Одлуката на Владата потпишана од вицепремиерот Артан Груби за оставање на објектот на некогашното медицинско училиште во Тетово на трајно користење на Катастарот, првиот човек на Тетово Билал Касами ја оценува како политички реваншизам по поразот на ДУИ и СДСМ на последните избори.
Касами вели дека со оваа одлука автоматски и се одземаат ингеренциите на општината над овој објект.
– Оваа одлука е злонамерна тенденција на Груби да им наштети на тетовци и да создава непотребни проблеми, во време кога на образованието во Тетово му треба простор и модернизација. Владата на СДСМ-ДУИ со оваа одлука ги напаѓа тетовци, оневозможувајќи ги да ги имаат потребните простории за нормален наставен процес. Ова е удар и за образовното наследство на Тетово, кога се знае дека оваа зграда со години дава генерации дури и во најтешките и сурови времиња за Тетово – изјави тој.
Касами најави дека ќе ја тужат Владата бидејќи со оваа одлука го прекршила Законот за основно и средно образование.
-Во член 112 став 2 од Законот за средно образование се вели: Сопственоста на училишните објекти и имотот на средните училишта од ставот 1 на овој член општината ја презема со одлука на Владата, и тоа од денот на конституирањето на советите на општините и од изборот на градоначалници на општините. Додека со последната одлука владата Ковачевски-Ахмети не само што го прекрши Законот за образование, туку истовремено не ги признава и одлуките на самата влада – додаде лидерот на БЕСА и тетовски градоначалник.
Од Владата реагираа дека ваквата Одлука е донесена врз основа на барање на Агенцијата за катастар, затоа што досегашните простории не се адекватни за реализација на работните задачи и процедури, имајќи го предвид соодносот на бројот на вработени и просторните услови.
Од таму посочуваат дека во досегашните простории не постојат услови за чување на архивските материјали, катастарските збирки на исправи, катастарската документација, како и другиот архивски материјал и овој материјал бил сместен во подрумските простории на трговскиот центар во Тетово, кои и во изминатиот период неколку пати биле поплавувани.
„Имајќи предвид дека катастарската документација спаѓа во категоријата на архивска граѓа од трајна вредност, треба да се обезбедат простории со соодветни услови кои ќе овозможат заштита и чување на катастарската документација. Дополнително, досегашните просторни услови воопшто не се соодветни за пристап за повозрасните лица како и за лицата со попреченост и инвалидитет што е спротивно на политиката на Владата за да се олесни комуникацијата на институциите со сите граѓани“, се наведува во владината реакција.