Владини функционери одат во Ерусалим по „Благодатниот оган“, соопштија од Владата. Владината делегација ќе ја предводи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Државна и црковна делегација од Република Северна Македонија, предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во чиј состав се министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на Државната комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и Шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Митрополит тетовски-гостиварски, Јосиф Тодоровски, ќе учествуваат на церемонијата „Преземање на Благодатниот оган во Ерусалим” во Базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим, Државата Израел“, соопштија од Влада.
Свечената церемонија на пристигнување на државната и црковната делегација и предавање на Благодатниот оган на аеродромот во Скопје, е предвидена утревечер, во 20 часот, со директен пренос на МРТВ.