Актуелната градоначалничка на Тетово Теута Арифи од ДУИ и лидерот на БЕСА Биљал Касами влегуваат во втор круг за избор на градоначалник на Тетово.
Во првиот круг, според податоците од ДИК, Арифи освои 11.138 гласа, а Касами освои 10.496 гласа, што претставува разлика од само 642 гласа.
Ваквата незначителна разлика навестува исклучително интересна битка за вториот круг, со оглед дека повеќе кандидати во првиот круг освоија повеќе гласови отколку што е разликата меѓу Арифи и Касами, поради што можни се повеќе изборни калкулации и комбинаторики.
Кандидатот на Алијанса за Албанците Вулнет Мурсели освои 6.165 гласа, кандидатот на ДПА Сади Беџети освои 3.840 гласа, кандидатот на СДСМ Хамдија Елезовиќ освои 2.373 гласа, додека Снежана Стојановска од Интегра освои 1.989.
Со оглед на аномозитетот меѓу ААА и со ДУИ и со БЕСА, нејасно е дали Мурсели сака и воопшто може да ги насочи своите гласови, со тоа што треба да се има во предвид дека на негово конто има и гласови од ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така, ситуацијата дополнително ја компликува фактот што во Тетово во втор круг се борат коалициски партнери од кои зависи парламентарното мнозинство, па ниту СДСМ нема голем простор за менавер кому да ги даде гласовите на Елезовиќ.
На крајот, можеби пресудни ќе се покажат гласовите на уште една владејачка партија – ДПА, кои партискиот лидер Мендух Тачи лесно ги контролира, така што се очекува тој да влезе во преговори и со двете страни.