Откако на Јутјуб се појави снимка на која грчки војници извикуваат дека „сакаат да пијат крв од Турци, Скопјани и Албанци…“ и дека „Света Софија во Стамбол ќе биде грчка“, Владата на Република Македонија преку соопштение се изјасни дека ги презема сите дипломатски чекори за осуда на овој и ваквите слични настани во Грција, кои не придонесуваат за промовирање на добрососедството и духот на соработката.
„Загрижува фактот што вакви недолични и нецивилизирани појави со години се повторуваат во Грција, а јавноста не се сеќава да имало официјално извинување и оградување од властите. Веројатно не им пречи кога Македонци, Албанци или Турци им ги оставаат парите како туристи, а надвор од тоа пеат дека „ќе им ја цицаат крвта“, се вели во соопштението.
Од Владата реагираат што Европската Унија ова го премолчува и толерира, а не би требало.
„Сведоци сме на прекумерни реакции за збиднувања во земјава, но редовно кога станува збор за ваков речник и настапи во Република Грција кои рефлектираат и промовираат насилнички национализам се премолчува. За доброто на европската идејa и вредностите кои таа ги промовира, неопходно е ваквите практики и брутални изблици на најрадикален национализам во државни структури да наидат на најостри осуди“, стои во соопштението.