Владата на Република Македонија утре, 31 октомври, ќе ја одржи својата редовна 34-та седница со повеќе точки на дневниот ред:
На предлог на Министерството за транспорт и врски, владата ќе ја разгледа информацијата за потреба од доставување на апликации за обезбедување на техничка помош грант средства од Акцискиот програм CONNECTA за проектите: „Изработка на проектна документација и имплементација на Интелигентен транспортен систем на патиштата“ и „Подготовка на проектна документација на ниво на основен проект за поставување на заштитна ограда и сигнализација на патниот Kоридор 10“.
На дневниот ред на седницата ќе се најде и информацијата за предлог за пренамена на средства од Проектот за национални патишта, II фаза за изградба на патните правци Охрид – Пештани и Требеништа – Струга, како и информацијата за сервисирање на долгот за вода и репрограмирање на долгот за вода на Јавната установа од областа на здравството за потребите на ЈЗУ Универзитетски клиники, завод и ургентен центар Скопје.
Агенцијата за Филм на Република Македонија на седницата на владата ќе ја презентира информацијата во врска со проект „Играна серија ‘Македонија’“.
Министрите во владата на оваа седница ќе ја разгледааат и информацијата за листата на документи кои што министерствата согласно закон се обврзани да ги објават на своите веб страни, како и Предлог – програмата за изменување и дополнување на Програмата за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2017 година, што ќе ја презентира Министерството за образование и наука.
На предлог на Министерството за култура, владата ќе ја разгледа информацијата за учеството на македонската делегација на 3-от Министерски Форум за културна соработка меѓу НР Кина и земјите на ЦИЕ во Хангџоу, Кина (процес 16 + 1) и иницијатива за основање на Координативниот центар за културна соработка со седиште во Скопје.
На дневниот ред на владата ќе се најде и предлог – одлуката за престанок на трајно користење на недвижна ствар на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија-Скопје и Предлог Одлуката за престанок и за давање на трајно користење на недвижна ствар на Републичко здружение на децата бегалци и нивните потомци од Егејскиот дел на Македонија Т’га за југ од Скопје.
Министерството за надворешни работи до владата ќе достави предлог за затворање на Почесниот конзулат на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона, со Предлог-одлука, како и предлог за отповикување на Почесниот конзул на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона.
Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија ќе ја разгледа предлог-одлуката за давање на трајно користење на движни ствари (инкубатори) на повеќе клиники во земјата.