Во Владата денеска се одржа состанок на кој се разговараше со сите засегнати страни за настанатата ситуација со водоводот во Синичане, како и да се увиди што презела досега Oпштината Боговиње за решавање на снабдувањето на вода за пиење и наводнување за потребите на локалното население.
„Министерот Нухиу истакна дека присуството на полициските службеници на местото каде почнаа работни активности минатиов период било исклучиво по барање на жители на околните села и проценка на полицијата по изработен оперативен план, со цел да не дојде до посериозно нарушување на јавниот ред и мир. Откако сите засегнати страни имаа можност да ги искажат своите мислења во врска со настанатата ситуацијата околу изградбата на водовод за жителите на Синичане, беше утврдено дека полицијата е добредојдена од сите за одржување на редот и мирот, а беше побарано од градоначалникот на Oпштина Боговиње во текот на утрешниот ден да оствари заедничка средба со претставници од двете села со цел надминување на несогласувањата и изнаоѓање на заедничко решение“, соопштија од владата.
Од таму додаваат дека на средбата било заклучено дека од Општината сè уште не е изготвена потребната проектна документација за изградба на систем за водоснабдување за селото Синичане.