Владата е цврсто решена да ја промени сликата и перцепцијата во борбата против корупцијата, тоа е еден од главните приоритети на „Акција 21 – европски стандарди дома“, велат од Владата откако на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година на „Транспаренси интернешнл“ земјава се најде на 111-тото место заедно со БиХ, Монголија и Панама, што е најлошо рангирање од 2001 година.
„За борба против криминал и корупција потребни се независно обвинителство и независни судски органи. Владата ги обезбеди сите услови за реформа во правосудството и со право очекуваме резултат, односно секој што се огрешил по законот да сноси одговорност. Имаме и решителност, и храброст, и план и знаење како да се справуваме со корупцијата и криминалот. Без разлика што намалувањето на перцепцијата за корупцијата е процес побавен од фактичкото намалување, уверуваме дека ќе се менува перцепцијата кај граѓаните, со секоја следна судска одлука, со секоја следна фаза од прочистувањето кое започна и кое покажува видливи резултати“, велат од Владата.
За алармот кој доаѓа од последниот извештај на „Транспаренси Интернешнл“ сме свесни и укажуваме дека ништо нема да ги поколеба институциите кои стојат во првите борбени редови против корупцијата, порачуваат од Владата.