Владејачката словенечка партија го напушта Твитер

by fokus

Владејачката словенечка партија Движење за слобода одлучи да престане да го користи Твитер, меѓу другото, бидејќи стравува дека некои политичари би можеле да ја искористат мрежата за ширење лажни вести и говор на омраза, во кои не сака да учествува.

„Со оглед на однесувањето и најавите на новиот сопственик и менаџмент на Твитер, можеме да очекуваме дека просторот за недозволена комуникација и говор на омраза ќе се отвори уште повеќе на таа мрежа“, соопштија од партијата.

Партијата на либералниот премиер Роберт Голоб победи на парламентарните избори во април, а во својата програма го потенцираше враќањето на пристојноста во политиката и зајакнувањето на владеењето на правото, за кое велат дека било прекршено за време на мандатот на поранешниот премиер Јанез Јанша.

Партијата има 41 од 90 места во Парламентот, и објави дека нејзиниот профил на Твитер бил блокиран три недели поради технички потешкотии, но со текот на времето сфатиле дека не им е потребна мрежата за да комуницираат со јавноста преку неа.

„Истовремено, таа платформа се злоупотребува од членови и симпатизери на одредени политички партии со цел да се поларизира општеството, да се шират лажни вести, да се манипулира, дискредитира, навредува или дури да се шири говор на омраза“, наведуваат од партијата и дека не сакаат да учествуваат во таквиот говор.

Поврзани новости