Владата позајмува нови 180 милиони долари за Кичево-Охрид, кинески „Синохидро“ лани имал добивка од 23 милиони евра

by Фокус

Пробивање на тунел, широк ископ и санација на свлечишта, изградба на 8 денивелирани патни јазли, односно клучки и еден алтернативен пат од Врбјани до патен јазол Арбиново – ова се непредвидените работи на автопатската делница Кичево-Охрид долга 57 километри, за кои земјава повлече дополнителен заем во износ од скоро 180 милиони американски долари, со што вкупната вредност на овој проект ќе надмине половина милијарда евра.

Како што се наведува во предлог -законот за гаранција на Договорот за заем за дополнително финансирање за проектот меѓу Експорт – импорт банката на Кина и Јавното претпријатие за државни патишта, кој помина на собраниска комисија и се наоѓа надневен ред на утрешната собраниска седница по скратена постапка, досега за овој проект повлечени се над 315 милиони американски долари, а досега пробиени се околу 96 отсто од трасата (пристапни патишта и дел е полн профил на траса).

„Се работи на земјените работи, пропусти, косини и асфалтирано е со прв слој од асфалт во должина од околу 18 километри. Вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 76,65 проценти. Рокот за градба е продолжен до 30.06.2021 година и рокот за повлекување на средства од заемот е продолжен до 31.12.2021 година“, се наведува во предлог законот предложен од владата до парламентот.

Инаку, кинеската државна банка и ги позајмува овие средства на земјава со рок на отплата од 20 години, со вклучен грејс-период од 5 години, така што ќе се отплаќа во 30 еднакви полугодишни рати со фиска каматна стапка во висина од 2 проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.

Воедно, ЈП за државни патишта треба да и плати на Експорт – импорт банката еднократна провизија во износ од 0,25 проценти од износот на заемот или 449.236 долари, а, исто така, ќе има обврска да плаќа и провизија на износот на неповлечени средства од заемот во износ од 0,25 отсто, што значи дека мора редовно да ги повлекува парите за да не плаќа дополнителна камата.

„Со изградба на оваа делница на ниво на автопат, трајно ќе бидат решени посочените проблеми и ќе се обезбеди брз и сигурен сообраќај во текот на целата година. Успешната реализација на овој проект ќе има директно влијание на зголемувањето на вработеноста и економскиот раст во Република Северна Македонија. Населението кое што живее во регионите каде што се изведуваат работите на изградба на автопатот ќе имаат корист од намалување на транспортните трошоци и времето на патување, подобрување на квалитетот на патничкиот и товарниот сообраќај и ќе се создадат значајни можности за вработувања, особено во индустријата за изградба на патишта“, велат од владата.

Како што е познато, овој проект првично се финансираше со заем повлечен во 2014 година од тогашната владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, која се најде на обвинителна клупа бидејќи, според обвинителството, за изведувач бил избран кинески „Синохидро“ по пат на преговори, иако другата кинеска компанија повикана на разговор имала поповолна понуда.

Патем, кинески „Синохидро“, кој се јавува како изведувач и на втората автопатска делница финансирана со кинески средства – Миладиновци-Штип, се најде во групата на Топ-20 компании според висината на остварените приходи и во Топ-5 компании според остварената добивка во 2018 година, кога според специјализираниот сај Аналитика, компанијата остварила приходи во износ од 105 милиони евра и профит од скоро 23 милиони евра.

В.С.

Поврзани новости