Владата одлучи да донира хеликоптери на Украина

by Fokus

На денешната владина седница е донесена одлука да се донираат хеликоптери на Украина. Ова претходно го најави и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која рече дека најверојатно ќе бидат донирани 12 хеликоптери „ми-24“.

„Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за потреба од склучување Протокол за донација на воздухоплови (хеликоптери) помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Украина и ја донесе Одлуката за донација на воздухоплови (хеликоптери) на Министерството за одбрана на Украина. Владата на Република Северна Македонија го разгледа и прифати усогласениот текст на Протоколот за донација на воздухоплови помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Украина“, соопштија од Влада.

Хеликоптерите „ми-24“ што ќе ги донира земјава се од руско производство и се набавени токму од Украина во 2001 година, но за нив уште пред 8 години се истечени ресурсите, односно не се користат поради недостаток на резервни делови и слично.

-Некои од нив се модернизирани – односно два, меѓутоа таа модернизација била приспособена на тие услови тогаш и апсолутно не соодветствува со она што е потребно сега, па дури и ако сакаме да зборуваме за развој на технологиите – изјави Петровска пред неколку дена.

Таа додаде дека борбените хеликоптери ѝ се потребни на украинската армија за изведување различен вид операции и борбени активности во актуелниот контекст и дека таа има капацитет да ги стави во функција.

Поврзани новости