Сѐ уште сме во исчекување да почнат официјалните разговори помеѓу Македонската православна црква и Цариградската патријаршија по прашањето за автокефалноста. Неофицијалните сознанија се дека има расположение од Цариградската Ппатријаршија нашето прашање да го земе предвид на некоја од своите наредни седници, изјави Владиката Петар, одговарајќи на новинарско прашање какви се моментално релациите со Цариградската Патријаршија. Митрополитот Петар денеска присуствуваше на промоција на монографија за манастирот „Свети Илија“ во прилепско Мариово.
Досега, вели, нема официјални, но има неофицијални разговори.
– До денеска, сѐ уште немаме официјални разговори со Цариградската патријаршија околу прашањето за автокефалноста на МПЦ. Сите досегашни се неофицијални разговори. Очекуваме дека час-поскоро ќе се случи да започнат и официјалните разговори. Инаку, од она што досега го имаме како сознание, од тие неофицијални разговори, е дека има расположение од Цариградската патријаршија нашето прашање за автокефалноста на МПЦ да го земе предвид на некоја од своите наредни седници. Како понатаму ќе се одвиваат работите по тоа прашање, не можеме ништо да предвидиме, бидејќи тоа ќе зависи од повеќе фактори. Секако дека беше споменато и дека може да стане збор и за политички односи што се однесува до нашата земја и до земјите на Балканот, зашто тоа има помало или поголемо влијание. Очигледно е дека сега сме во едно исчекување да почнат тие официјални разговори помеѓу МПЦ и Цариградската патријаршија, изјави Владиката Петар.
Запрашан за релацијата на односите со Српската православна црква, Владиката Петар смета дека односите се заладени.
–Она што е на релацијата на Македонска православна црква со Српска православна црква е општо познато, не само за македонската, туку и за пошироката јавност дека се заладени односите, но не по наша вина, туку по вина на СПЦ. Уште пред неколку години, сѐ што од нивна страна беше побарано, ние направивме. Доставивме и писмо со кое треба да се определат термин и место каде ќе продолжат разговорите, но тоа не се случи до ден-денеска. Мислам дека нема дискусија за некакви добри односи или релации, рече Владиката Петар.
Со Руската православна црква, пак, вели, односите не се заладени, особено што Руската православна црква неколку пати се залагала да има разговори со СПЦ.
-Никогаш не сме ги заладиле односите со Руската православна црква. Факт е дека Руската православна црква во повеќе наврати се залагаше да започнат разговорите со СПЦ, вклучувајќи ги и последните чекори кои ги направи кога Вранишковски излезе од затворот и беше таму на опоравување, како што ѝ беше кажано на јавноста. Од тоа што лично го знаеме дека кај РПЦ имаше желба да започнат разговорите со СПЦ, оттогаш работата е статус-кво и нема започнато разговори на релација МПЦ – СПЦ. Она што се случи на Соборот на архиереите на СПЦ, познато е дека оттаму не произлезе никаква информација во нивното соопштение по прашањето на нашата Црква, рече Владиката Петар објаснувајќи ги односите со Цариградската патријаршија и со другите православни цркви.