Десет отсто од вредноста на банкарската гаранција за сериозност на понудата, но не повеќе од 15.000 денари ќе изнесува висината на трошоците за отуѓување, давање под закуп и засновање право на стварна службеност на градежното земјиште сопственост на Република Македонија, предвидува новата уредба што ја усвои Владата на денешната седница.
Владата го донесе новиот текст на Уредбата по предлог на Министерството за транспорт и врски.
На седницата помина и Информацијата за потребата од фазно финансирање и реализирање на изградбата и инсталацијата на електронскиот систем за наплата на патарини во Република Македонија.
Владата ја усвои и Информацијата за Акцискиот план за Регионалната економска област и за формирање координативно тело за градење и спроведување на Регионалната економска област во Западен Балкан.
Како дел од реформите во јавната администрација, не денешната седница Владата го прифати најновиот Акцискиот план за реорганизација/оптимизација на органите на државната управа, со цел воспоставување развиена кохерентна институционална поставеност на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби од централната власт и го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација во рок од еден месец по усвојувањето на Информацијата да формира меѓуресорска работна група која ќе го координира процесот на реализација на Акцискиот плани на секои три месеци да ја информира Владата за прогресот на активностите.