Владата троши во заминување, дополнителни 79.300 евра за изградба на административниот објект

by fokus

Дополнителни 79.300 евра Владата ќе потроши за доградба на административниот објект во кој ќе бидат сместени јавната администрација и Факултетот за драмски уметности.

На Бирото за јавни набавки денеска осамна анекс кој Служба за општи и заеднички работи на Владата на 5 мај го склучила со фирмата „Гранит“, која го доби основниот договор за изградба, а истиот тежеше над 19,7 милиони евра.

Договорените страни не се обиделе да ја оправдаат потребата од дополнители средства, бидејќи единствено е наведено дека се потребни за набавка на непредвидени работи.

Деновиве на Бирото за јавни набавки можеа да се забележат неколку тендери кои Владата ги склучила пред заминување.

„Фокус“ вчера објави дека Владата, на чело со техничкиот премиер Емил Димитриев, пред само десет дена склучила договор за набавка на цвеќе, за украсување на владината зграда. Поточно, договорот тежок 37.000 евра, кој вчера беше објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки, Службата за општи и заеднички работи на Владата го склучила на 19 мај со цвеќарата ФИОРЕ ТП.

„Набавка на цвеќе и цветни аранжмани, саксиско цвеќе, сезонски расат, надворешни дрвја, саксиско цвеќе за изнајмување, саксии, жардињери и др“, пишува во склучениот договор, каде што е наведено дека услугата е за една година.

Службата за општи и заеднички работи на владата на 23 мај склучила и тендер за набавка на вода, во вредност од 17.600 евра. На овој тендер победила компанијата „Пелистерка АД Скопје“.

На сајтот на Бирото за јавни набавки вчера беше објавен уште еден доделен тендер, односно на 3 мај Службата за општи и заеднички работи на Владата склучила и договор за „набавка, испорака и монтажа на систем за контрола на пристап (хардвер и софтвер), во вредност од 20.300 евра. Поради недостаток на повеќе информации за оваа зделка останува нејасно за точно каква контрола на пристап станува збор и дали таа ќе се однесува за новите членови на влада, или е редовна набавка за одржување на системите.

В.В.

 

Поврзани новости