Екс-градоначалникот на Битола, Владимир Талески, редовно зема плата од Битолскиот театар. Талески е пред две години првостепено осуден на 8 години затвор за случајот „Транспортер“, за криминал направен со бесплатниот школски превоз во Битола. Тој од март 2020 година по пресудата од Основниот кривичен суд Скопје е во домашен притвор во семејниот стан во Битола.
Од Битолскиот народен театар потврдуваат дека Талески како и сите вработени во институцијата редовно зема плата. Додека беше градоначалник, неговиот работен однос беше во мирување, откако му заврши мандатот, тој е повторно вработен во НТБ како актер и има статус на актер „првенец“. Оваа позиција му е определена со систематизација од февруари 2016 година.
-Актерот Владимир Талески е сѐ уште вработен во БНТ, тој е актер од прва категорија и така е одредена неговата плата. Сѐ до правосилноста на неговата затворска казна тој ќе биде на платен список на Театарот“, потврдуваат од БНТ за „Фокус“.
Покрај Талески за случајот „Транспортер“ првостепено е осуден и екс-секретарот на Општина Битола, како и уште дваесетина други обвинети.
Корона кризата го одложи спроведувањето во Шутка на екс-градоначалникот на Битола, а покрај Талески и поранешниот секретар на Општина Битола, Слободан Бончановски, кој доби казна од 6,6 години затвор не замина во притвор како што е праксата за казните повисоки од пет години.
За Талески и другите осудени во „Транспортер“ се чека одлука од Апелацискиот суд Скопје, дали ќе се потврди одлуката на првостепениот суд или пак ќе се менува.
Сите 21 обвинети во „Транспортер“, се осудени првостепено за злоупотреба на службената положба и овластувањата со превоз на основци и средношколци на територијата на општина Битола, за незаконски тендери. Осумтемина условно осудени тогашни директори на училиштата прифаќале бланко фактури од 11 превозници кои си допишувале суми над договорената вредност и ги препраќале до општината. Општината им исплаќала колку што побарувале и сите заедно го оштетиле буџетот во износ од 34 милиони денари или 560 илјади евра, кои, според пресудата, ќе мора да ги вратат.
Соња Танеска