Иако Владата се повлече од идејата да ја испрати Бесмира Ејупи да биде генерален конзул во Њујорк, сепак, ваквиот обид предизвика силни реакции во јавноста, опозицијата, па и во дел од власта, со оглед дека станува збор за 28-годишна ТВ презентерка, која нема ниту еден ден дипломатско искуство.
Меѓутоа, дипломатско-конзуларното претставништво во еден во друг американски центар со голема македонска дијаспора – Чикаго, веќе една година го раководи млад човек кој има соодветно образование, но, исто така, немал никакво дипломатско искуство пред да биде упатен на оваа функција.
Станува збор за Петрит Муслиу, кој е син на граѓанскиот активист Алберт Муслиу, инаку добро познат лик од телевизиските екрани, каде тој се појавува во својство на политички аналитичар и на коментатор на политичките процеси во земјава.
Официјалните податоци покажуваат дека Муслиу бил избран за конзул во Чикаго на владина седница пред околу една година, кога јавноста не реагираше ни приближно толку бурно како сега, иако, за разлика од сега, тогаш одлуката била донесена на отворена владина седница.
Имено, постапката во рамки на МНР за помладиот Муслиу била почната и завршена кон крајот на 2019 година, кога министер за надворешни работи беше Никола Димитров а премиер Зоран Заев, додека одлуката на Владата беше донесена дури на почетокот на ланската 2021 година, кога шеф на дипломатијата веќе беше Бујар Османи.
Поточно, оваа одлука е донесена на 51-вата владина седница во март лани, кога предлог-одлуката за именување на Муслиу за шеф на Генералниот конзулат на Македонија во САД со седиште во Чикаго била ставена како 73-та точка на дневниот ред, а одлуката објавена во Службен весник покажува дека седницата ја водел првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби.
Инаку, Муслиу е дипломиран правник и магистар по меѓународно право, кој пред да замине во Чикаго бил ангажиран како програмски менаџер и советник во Владата, но дотогаш немал никакво искуство во дипломатијата и/или поврзаност со надворешната политика.
Според Законот за надворешни работи, кандидатот за генерален конзул, во ситуации кога не доаѓа од редот на професионални дипломати од МНР, туку е надворешно лице, како што е во случајов, мора да биде „афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи“.
Што всушност значи афирмирана личност? Како што ни објасни високо рангиран дипломат од МНР, кој инсистираше да остане анонимен, во оваа категорија би влегле универзитетски професори, поранешни државни функционери и други лица со кредибилитет и минат труд. Но, според него, ниту Муслиу ниту Ејупи не се вклопуваат во овој профил.
–Доколку Алберт Муслиу би бил избран, тогаш тој би можело да се вклопи во профилот на афирмирана личност, меѓутоа изборот на неговиот син е спорен, исто како што ќе беше и изборот на Ејупи – коментира нашиот соговорник, посочувајќи дека споменатата законска одредба се крши долги години наназад, но никој не понесува ниту морална, а камоли друг вид на одговорност.
Како што деновиве говореше Османи, станува збор за широка формулација што впрочем значи афирмирана личност. На крајот на краиштата, рече тој, одлуката ја носат министерот и Владата, а за нивната проценка се изјаснуваат граѓаните, веројатно алудирајќи на избори.
Влатко Стојановски