Владата објави јавен повик за директор, конзул и економски промотори

by Фокус

Владата објави јавен повик за четири позиции, меѓу кои директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, генерален конзул на Македонија во Минхен, економски промотор во Шангај и економски промотор во Монтреал, информираше владиниот потпарол Александар Георгиев.

– На јавните повици за овие позиции може да аплицираат сите граѓани кои поседуваат образование и работно искуство, знаења и вештини, идеи и мотивација, и кои се подготвени да придонесат во реализацијата на реформите и проектите во сите општествени сфери – појасни Георгиев.

Тој додаде дека иако оваа можност е отворена за секого, приоритет на владата не е да се обезбеди масовност, туку за овие позиции да аплицираат најквалитетните и најспособните кандидати, кои со своите вештини и знаење ќе придонесат за реализација на целите и интересите.

Претходно, владата објави јавни повици за пријавување на интерес за ангажирање на амбасадори, лица на раководни позиции, советници во Канцеларијата на претседателот на Владата, па и за волонтери во Генералниот владин секретаријат.

Поврзани новости