Владата нема да бара одговорност од директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски за случајот со машините за копање крипто валути, бидејќи согласно Статутот на ГТЦ, директорот одговара пред Собранието на акционери, а не пред Владата.
Ова од Владата го изјавија за „Фокус“ во однос на тоа дали го следат случајот со скандалот со риговите кои беа сместени во магацините на ГТЦ.
Собранието на акционери на Акционерското друштво Градски трговски центар го избира Одборот на директори. Потоа Одборот на директори избира извршен директор на А.Д. ГТЦ. На ваков начин се избира директор на ГТЦ, затоа што станува збор за Акционерско друштво во коешто доминантен сопственик е Јавното претпријатие за стопанисување со деловен простор, велат од Владата.
Тие го повторуваат ставот на МВР дека полицските службеници утврдиле дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена каква било кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик.
Претходно во изјава за „Фокус“ директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски рече дека снимките од риговите кои ги снимија новинарите не покажеле дека машините од некаде влечеле струја.
Инаку, магацинот во кој беа снимени машините, нема броило и своја струја, туку плаќа само за сијалично осветлување кое е дел од надоместокот за закупот.
К.С.Б.
ФОТО: ТВ 21