем на обуки и да воведе систем на обуки и за избрани и за именувани лица.
-
Да воведеме единствен електронски систем на кој ќе бидат поврзани сите државни институции. Овој електронски систем ќе го користат сите апликации за давање на јавни услуги кои државата ги нуди на граѓаните. Притоа секој граѓанин да добие единствен дигитален потпис, за најава при користење на сите тие апликации, по урнекот на скандинавските земји. Со тоа, ќе обезбедиме лесна контрола во давањето на услуги за сите граѓани, а истовремено ќе се стави крај на чекање во редови и давање мито на надлежните административни службеници. Ова решение целосно ќе биде во употреба во третата година на мандатот. Во меѓувреме, во првите 180 дена од мандатот Владата ќе ги елиминира сите непотребни документи кои ги бараат институциите во управните постапки, со што ќе се намалат дополнителните трошоци, а вкупната цена на услугите ќе биде јасно прикажана; ќе обезбедиме целосно електронско издавање на 50 најчесто издавани потврди или документи, а на секои шест месеци, ќе се зголемува за 10% бројот на е-сервиси кои институциите им ги нудат на граѓаните.
-
Да се предложат законски измени за обезбедување кратки и ефикасни управни постапки, со цел за секоја постапка поединечно јавно да се објават чекорите во постапката и кои службеници се задолжени за постапување; а сите прекршувања на постапката ќе бидат санкционирани, за што во Државниот управен инспекторат ќе се воспостави телефонска линија каде граѓаните и компаниите ќе може да пријават сомнеж за сторен прекршок.
Инвестиции за одржлив раст
Развој на земјоделството
Приоритет на Владата е зголемување на земјоделските површини и на приносот и квалитетот на земјоделските производи. Тоа ќе значи и поголеми приходи во сите семејства кои се занимаваат со земјоделство и сточарство. Политиката ќе биде насочена и кон зголемување на индустриско-преработувачките капацитети кои ќе бидат извозно ориентирани и ќе создаваат производи со повисока додадена вредност. Поважни задачи во областа на земјоделството се: насочување на земјоделските субвенции кон профитабилни и пазарно ориентирани земјоделски стопанства; транспарентност на буџетските средства од националната програма за земјоделство и рурален развој; консолидација и окрупнување на земјоделското земјиште по стопанство; и xоризонтална интеграција на субјектите во земјоделско-прехранбениот сектор и формирање на кооперативи.
Владата на Република Македонија ќе обезбеди годишна финансиската поддршка за земјоделството во износ од 160 милиони евра. При тоа, дополнителни финансиски стимулации ќе бидат на располагање за зголемување на земјоделските површини и на основното стадо. Зголемената поддршка ќе оди паралелно и со зголемена правичност и транспарентност со цел средствата навистина да доаѓаат кај вистинските земјоделци и сточари. За таа цел, целосно ќе се стави во употреба системот кој, врз основа на снимки од воздух, ќе ја утврдува моменталната состојба на земјоделското земјиште со што ќе се намалат можностите за злоупотреба. Воедно, системот ќе се промени за да се забрзаат и поедностават процедурите за доделување субвенции и полесен пристап до ЕУ фондовите за рурален развој.
Согласно реформите предвидени во даночниот систем, на граѓаните на кои основна дејност им е земјоделството и ги исполнуваат условите за паушално оданочување, ќе бидат ослободени од плаќање на данок.
Ќе се овозможи повозрасното земјоделско население, со стаж од 15 години и со старост од 64 години, да биде корисник на пензија.
Владата ќе воведе субвенции за нафтата за земјоделската механизација со механизам за спречување на можни злоупотреби.
Владата ќе предвиди обврска исплатата на откупените земјоделски производи да се изврши најдоцна 90 дена по извршениот откуп. Во законот ќе се воведе обврска за банкарска гаранција за планираниот откуп на земјоделски производи. За таа цел, Владата ќе посредува во преговорите меѓу производителите и откупувачите на земјоделските производи (пченица, ориз, градинарски култури, овошје, грозје и др.) и на нив ќе се договараат откупот и откупните цени најдоцна 30 дена пред започнување на откупот.
Во поглед на земјоделското земјиште, Владата ќе ги превземе следните мерки и активности:
-
Ревизија на веќе доделеното државно земјоделско земјиште и категоризација на земјиштето според квалитетот, од што ќе зависи големината и времетраењето на концесијата.
-
Реонизација на земјоделството според почвено-климатските услови на реоните за планско растително и сточарско производство и ќе се направат листи на препорачани култури и сорти, земајќи ги предвид и традиционалните производства.
-
Окрупнувањето на земјоделското земјиште ќе се одвива преку процеси на размена на парцелите со или без промена на нивната форма, до целосна промена на границите на земјишните парцели за да се добијат окрупнети земјишни површини со правилна форма, погодна за земјоделско производство.
-
Дополнително, обработливите површини ќе се зголемат со инвестирање во хидромелиоративни системи
Владата ќе воведе можност за зголемена финансиска поддршка за земјоделеците на возраст до 35 години, до пет години од периодот на започнување со земјоделска дејност. Младите земјоделци до 35 години ќе се ослободат од закуп на државно земјоделско земјиште во период од првите 3 години и ќе се обезбеди зголемено учество на државата во трошоците за земјоделска механизација. Заради полесно користење на ИПАРД средствата, Владата ќе воведе финансиска поддршка за каматите за кредитите подигнати од комерцијалните банки наменети за инвестиции од ИПАРД програмите.
Владата ќе воведе мерки за стимулирање на производството на добиточна храна, алтернативни култури, органско производство, произведен и пласиран саден материјал од градинарски култури, производство на повисока категорија на саден материјал, изградба на инфраструктура до потешко проодните планински фарми. Ќе се поттикнува изградба на современи складишни капацитети и откупно-дистрибутивни центри во производните региони за специфични земјоделски производи чиј капацитет ќе биде над 5.000 тони, како и создавање и заштита на производи со препознатлив бренд, знак за квалитет или географско потекло.
Владата ќе предложи измена на Законот за тутун во кој откупот на тутунот ќе биде регулиран со класификација во три квалитетни класи и според процентуалната застапеност на бербите (долна, средна и горна).
Поддршката за развој на преработувачката индустрија ќе се реализира преку кофинансирање на изградба и реконструкција на производни објекти, набавка на опрема за винарски визби, преработка на овошје и зеленчук, преработка на млеко и производство на млечни производи. Како дел од оваа политика, ќе се доделуваат локации на урбанизирано државно земјиште во поголемите производни региони (Струмица, Валандово, Гевгелија, Битола, Прилеп, Росоман, Берово, Ресен, Охрид, Тетово, Гостивар, Валандово, Липково, Кичево и во други региони).
Со цел да се зголеми квалитетот на продуктите, Владата ќе поддржи инсталирање на дигитални хидрометеоролошки станици во секој поголем производен регион. Ќе се обезбеди сигурна и поевтина заштита на посевите и насадите за да се намали употребата на пестицидите. Во таа насока, ќе ја зајакнеме контролата при увозот и продажбата на пестицидите.
Во сточарството, ќе поттикнеме доделување на државно земјоделско земјиште на вистинските сточари, зголемување за 20% над основните субвенции за регистрираните сточари, со цел да се стимулира развојот и професионализацијата во сточарството како основна дејност, финансиска поддршка за млади фармери при купување на првото стадо, зголемување на поддршката на мелкопроизводителите и поддршка за вештачко осеменување на овците и добивање на синхронизирано производство на јагне, тежински конфекционирано за извоз во ЕУ.
Здравјето на животните е клучен фактор во обезбедувањето на здрава храна на граѓаните на Република Македонија и зголемување на извозот. Ќе се намали стапката на ДДВ за ветеринарните лекови, ќе ја преземеме регистрацијата на ветеринарно-медицински препарати од ЕУ, ќе го субвенционираме воведување на нови акредитирани методи и акредитација на лабораториите кои се занимаваат со контрола на безбедноста на храната за извоз и за домашниот пазар.
Ќе се формира интервентен фонд наменет за земјоделско-прехранбениот сектор за стабилизирање на приходите на земјоделците како надомест при нивен значителен пад.
Владата ќе ја спроведува Стратегијата за одржлив развој на шумарството во Република Македонија, со учество на сите релевантни фактори од областа на шумарството и ловството, како и на граѓаните преку невладините организации. Во таа насока, ќе се трансформира ЈП „Македонски шуми” во насока на одговорното раководење, зголемувањето на продуктивноста и задоволителни финансиските резултати.
Една од важните цели на Владата ќе биде зголемување на шумскиот фонд во Република Македонија и многу поквалитетно чување на шумите и заштита од дивата сеча со преминување на секторот за шумска полиција од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во надлежност на Министерство за внатрешни работи.
Инфраструктура
Нивото на инвестиции во инсфраструктурата во Македонија беше ниско 10 год, и Македонија стана инфраструктурно заостаната земја, со рурални средини без основни животни услови, без системи за снабдување со вода, фекални и атмосферски канализации. Патиштата станаа опасни и небезбедни, (дури 39% крајно небезбедни според ЕУ), а со огромно задоцнување, се градат само неколку делници.
Затоа новата Влада ќе се фокусира на изградба на инфраструктура што ќе значи иднина за македонската економија, а ќе ги стопира инвестициите во непродуктивни проекти, како Скопје 2014. Владата ќе ги носи одлуките за големите инвестиици во инфраструктурата транспарентно и низ консултации со граѓаните и релевантните експерти.
Владата како свои цели ги поставува реализацијата на проектите: „Македонија мегалополис“, инфраструктурно поврзување меѓу најголемите центри за не повеќе од 90 минути, „Македонија без црни точки” и „Македонија без кал”.
Владата, во склад со законот од акцизата од горивата, регистрација на возила и наплата на патарини транспарентно ќе ги искористи финансиите за инвестиции и одржување во патната инфраструктура. Владата ќе формира компанија со доминантна државна сопственост (51%) преку која ќе се реализираат инвестициите во инфраструктурни проекти и во обновливи извори на енергија. Почетната големина на компанијата ќе биде 300 милиони евра.
Владата ќе иницира преговори за финансирање на 3 приоритетни инфраструктурни проекти преку иницијативата 16 земји од Европа плус Кина „тешка“ над 10 милијарди долари.
Владата ќе усвои план за инвестиции во патната инфраструктура од 3 милијарди евра во следните 10 години со што ќе го зголеми сегашниот финансиски недостиг за одржување на патиштата. Преку овие инвестиции, Владата ќе обезбеди изградба на 600 километри автопатишта и експресни патишта, 550 километри магистрални и регионални патишта и 1.000 километри локални патишта. Дел од приоритетните правци ќе бидат:
-
Автопат Скопје – Блаце (граница со Косово)
-
Реконструкција на регионален пат Драчево – Орешани – Таор и регионален пат Драчево – Јурумлери
-
Целосна изградба на регионалниот пат R-302 од Кисела Вода до регионалниот пат R-104 кај место Брзовец
-
Изградба на подземен сообраќаен коридор во центарот на Скопје на потегот Влада – Комплекс банки
-
Изградба на нова сообраќајница за поврзување на Кисела Вода со Аеродром на потег н. 11-ти октомври – ф-ка Раде Кончар
-
Изградба на нов пат Сопиште – Усје – бул. „Борис Трајковски“
-
Реконструкција на регионалниот пат Македонски Брод – Скопје
-
Регионален пат Кондово – Радуша
-
Поврзување на Матка директно со автопат Скопје – Тетово
-
Коридор 8 – (источен дел) Ранковце – Крива Паланка – Граница со Бугарија (прва фаза експресен пат)
-
Коридор 10 – Рехабилитација на автопат Миладиновци – Куманово
-
Изградба на регионален пат Матејче – Липково, Липково – Белановце и Танушевци – Дебелде
-
Регионален пат Младо Негоричане – Пелинце
-
Инфраструктурна изградба на индустриска зона Визбегово
-
Регионалниот пат Куманово – Арачиново (делот Никуштак – Куманово)
-
Регионален пат Куманово – Свети Николе
-
Автопат Миладиновци – Штип
-
Штип – Радовиш (експресен пат)
-
Штип – Кочани (експресен пат)
-
Реконструкција и рехабилитација на патот Кочани – Делчево
-
Кочани – Пробиштип (делница Пониква – Турско Рударе)
-
Реконструкција и изградба на патниот правец Пекланска река – Бигла (Виница – Делчево)
-
Реконструкција на регионален пат Велес – Богомила
-
Реконструкција на регионалниот пат Берово – Струмица
-
Реконструкција на патниот правец Пробиштип – Крупиште
-
Реконструкција на регионален пат Берово – Пехчево – Делчево
-
Регионален пат Делчево – Звегор
-
Реконструкција на дел од патен правец Берово – Виница
-
Довршување на изградбата на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Кочани – Зрновци
-
Финансиска поддршка за изградба на брана на реката Отиња во Штип и за проект за изградба на мост на река Вардар и заобиколница во Велес
-
Експресен пат Градско– Прилеп – Битола – Меџитлија
-
Физибилити студија за автопат Прилеп – Битола – Меџитлија
-
Автопат Демир Капија – Смоквица
-
Рехабилитација на национален пат Струмица – Граница со Бугарија
-
Проект за автопат Струмица – граница со Бугарија
-
Рехабилитација на автопат Смоквица – Гевгелија
-
Рехабилитација на автопат Неготино – Демир Капија
-
Регионален пат Кавадарци – Росоман
-
Регионален пат Дедели – Фурка – Богданци – Гевгелија
-
Реконструкција на регионалниот пат Прилеп – Ношпал – Добрушево – Новаци
-
Автопат Кичево – Охрид, Требеништа – Струга
-
Проектирање на делницата Струга-Ќафасан и почеток на изградба
-
Проектирање на автопат Гостивар – Кичево и почеток на изградба
-
Реконструкција на делницата Охрид – Ресен
-
Охрид – Пештани – Св.Наум (Владата ќе изврши промени на постоечкиот проект со цел да се заштити Националниот парк Галичица)
-
Подобро решение за транзит Кичево (во склоп на автопат Гостивар – Кичево)
-
Целосна реконструкција на патот с. Подмолје – Струга – Калишта – Радожда (стариот пат кон Охрид – Струга) на постоечката траса и придружната патна инфраструктура (велосипедски и пешачки патеки) за да се обезбеди квалитетен пристап кон туристичките капацитети на крајбрежјето. Притоа, ќе се почитува заштитениот појас на Охридското езеро.
-
Реконструкција на регионалниот патен правец Битола – Демир Хисар
-
Реконструкција на регионален пат Крушево – Демир Хисар
-
Рехабилитација на регионален пат Лажани – Ропотово – Црнилиште, Долнени
-
Реконструкција и проширување на регионалниот пат Дебар – А4
-
Преговори околу можно финансирање на изградбата на нов регионален пат Извор – Гарски мост
-
Завршување на изградба и реконструкција на државен пат Р2235, делница Маврови Анови – с. Маврово (потег од брана Маврово до Белички канал)
-
Реконструкција на регионален пат Тетово – Попова Шапка
-
Поврзување на надвозникот на Требош со Коридор VIII
-
Поаѓајќи од резултатите на физибилити студијата за патот Тетово – Призрен, ќе се разгледаат економски оправдани варијанти
-
Реконструкција на Регионален пат Р 2242, Јегуновце – Желино
-
Патни правци Добридол – Гостивар и Гостивар – Сербиново
-
Поставување на заштитна мрежа од одрони на патен правец Бошков мост – Дебар
-
Поставување на заштитна жичана мрежа за заштита од одрони на делницата по течението на река Радика
-
Реконструкција на регионален пат Р 29274, Лешок – (Р 2242) Шемшово
-
Реконструкција на регионален пат Р 2234, врска со 1203 во Пршовце до врска Р 2242 во Јегуновце
-
Реконструкција на регионален пат Центар Жупа – Новак
Владата ќе инвестира во проекти за модернизација на патната инфраструктура, зголемување на безбедноста и сообраќајниот проток особено преку рехабилитација и реконструкција на приоритетните црни точки, а намалување на загадувањето како и истражување и санација на свлечиштата, воведување електронски патарини и современа сигнализација и Интелигентен транспортен систем (ИТС). Владата ќе иницира изработка на проектна документација за определување приоритетни делници и ќе ги реализира рамномерно по плански региони.
Ќе работиме на изградба и рехабилитација на други регионални патни правци кои ќе бидат дополнително утврдени преку програмата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Воедно, ќе го забрзаме отварањето на новите гранични премини до кои веќе се градат или е завршена изградбата на патните правци.
Новата Влада во соработка со локалните самоуправи ќе работи на изградба и рехабилитација на поголем број локални патишта низ Република Македонија. Воедно, ќе се помогне и изградба на локални патишта и планински велосипедски патеки од интерес за развојот на езерскиот, планинскиот и спортскиот туризам.
Владата ќе инвестира во модернизација во железничката инфраструктура, обновување на возниот парк, и безбедноста, како на пример:
-
Проект за Приградски патнички сообраќај што ќе се состои од 4 краци во и околу Скопје
-
Зелениково – Драчево – Лисиче – Пинтија – 11 Октомври – Скопје Патничка (24 км)
-
Миладиновци – Илинден – Маџари – Скопје Патничка (19 км)
-
Нова пруга од Миладиновци до Аеродром Петровец (5 км)
- Радуша – Сарај – Ѓорче Петров – Скопје Север – Железара – Пивара – Скопје Патничка
-
-
Електрифиција на пругите Скопје – Скопје Север – Ѓорче Петров – Волково – Блаце (граница со Република Косово) и Скопје – Кичево
-
Довршување на реконструкција на пругата од Куманово до Бељаковце (Коридор 8) и изградба на нова пруга од Бељаковце до Крива Паланка (Коридор 8)
-
Почетна фаза на изградба на нова пруга од Крива Паланка до Деве Баир (трета фаза на Коридор 8 од Куманово до Република Бугарија)
-
Изработка на проектна документација за изградба на железницата Кичево – Лин (Република Албанија) и почеток на изградба
-
Физибилити студија за изградба на железнички крак до Струмица и Република Бугарија
-
Реконструкција Велес – Битола и довршување на реконструкцијата Битола – Кременица
-
Изработка на основни проекти и друга потребна техничка документација за изградба и надзор на нова пруга на железнички краци до индустриските зони (крак од железничка станица Миладиновци кон индустриска зона Бунарџик)
-
Безбедност во сообраќајот: осигурување на патните премини на коридорот 8 и коридор 10
-
Соларни железнички станици – реконструкција и модернизација на железничките станици на Коридорот 10 и 10д,
Владата ќе изработи нова национална стратегија за долгорочен развој на воздушниот сообраќај, ќе го анализира нивото на реализација од концесискиот договор со аеродромскиот оператор и ќе работи на инвестициски приоритети како брза транспортна врска помеѓу скопскиот и охридскиот аеродром и промоција на Охридскиот аеродром во low-cost аеродром. Ќе се направи анализа на услови за основање на редовен македонски авиопревозник, изградба или адаптација на 7 хелиодроми за медицински, полициски и воени потреби, 4 издвоени водени површини за оперирање на хидроавиони за посебни намени.
Преку отворен дијалог на државните органи со специјализирани институции и експерти ќе се изготви предлог за одржливо субвенционирање на туризмот поврзан со развојот на воздушниот сообраќај и транспорт.
Владата ќе развие транспарентен систем за праведна распределба на ЦЕМТ дозволите, и ќе даде подршка и сигурност на компаниите, нудејќи рамноправни услови за сите учесници. Потенцијалот за развој ќе се стимулира и преку намалување на цената на зелениот картон.
Владата ќе предложи законски мерки и одредби за возобновување на професионалноста и законитоста при просторното, урбаното планирање и геодетската дејност низ транспарентно и хумано планирање на просторот и развојот на градовите.
Владата ќе предложи ревизија и усогласување на законите од областа, мерки и прописи за контрола на објекти, зголемена безбедност и квалитет на градби и задолжителната квадратура со зеленило. Ќе мора да се овозможи реален увид на граѓаните при носењето на урбанистичките планови и да се даде реална можност за нивно влијание врз одлуката за тоа што и како ќе се гради во нивната околина. Законски ќе се регулираат нормативите за урбано зеленило во секоја градежна парцела за да се овозможат потребите на граѓаните за хумано, здраво и квалитетно живеење. Дополнителни финансиски стимулации ќе се предложат во тарифите на Агенцијата за катастар, во комуналните надоместоци за изградба на паркинг објекти и други јавни објекти од интерес.
Владата ќе работи на рамномерен развој и распределба на средствата во руралните средини и ќе овозможи подобрување на животот и здравје на граѓаните со изградба на канализациони и водоводни системи. Процентот на покриеност со канализација од сегашните 18% ќе достигне 40% и финансиски ќе се помогне. Владините реформи во комуналниот сектор ќе ја подобрат ефективноста и продуктивноста во услугите според реална цена на чинење. Средства и финансиска стимулација Владата ќе обезбеди од европските фондови и од Буџетот на РМ.
Владата ќе обезбеди мерки за спречување на злоупотреби со социјални станови преку субвенции за изградба (50% од комуналниот надоместок за изградба на индивидуални станбени куќи до 150 м2), субвенции на камата од кредити за купување на стан на млади брачни парови, и субвенции за проектирање и градба на објекти за ранливите групи на граѓани.
Владата ќе ги субвенционира граѓаните при енергетска изолација на објекти, со 20% од вкупната инвестиција. Субвенциите ќе обезбедат до 70% заштеда на енергија, намалени трошоци, намален увоз на струја, а зголемен обем на работа и бројот на вработени во фирмите произведители и изведувачи на овие материјали.
Енергетика
Владата цели да ја поврати изгубената енергетска сигурност и стабилност на Македонија, да ги намали трошоците за енергија и енергетската сиромаштија, а сонцето да стане извор на енергија во домаќинствата.
Владата ќе обезбеди енергетска достапност до сите граѓани и претпријатија. Ќе се стимулираат иновативни решенија и напредни технологии за производство на енергија, за намалување на учеството на фосилните горива, а зголемување на производството од обновливите извори на енергија.
Намалувањето на увозот на енергија ќе претставува резултат на комбинирањето на енергетската ефикасност и заштедата на енергија, рационално производство на сопствена енергија и осмислен настап на регионалните и меѓународните пазари на електрична енергија, природен гас и нафтени деривати.
Владата ќе подржи рационално производство на Електрична енергија со пренамена на ТЕЦ Неготино во енергетско-земјоделски комбинат, изградба на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, оптимално искористување на Пелагонскиот басен за јаглен, имплементација на најсовремени еколошки стандарди во ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј.
Проектот на Владата за ТЕЦ Неготино ќе обезбеди евтин енергенс за енергетско-земјоделските комбинати со што ќе придонесе за конкурентноста и извозот на раноградинарски култури и отворање на работни места во земјоделието. Со изградба на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, Владата ќе обезбеди зголемено домашното производство и намален увозот на скапа енергија. Со започнување на експлоатацијата на подинската јагленова серија во рудникот Суводол и со јамска експлоатација на јаглен во рудниците Живојно и Витолиште, Владата ќе го продолжи работниот век на столбот на македонската енергетика, РЕК Битола. Со имплементација на современи еко-стандарди во ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј (инсталирање систем за редукција на емисии станици за десулфуризација) ќе се намали емисијата на штетни честички во околината во пелагонискиот и кичевскиот регион.
Владата ќе се фокусира на задоволување на електроенергетските потреби на земјата со сопствено производство како и подобрување на условите за работа и заштитата во енергетските компании.
Со отворање на новиот јагленокоп Поповјани и модернизација на ТЕЦ Осломеј, Владата ќе го продолжи производниот век на електраната и ќе обезбеди нови работни места во кичевскиот регион.
Владата ќе ја преиспита исплатливоста за израдба на хидроенергетски капацитети по течението на реката Вардар, со цел брзо реализирање на исплатливи проекти.
Користејќи ја постоечката траса на 220 kV врска Скопје–Косово, но и најавите за изградба на нови производни капацитети во регионот, Владата ќе се насочи кон побрза изградба на нова 400 kV врска кон Косово. Владата ќе ја забрза изградбата на нова 400 kV врска Битола–Елбасан за да обезбеди пристап кон преносната мрежа на Албанија и за да ја засили преносната мрежа во битолско-охридскиот регион.
Владата ќе обезбеди користење на природниот гас како евтин и еколошки енергенс за секого во Република Македонија со изградба на магистрални гасоводи со иновативни нови технологии (CNG и LND) до урбаните средини и дистрибутивни мрежи.
Владата ќе го активира приклучувањето кон ТАП (ТАР-Trans Adriatic Pipeline) за гасификација на југозападна Македонија и приклучувањето кон преносните системи со Република Бугарија и Република Грција.
Владата ќе ги поедностави постапките и процедурите за реализиција на проекти поврзани со обновливи енергетски извори, ќе задолжи институција за воведување „едношалтерски систем“ за добивање на сите потребни податоци, информации и документи и спроведување на целосната постапка до реализација. Владата ќе предложи и законски промени за поедноставување на процедурата за уредување на градежно земјиште и добивање одобрение за градба на такви капацитети.
Владата финансиски ќе субвенционира изградба на фотоволтаични електрани во домаќинствата и ќе поттикне развој во домашната економија со отворање фабрики за производство на фотонапонски панели и модули. Нова 10МW фотонапонска електрана ќе се изгради со панели од македонско производство. Производство на електрична енергија до максимална инсталирана моќност од 150 MW со потенцијалот на ветрот, ќе се поттикне низ транспарентен процес на дозволи и одлуки.
Владата ќе инвестира во пошумување на планините и земјоделските земјишта од пониска класа со енергетско квалитетни брзорастечки дрвја за производство на пелети и биомаса. Владата ќе стимулира домашни и/или странски инвеститори за отворање на фабрики за производство на дрвен пелет и чипс.
Владата ќе применува политика со која цената на топлинската енергија од големите когенеративни централи ќе се продава по цена што ќе биде најмалку 10% пониска од цената на едногенеративните (котелски) регулирани постројки.
Со финансиски стимулации, Владата ќе поттикне употреба на когенеративни постројки во домаќинствата, но и во јавните здравствени установи. За инвестирање во когенеративни инсталации во земјоделството, Владата ќе доделува земјоделско земјиште од пониска класа, т.н. „енергетско–земјоделски“ зони.
Владата ќе формира посебен фонд за финансирање на енергетски ефикасни проекти со средства обезбедени од енергетските компании и фондови и грантови од ЕУ. Ќе се обезбеди бесплатна едукација на комерцијалните и индустриските потрошувачи за рационализирана потрошувачката на енергија.
За намалување на енергетската сиромаштија, Владата ќе воведе приоритени мерки за поголема енергетска ефикасност, енергетски ваучери за граѓаните опфатени со Законот за енергетска сиромаштија и „евтина струја„ цел викенд и 2 часа секој работен ден.
При процесот на создавање услови за либерализирање на енергетските пазари, Владата ќе внимава на избегнување на можни ценовни шокови, а особено на сигурноста во снабдувањето со енергија.
Со измени во законската и подзаконската регулатива, Владата ќе овозможи легализација на сите бесправно изградени објекти кои се наоѓаат во или блиску до коридорите на високонапонските далекуводи.
Информатичко општество
Во последните десетина години, развојот на информатичкото општество во Република Македонија во однос на другите земји во регионот, а посебно во однос на земјите членки на Европската унија, бележи значителна стагнација. Оваа оцена е нотирана во истражувањето на Обединетите нации („E-Government Survey 2014: E-government for the Future We Want”), објавено во јуни 2014 година, во кое Македонија го зазема последното место во сите сегменти на анализата: најмал индекс за развој на е-влада од сите земји во регинот, најмал процент во нудење електронски сервиси кон граѓаните, најмал процент во учество на граѓаните во носењето одлуки во локалната и централната власт. Истиот резултат може да се види и во истражувањата на ЕУ, на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) и на Светска банка.
Целта на Владата ќе биде развој на ИТ секторот (што ќе значи зголемување на извозот, намалување на невработеноста и градење македонски брендови) како и поедноставување и забрзување на комуникацијата помеѓу граѓаните и државната администрација користејќи токму ИКТ. За таа цел, Владата приоритетно ќе се посвети на создавање на електронски регистри како основа за сите електронски владини услуги кои се даваат на граѓаните и бизнисите.
Во поддршка на развојот на овој сектор, Владата ќе обезбедува целосна заштита на правата од интелектуална и индустриска сопственост во областа на информатичката технологија и ќе изработи Долгорочна национална стратегија за развој на информатичкото општество (во која ќе се предвиди и развој на електронска трговија). Владата ќе поддржи формирање истражувачки единици во деловниот сектор, со цел ефикасен трансфер на современи технологии.
Владата ќе води политика на намалување на данокот на добивка за информатика и информациони технологии на 5%.
Владата финансиски ќе го помогне пласманот на услуги и решенија од македонските ИКТ компании на светските пазари, како и преквалификацијата/доквалификацијата на високообразованите технички инженери (технолози, архитекти, машински и градежни инженери) во ИТ-инженери, со цел искористување на нивните информатички познавања и намалување на невработеноста на техничките кадри.
Владата ќе обезбеди даночни олеснувања за ИТ компании кои извезуваат софтвер и услуги. Со тоа ќе се овозможи зголемен девизен прилив, градење нови outsourcing ИТ компании и можност за нови вработувања.
Дополнително, Владата ќе ги превземе неопходните чекори за влез на трет мобилен оператор, за да ги намалиме цените на услугите и граѓаните да имаат поквалитетни услуги.
Владата во потполност ќе ги имплементира трите основни електронски регистри: регистарот на граѓани, адресниот регистар и регистарот на просторни податоци. Овие регистри се основа за сите електронски владини услуги кои се даваат на граѓаните и бизнисите преку системите кои се користат во државната администрација (матични книги, единствен избирачки список и др.), како и основа за сите активности што треба да се преземат за реализација на пописот на населението во Македонија.
Максимално ќе се развива е-владата и владините сервиси кон граѓаните и бизнисите, заради забрзување на процедурите во администрацијата и намалување на трошоците. Со примена на најмодерните ИКТ мерки и стратегии, ќе се подобри транспарентноста во работењето на владините институции преку целосна примена на концептот на отворена влада (Open Government). На овој начин, ќе се намалува и можноста за дискрециони одлуки, дискриминација по било кој основ и ќе се засили борбата против криминалот и корупцијата.
Здрава животна средина
Република Македонија, со своите природни карактеристики и ресурси, нуди можности за квалитетен живот на граѓаните. Содржи богата гео-морфолошка и биолошка разновидност, доволно вода за пиење, прекрасни езера и речни сливови. Ова е значаен потенцијал за денешните и идни генерации. Но, за жал, желбата за брз профит, непочитувањето на законодавството, непостоењето соодветен институционален и кадровски капацитет доведе до енормно загадување на воздухот, почвата и водата и нарушување на природните живеалишта. Поразувачки е фактот што Република Македонија во 21. век има проблеми на животната средина, карактеристични за земјите од третиот свет. Владата ќе обезбедува подобар квалитет на медиумите во животната средина и заштита на природните ресурси преку некорумпирани и капацитетни институции, засилени, опремени и професионални инспекциски служби, поддршка на приватниот сектор за постигнување на поставените стандарди во заштитата на животната средина, царински олеснување при увоз на нова технолошка опрема или инсталација на системи за пречистување на отпадните гасови или отпадните води, обезбедување финансиски средства преку буџетот, ИПА помошта на ЕУ и „меките“ кредити на ЕБРД, ЕИБ и Светска банка за стимулирање јавно-приватни партнерства како и целосна транспарентност и широки консултации во областа.
Мониторингот на квалитетот и емисиите во воздухот, водите и почвата ќе биде постојан и достапен на јавноста, науката и граѓанскиот сектор. Ќе се воспостават наменски здравствено-еколошки индикатори за процена на ризиците по здравјето на децата од загадениот воздух.
Владата ќе ја ревидира одлуката за увоз на стари возила со цел да обезбеди пониско ниво на емисии во воздухот од сообраќајот. Во сообраќајот ќе промовираме употреба на гасни горива од типот природен гас и пропан-бутан и ќе го стимулираме јавниот и организираниот превоз во градските средини и во поголемите компании.
Владата ќе формира Фонд за животна средина, како гаранција дека средствата добиени од такси за животнa средина, ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина, а нема да се користат за комодитетот на администрацијата (службени патувања, плаќање телефони или опремање на кабинети на министрите).
Владата ќе ја поддржи изградбата на регионални центри за управување со отпадот, кои најсоодветно ќе се справуваат со комуналниот, индустрискиот, медицинскиот и отпадот од животинско потекло. За да обезбедиме соодветно и економски ефикасно работење на идните регионални центри за управување со отпадот, ќе обезбедиме законска основа за јавно-приватно партнерство во управувањето со отпадот, искористување на употребливите фракции и изработка на секундарни производи, горива и енергија. Ова подразбира и решавање на проблемот со нерегуларните и дивите депонии, кои се еден од најголемите извори на загадувачки материи.
Владата ќе финансира изработка на приоритетна листа за решавање на историските индустриски загадувања и ревитализација на деградираните простори.
Приоритет ќе биде изградбата на пречистителни станици за третман на отпадните води во сите населени места со над 10.000 жители.
Владата ќе поддржи програми за зголемување на зелените површини во градовите, но со наши, автохтони видови, одгледувани во наши расадници – нема да увезуваме надворешни видови растенија коишто се скапи и не можат да се приспособат на нашите климатски услови.
Македонија е богата со обновливи извори на енергија, но сè уште ги користи многу ограничено. На пример, искористувањето на сончевата енергија во Република Македонија е на најниско ниво во споредба со европските држави. Ќе го олесниме и ќе го засилиме субвенционирањето на обновливите извори на енергија (сонце, ветер, геотермална енергија и биомаса). Ќе ги поедноставиме постапките за енергетски проекти базирани на обновлива енергија. Преку специјално дизајнирани програми, наменети пред сè за руралните подрачја, ќе ги поттикнуваме граѓаните да ги користат оние обновливи извори на енергија што претставуваат отпад од производните процеси. Потенцијалот за енергетската ефикасност во Македонија е поголем од вкупниот недостиг на енергија што се покрива со увоз. Тој потенцијал е поголем и од капацитетот на сите мали хидроцентрали што треба да се изградат и да работат со повластени (фидинг) тарифи. За искористување на тој потенцијал ќе преземеме повеќе мерки и проекти, опишани во поглавјето Енергетика. Согласно Протоколот од Кјото, ќе ја пресметуваме и стимулираме намалената емисија на CO2 и, од добиените заштеди во КТе, како карбон кредити ќе обезбедиме финансиски средства за енергетска ефикасност. Ќе го поддржиме создавањето на ЕСКО компании како испробан и верификуван модел за реализација на проектите за енергетска ефикасност во земјите на Европската унија.
Владата ќе се залага за здраво, хумано и праведно општество и ненасилен однос кон животните. Следејќи ги европските тенденции и јасно дефинирани стратегии, прифатени од Советот на Европа и Светската здравствена организација (WHO) ќе востановиме и спроведеме хумани програми за решавање на проблематиката со животните, при што целосно ќе ги вклучиме сите македонски здруженија за заштита на животните целејќи истите да придонесат со своите знаења, искуства и останати капацитети кои ги ставаат на располагање.
Заштита од природни катастрофи
Според анализите на Светска банка, Република Македонија сè повеќе ќе биде загрозена од природни непогоди, како резултат на климатските промени. Од тие причини, нашите институции мора да бидат подготвени да се справуваат со овие предизвици и да ја минимизираат штетата по животот, здравјето и имотот на граѓаните. Поплавите во последните две години ги покажаа сите системски слабости на институциите, особено во делот на превенција и доведоа до големи жртви, задоцнета и недоволна помош и голема дискриминација.
Владата ќе го преиспита функционирањето на овие институции, прецизно ќе ги дефинира надлежностите на секоја од нив и ќе обезбеди функционален систем за заштита на животот и имотот на граѓаните. Сите институции во системот за заштита и спасување од природни катастрофи ќе бидат екипирани со соодветен стручен кадар кој постојано ќе биде обучуван. Нивната соработка ќе се подигне на значително повисоко ниво. Ќе се набави современа опрема и ќе се додели на сите надлежни институции, а постоечката ќе се одржува во добра кондиција.
Владата ќе воведе интегриран систем на управување со водите преку формирање на Агенција за води. Сите податоци за водните ресурси собрани од надлежните институции ќе бидат интегрирани на едно место и сите активности ќе се координираат користејќи единствен систем за управување и делување. Користејќи ги сите расположливи податоци од институциите, од општините, но и сите достапни ресурси кои ЕУ ги става на располагање, веднаш ќе почнеме со изготвување на реален оперативен план за заштита од поплави за загрозените подрачја, а ќе ги преиспитаме плановите за заштита на секоја општина и градот Скопје. Континуирано ќе се спроведуваат обуки и информирање на населението за ризиците од поплава и како да се однесуваат во случај на поплава и други непогоди.
Владата ќе изработи „Катастар на загрозени подрачја од природни непогоди во Македонија со степен на ризик“ кој ќе влезе во сите плански и секторски документи, при што ќе се дефинират црвени зони (не смее да се гради), жолти зони (може да се гради но само со заштитни мерки) и зелени зони (слободни за градба). Ќе се зајакне експертската контрола во изготвување и спроведувањето на делот на заштита и спасување во просторните и урбанистички планови.
Владата ќе ја вклучи експертската јавност во креирање на мерки за борба против ерозија и уредување на порои, пошумување на околните планини каде со уништување на шумите се допринело за ерозија на земјиштето. Ќе се преиспита издржливоста на градби објекти во ранливи региони и ќе се предвидат мерки за санирање и одржување на браните. Очигледниот криминал со нелегалната сеча на шумите ќе се сузбива со преминување на секторот за шумска полиција од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во надлежност на Министерство за внатрешни работи.
Владата ќе иницира дебата околу забрана за изградба на објекти во коритата на реките и ќе го санираме коритото на Вардар чија пропустна моќ е дополнително намалена со градбите од „Скопје 2014“. Ширината на крајбрежниот појас ќе се дефинира согласно европските стандарди.
Владата ќе развива современ хидрометеоролошки систем за рано предупредување во случај на ризик од невреме, за населението да биде навремено информирано и подготвено да се справи со предизвиците. Ќе се воспостави единствен систем за известување и тревожење и единствен комуникациско-информациски систем со реализација на повикувачкиот број за кризни ситуации – Е-112.
Владата ќе ги искористи можностите на „Европа Ре„ формирана како компанија за реосигурување преку јавно-приватно партнерство со неколку држави во регионот. Во случај на природни катастрофи, македонскиот буџет ќе биде сигурен, а сите штети ќе бидат покриени преку системот на реосигурување. Со користење на иновативни технологии, системот гарантира покривање на сите штети согласно швајцарски стандарди за квалитет, без субјективност, политички влијанија и можности за корупција.
Слободна и европска култура
Клучните вредности на владината културна политика се слободата на творештвото, еднаквоста и универзалното добро, а најважните движечки принципи се пристапноста, учеството и еднаквите услови и права за сите. Поаѓаме од концептот на културна демократија, која го промовира учеството на сите граѓани во културата и во создавањето на културните политики. Културата мора да има прогресивна општествена функција: да поттикнува, да полемизира, да продлабочува, да критикува, да експериментира, да создава нови вредности. Во европските трендови културата не познава строга контрола од страна на државата. Таа е отворена по својата природа, отворена кон другите култури, отворена кон сите граѓани.
Владата нема да биде авторитарен чинител на културниот живот и главен оперативец во културата, како досега, туку само регулатор на општите рамки на културниот систем и на основните цели на културната политика. Главните носители на културниот живот ќе бидат институциите и организациите од културата, уметниците и сите луѓе со креативна визија.
Владата ќе го преиспита актуелниот модел на финансирање на националните институции и на проектите од национален интерес, ќе ја унапреди застарената поделба на дејности и сектори и ќе го воведе европскиот принцип „arm’s length” во нивното менаџирање. Новиот систем на финансирање ќе ја надмине годишната програма. Ќе се создадат посебни фондови за различните домени во културата, кои ќе добијат јасен и подолгорочен мандат и автономија и целосно ќе ја преземат одговорноста за изборот на проекти. Ќе се примени моделот на комбинирани повици, со фиксни, но и со променливи датуми, од оние за краткотрајни проекти; до подолгорочни, кои имаат потреба од двегодишно или повеќегодишно финансирање (особено за пресретнување на проектите што добиле европска поддршка). Но, истовремено, ќе се преиспита законското решение за финансирање на новоформираната Агенција за филм, со цел да се дојде до праведно решение за сите засегнати страни.
Ќе се воведат нови стандарди на работење – транспарентност, отчетност, непристрасност и ефикасност на сите фактори во културниот систем, особено на националните и на другите јавни институции. Со гарантирање на автономијата во изборот на програмите и проектите, ќе воспоставиме практика секоја одлука да биде изведена врз јасни критериуми и да биде образложена.
Владата ќе настапи со законски и суштински измени за враќање на идентитетот и самопочитта на културните работници и творците во институциите. Фокусот ќе биде ставен на авторите и соодветното валоризирање на нивниот авторски труд. Ќе се зајакне транспарентноста во работењето на колективните организации за заштита на авторските и сродни права, ќе се зајакне контролата над употребата на авторските права и нивното остварување, континуирано ќе се засилува заштитата и на самите автори, но и на корисниците на авторските права кои се под надлежност на министерството.
Владата ќе го стимулира создавањето програми и творештво со врвен уметнички квалитет. Од сите институции и организации, кои добиваат поддршка од државата, ќе инсистираме на развивање планови и стратегии за привлекување на публиката и за подигнување на нејзиниот критериум за вреднување на вистинските квалитети на културните перформанси.
Владата темелно ќе го преиспитува проектот „Скопје 2014“ и неговите политички, уставно-правни, меѓуетнички, културни, архитектонски, урбано-градителски, финансиски и естетски аспекти. За справување со последиците на „Скопје 2014“ Владата ќе ги повика да се вклучат сите надлежни институции од културата, науката и уметноста. Откако ќе завршат сите уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи со кои ќе се расчистат злоупотребите и криминалот сторен со и низ оваа гигантска дивоградба, ќе покренеме мерки за ревитализација на централното градско подрачје и Старата скопска чаршија. На тој начин ќе се спречат избрзани, произволни или популистички мотивирани решенија.
Владата ќе изработи стратегија со мерки за санирање на состојбите во заштитата на културното наследство. Ќе извршиме ревизија на проектите од типот на скопско Кале, Плаошник во Охрид, ски-центарот на Галичица, плажата во Лагадин, викенд-населбата во Лазарополе и сл., кои претставуваат директна закана врз културното и природното наследство. Во функција на надминување на постоечкиот волунтаризам во оваа област, по примерот на развиените европски земји, ќе се изготви нов Закон за заштита на културното наследство во кој ќе биде содржана Листа на споменици од национално значење. Листата ќе претставува документ од јавен карактер, достапен на граѓаните. Ќе се воведе систем на задолжително финансирање на спомениците од листата, по принципот на категорија на вредност и степен на загрозеност, без фаворизирање на одредени видови културно наследство. Владата ќе финансира обука на кадри и меритократска кадровска политика во сферата на конзервацијата и на реставрацијата.
Ќе се востановат механизми во законска рамка за валоризација на современата уметност и архитектура како составен дел на листата (според критериуми на вредност, а не времето на градење), со што во иднина ќе се оневозможи рефасадирање на значајни објекти од типот на зградата на Владата, Градскиот трговски центар во Скопје, или старото градско јадро на скопската ул. „Македонија“. Воедно ќе се заштитат Старата скопска чаршија, локалитетот Плаошник во Охрид, старата чаршија во Струга, староградската архитектура во Кратово, Широк Сокак во Битола и Кичевското кале.
Владата ќе формира независно експертско тело кое ќе изврши ревизија на сите нови музеи од аспект на вредноста на збирките и просторно-безбедносните услови на експонирање и нивно чување, како и за развој на музејската дејност во чекор со европските и светските стандарди. Во тој процес, ќе се истакне улогата на музеите во зачувувањето на духовното културно наследство, со фокус на комуникациската улога на музеите и нивната интеракција со посетителите.
Владата ќе изврши трансформација на националните културни институции според јасни и јавни критериуми. Својата годишна програмска дејност Националните установи ќе ја договараат во директни преговори и во соработка со Министерството за култура, без учество на јавни конкурси, но на транспарентен начин, со јавни расправи за предлог-годишните програми.
Владата ќе ги поттикнува локалните власти да донесуваат локални културни политики, да воведат стратегиско планирање и да обезбедат активни програми за културен развој. Тоа ќе го направи културниот систем поефикасен и поадекватен на културните потреби на граѓаните. Новата културна политика на децентрализација ќе овозможи во секоја општина или поголема урбана заедница да се создаде барем еден културeн центaр на заедницата. Ќе се создадат услови и за локален развој на креативни индустрии кои ќе придонесат за економски развој на самата општина.
Новата културна политика ќе биде насочена кон живата култура, независната културна сцена, кон културниот процес и уметничките практики што ги вклучуваат и уметниците и публиката. Поддршка ќе има и за структурните потреби, за продукциските трошоци и за стратегиите за раст и за зголемување на квалитетот на проектите и на организациите. Ќе се поддржат нови продукции, експериментаторски практики и модели на дејствување и воведување добри практики на одржлив раст и работење. Посебно внимание ќе им се посвети на т.н. креативни дејности и културни индустрии. Ќе се следат врвните европски трендови и политики, но истовремено нивната примена ќе биде приспособена на националниот контекст и на карактеристиките на пазарот и публиката во Република Македонија. Постојано ќе се зголемуваат можностите за создавање креативни претприемачи и нивен пробив на меѓународниот пазар.
Владата ќе обезбеди посебен фонд за промоција на нашата уметност и култура во странство и за суштинска регионална и меѓународна соработка. Ќе се поддржи целосна дигитализација на нашето културно-уметничко богатство (особено постарите книжни изданија, значајни научни трудови и друга периодика).
Владата ќе ја финансира приоритетна листа на ликовни колонии и други манифестации кои најдобро ќе го исполнат јавниот интерес во визуелните уметности, додека во театарската дејност ќе одредува најмалку двегодишен буџет за секој театар со дополнителни модели на финансирање (спонзорство, покровителство, долгорочно донаторство) и механизми за поголемо учество на локалната самоуправа во финансирањето на театрите. Ќе се врати автономијата на одлучувањето и во однос на раководната структура и во однос на програмата. Пресудниот збор ќе го имаат претставничките тела на самиот ансамбл, кои ќе ги носат одлуките врз база на компетентност и предложена програма. Ќе се поддржат гостувањата во странство и ангажирање на меѓународно реномирани режисери.
Владата ќе воведе транспарентност и отчетност во носењето на одлуките кој филм заслужува да биде финансиран од страна на државата. Ќе им даваме поддршка на поголем број режисери и други филмски творци кои ќе можат преку учеството во повеќе продукции да го усовршуваат својот занает и естетика. Ќе инсистираме на продукции со разумни буџети, со добри сценарија и солидна филмска екипа, кои ќе создаваат естетски вредни филмови. Владата ќе предложи модели за финансиска поддршка на киноприкажувањето, со зголемување на кино-мрежата, но и со поквалитетна филмска програма. Владата ќе промовира нов систем за финансирање на студентски и дипломски филмови, во кои ќе биде вклучена и МРТ, како техничка поддршка за студентските филмови и со одредена партиципација на фондот, со цел тие да стекнуваат искуство и реноме.
Како поддршка на младите и нивен поголем културен ангажман, Владата ќе финансира младински театар, составен од млади и студенти, кој ќе гостува низ целата држава. Оваа активност би поттикнала изградба или сместување во веќе постоечки објекти на младински, мултифункционални центри во повеќе општини и градови каде ќе се организираат јавни настани, театарски и кино претстави, ораторски вечери, изложби и слично.
Локална самоуправа и рамномерен регионален развој
Македонија сè уште е една од фискално најцентрализираните држави во Европа во која најголем дел од општините немаат доволно финансиски средства за успешно да ги извршуваат законските надлежности и да обезбедат квалитетни услуги за граѓаните. Дополнително, Република Македонија е исклучително нерамномерно развиена земја. Огромни се разликите во степенот на развиеност меѓу урбаните и руралните општини, како и меѓу Градот Скопје и остатокот од Македонија. Голем број општини не можат да ги покријат ни тековните трошоци за, на пример, превоз на учениците и за затоплување на училишните објекти. Животот во селата и помалите општини е многу тежок, заради што голем број луѓе, особено млади, заминуваат во урбаните центри или во странство.
Владата ќе води политика на зголемување на капацитетите на општините, но и на нивната транспарентност и отчетност. Целта ќе биде поголемо приближување на власта до граѓаните, но и подобрување на услугите и зголемен квалитет на живеење на целата територија на Република Македонија.
Децентрализацијата на власта останува наш врвен приоритет. Сите граѓани, без разлика дали живеат во град или село, имаат право на квалитетно образование и здравствена заштита, чиста вода, здрава животна средина, безбеден и спокоен живот. Поаѓаме од фактот дека не се искористени потенцијалите на локалната самоуправа за развој на земјата и дека нема демократија без развиена локална самоуправа. Владата ќе води политика на пренесување нови надлежности и многу повеќе финансиски средства на општините за успешно извршување на доверените надлежности и за обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните.
Владата финансиски ќе го стимулира отварањето на центри за услуги во кои граѓаните ќе можат на едно место да ги добијат сите услуги, брзо, квалитетно и евтино.
Владата ќе води политика со која ќе се елиминира субјективното и партиското влијание врз распределбата на јавните финансии во државата. Ќе обезбедиме транспарентен, правичен и објективен начин за распределба на капиталните и блок-дотациите. Поради катастрофалните состојби во оваа област, капиталните дотации ќе ги интегрираме во еден систем, со неколку подсистеми. Ќе ги зголемиме средствата и ќе обезбедиме транспарентна и правична распределба според објективни критериуми.
Владата ќе ги воведе европските најдобри пракси и ќе ги зголеми годишните средства за рамномерен регионален развој од околу 4 на 80 милиони евра, со транспарентни механизми за рамномерна распределба на средствата од 1% од БДП (по плански региони и општини), со цел да се стимулира локалниот економски развој и да се намалат регионалните разлики. Воедно, Владата ќе ги ревидира овие механизми и ќе обезбеди нивна објективност и транспарентност. Министерството за локална самоуправа ќе биде задолжено за следење на владините одлуки за инвестициони вложувања и ќе дава мислење од аспект на рамномерниот економски развој. Воедно, ќе се поттикне поголема самостојност на Советите на регионите во одлучувањето и финансирањето на приоритетните регионални проекти, како и при донесување на урбанистички планови, јакнење на административните и финансиските капацитети на Центрите за регионален развој (обезбедување статус на државни службеници на вработените во центрите и целосно покривање на оперативните трошоци од централниот буџет).
За обезбедување на квалитетни услуги за сите граѓани, без разлика на нивното место на живеење, ќе изградиме објективен, правичен, транспарентен и одржлив систем за финансиско воедначување на општините во тесна соработка со ЗЕЛС. Целта е да се обезбедат повеќе финансиски средства за помалите и сиромашни општини кои континуирано, врз основа на реални показатели, имаат мал даночен капацитет, а имаат големи финансиски потреби.
Владата ќе формира Фонд за поддршка на проекти од општините, кои ќе се финансираат од ИПА и други програми на ЕУ. Фондот ќе обезбеди постојани и сигурни финансиски средства за капитални инфраструктурни проекти како системи за водоснабдување, изградба и реконструкција на локални патишта и улици, регионални фабрики за третман на цврстиот комунален отпад, канализација и колекторски системи, пречистителни станици за фекални отпадни води, за гасификација на општините, за улично јавно осветлување, паркови, уредување на речни корита итн.
Владата ќе започне процес со кој ќе ги стимулираме, но и ќе ги обврземе општините да изработат урбанистички планови за сите населени места. Реализацијата ќе се одвива во две фази, во првата ќе бидат опфатени населени места со над 1000 жители, а во втората и оние населени места со помалку од 1000 жители. За овие населени места општините ќе мора да изработат и екомонско развојни планови, како основа за одржлив развој на заедниците. Според добрите европски практики, урбанистичките планови ќе имаат подолг рок на важност, а развојните планови на општините ќе бидат со важност од 4 до 6 години.
Владата ќе ја поедностави и поевтини процедурата за добивање одобрение за градење. Во помалите и руралните средини директно ќе го стимулираме градењето на објекти за домување и стопанисување. Во овие средини значително ќе ја намалиме цената на градежното земјиште и целосно ќе го субвенционираме уредувањето на градежното земјиште. За младите брачни парови и оние семејства кои немаат сопствен дом ќе воведеме дополнителни мерки за стимулирање на градбата на објектите за домување. Со тоа ќе го сопреме одливот на младите луѓе и ќе создадеме реални услови за враќање на животот во овие средини.
Владата ќе обезбеди буџетска поддршка со која до крај на мандатниот период ќе бидат заменети сите водоводни азбест-цементни цевки и сите азбест-цементни покривни површини на јавните институции во надлежност на локалната самоуправа. На сите јавни објекти во надлежност на локалната самоуправа ќе бидат изведени термоизолациски фасади, со што ќе се заштедат многу средства за огрев, ќе се намали сечата на дрва за огрев и ќе се подобрат условите за престој и работа.
Владата ќе отпочне реформи во комуналниот сектор за да се подобри квалитетот на услугите и да се зголеми продуктивноста. По пат на трансформации и со други форми на организација, ќе ги реконструираме постоечките и ќе изградиме нови комунални објекти. Ќе воспоставиме рамнотежа помеѓу профитните бизнис-операции, од една страна и обезбедување на евтини, сигурни, квалитетни и широко достапни услуги за граѓаните, од друга страна.
Владата ќе предложи воведање на општински правобранители за подобра заштита на правата на граѓаните, повредени од локалната самоуправа.
Поттик за спортот
Владата на Република Македонија ќе поддржува политики со кои ќе се зголеми бројот на граѓани, од сите возрасти, социјални групи и средини, кои секојдневно го применуваат спортот и спортско-рекретивните активности. За таа цел, приоритет ќе ставиме на создавање квалитетен систем на спорт во училиштата и универзитетите. Посебна поддршка ќе се даде на остварување квалитетни спортски резултати во националниот систем на натревари и успех на спортистите кои учествуваат на меѓународни натпревари.
Владата ќе предложи нов Закон за спортот, со кој ќе се обезбеди статус на дејноста спорт и спортистите во нашата земја, стабилни извори за финансирање на дејноста спорт од централниот и локалниот буџет, како и можност за директна поддршка на спортот со средства од економијата.
Владата ќе ги поддржи националните спортски федерации во креирањето современ национален систем на натпревари и целосно ќе ја почитува самостојноста на националните спортски федерации.
Нашата цел е да го зголемиме процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните 2 процента од населението на 20 проценти, кои ќе бидат опфатени во „спортот за сите”. Со поставување вистински модел на училишен спорт, ќе го зголемиме бројот на ученици кои спортуваат од сегашните 5.000 на 50.000 ученици во основното и во средното образование.
Објектите за спорт, кои од 2000 година се предмет на манипулации и експлотации, ќе ги вратиме за потребите на спортистите, младите и граѓаните. Тие, во моментов се користат за сè друго само не за основната намена.
Ќе обезбедиме законска рамка и услови овие објекти да ги менаџираат и да ги користат единиците на локалната самоуправа. Дел од нив ќе бидат наменети за националните спортски федерации и најдобрите клубови, а оние кои се со квалитет, опрема, функционалност и стандарди за организирање на големи меѓународни натпревари, ќе бидат под директна грижа на државата, ставени на располагање на федерациите и спортистите.
Владата ќе иницира формирање на спортски финансиски фонд во рамките на Агенцијата за млади и спорт во кој ќе се слеваат финансиските средства наменети за развој на спортот. Тој ќе се полни од средства од издавање на лиценци за работа на спортските обложувалници, дел од секоја поединечна уплата на тикет за спортско обложување, дел од уплатите од игрите на среќа.
Владата ќе формира Национален совет за спорт составен од најдобрите пет спортски федерации рангирани според однапред утврден критериум, претседателот на Македонскиот олимписки комитет и директорот на Агенцијата за млади и спорт.
Ќе се одредат максимални квоти за добивање на финансиски поволности од државата, а спортските субјекти ќе бидат поделени во три категории во зависност од степенот на натпреварувањето и неговото значење за популаризацијата на спортот и промоцијата на државата. Финансиските поволности ќе се добиваат преку пренасочување на дел од данокот на добивка од претпријатијата. Претпријатијата ќе можат дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ја платат на државата да ја вложат во спортски клуб или спортист.