Владата ретерира по острите реакции во Грција за изјавата на премиерот Зоран Заев, кој на првиот ден од собраниската деба за нацрт текстот на уставните амандмани, рече дека Договорот од Преспа создава шанса во Грција да се изучува македонскиот јазик. Од Владата посочуваат дека немаат намера да се мешаат во внатрешните работи на Грција.
Владинит портпарол денеска прочита соопштение од Владата, за да не биде, како што рече, погрешно протолкуван или разбран.
-Влада е силно посветена на целосна имплементација на Преспанскиот договор и сите наши дејствија и изјави се прават со добра волја за да го поддржиме овој Договор. Како земја која се стреми да влезе во ЕУ, имаме целосно разбирање дека земјите се грижат за своите граѓани, а земјите на Балканот не се мешаат во внатрешните работи на соседните земји по било кое прашање. Во оваа насока Владата го нагласува членот 4 став 3 од Преспанскиот договор со кој се обврзуваме да не се мешаме во внатрешните работи на Грција, вклучувајќи ја и заштитата на правата на лица кои не се наши државјани. Во таа смисла се подразбира дека јазичните политики во двете земји не се определени со преспанскиот договор. Владата изразува целосно разбирање и почтување дека ова прашање за тоа кои јазици се изучуваат во Грција е прашање на внатрешни политики и прашање на внатрешни работи на Грција. Премиерот Зоран Заев е целосно посветен на политиките кои ги носат европските вредности и на подобрување на добрососедските односи. Изразуваме жалење доколку некои коментари биле разбрани и протлкувани на погрешен начин – соопшти Бошњаковски.
Вчера остар реакција пристигна и од грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, кој за време на неговата средба со неговиот словенечки колега, Борут Пахор рече дека Грција нема да прифати своеволни толкувања на Преспанскиот договор од страна на владата во Македонија.
-Ние не сме подготвени во пресрет на дефинирањето и пред неговата ратификација да прифатиме толкувања на Договорот од Преспа коишто се своеволни, бидејќи уште ништо не е завршено – изјавил Павлопулос.