Владата на денешната седница донесе 19 одделни одлуки за доделување финансиски средства на 19 студентски и ученички домови во државата со подмирување на режиски трошоци за вода, електрична енергија, греење, набавки за храна за ученичките и студентските домови заради настанати непредвидливи ситуации од последиците од пандемијата со КОВИД-19, соопшти владината прес-служба.
Во насока на определбата за отстранување на сите ризици по Охридското Езеро и Охридскиот регион, Владата ја разгледа и усвои Информацијата во врска со Проектот за колекторски систем од Радожда до Калишта – Струга и го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за финансии да обезбедат средства и да го вклучат овој проект како приоритетен за 2021 – 2022 година.
Како што информираат од владината прес-служба, Владата денеска ја разгледа и го утврди текстот на Информацијата во врска со склучување на меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Србија, Советот на министри на Република Албанија и Владата на Република Северна Македонија за соработка за подобрување на увозот и транзитот на стоки и на Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан и го овласти премиерот да ги потпише меморандумот и договорот.