СДСМ прашува зошто Груевски молчи за петте нови споменици

by Фокус

Ниту Никола Груевски, ниту ВМРО ДПМНЕ, ниту Градот Скопје, ниту пак Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин, не дадоа одговор кој ги платил и кој ги изработил петте споменици кои што ги поставува градот Скопје. Господине Никола Груевски, што значи вашиот молк? Со оглед на тоа што потекнувате од Крушоради каква е вашата улога во донацијата на анонимното здружение на градот Скопје, праша денеска потпретседателот на СДСМ и советник во Градот Скопје Дамјан Манчевски.

– Од извештајот за билансот на состојба на здружението се гледа дека вкупните приходи на ова здружение за 2013 се околу 14.000 евра. Ако имаме во предвид дека донираните споменици се сите по пет метри, излиени од бронза, поставени на бетонски постаменти, се поставува прашањето како може ова анонимно здружение да даде ваква донација? За споредба, ако земеме во предвид дека еден од лавовите излиени од бронза со слични димензии, поставен на мостот Гоце Делчев, според тарифата на Груевски, чинел околу милион и 100 илјади евра, можеме само да претпоставуваме дека овие пет споменици чинат пет пати повеќе. Или уште една споредба. Само хонорарот на авторите за два лава поставени на истиот мост изнесува колку вкупниот годишен приход на анонимното здружение, односно 14 000 евра. Господине Груевски, ајде да не се лажеме. До кога ќе молчите? Ова е веќе случај за Државна комисија за спречување корупција и за Јавното обвинителство – изјави Манчевски.

Поврзани новости