ЕБОР не се откажува од Бас рапид транзитот

by fokus

Трамвајот на тркала, или како што му е оригиналното име Bus Rapid Transit (БРТ), може да стане само желба на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Новата градоначалничка, Данела Арсовска, уште на првиот брифинг со новинарите децидно кажа дека БРТ нема да има, бидејќи победил нејзиниот концепт, бесплатниот автобуски превоз.

Таа  цврсто застана зад ставот тој став, но рече дека ќе има состаноци со претставниците на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) бидејќи во април годинава беше потпишан договор за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.

„Фокус“ стапи во контакт и со ЕБОР, од каде што потврдија дека имале воведен состанок со новата градоначалничка. Одговорот нема конкретни и децидни информации дали овој проект ќе продолжи или не, но од она што може да се протолкува се чини дека ЕБОР не се откажува од Бас рапид транзитот.

Ќе ги продолжиме разговорите со градоначалничката за програмата Зелени градови на ЕБОР и нејзината реализација во Северна Македонија. Неодамна, банката двојно го зголеми износот на програмата Зелени градови, од 2 милијарди евра на 4 милијарди евра, како знак за силна определба дека справувањето со урбаните еколошки предизвици во земјите каде што имаме активности е клучен приоритет на ЕБОР.

Очекуваме ова зголемено алоцирање средства да отвори нови можности за сите градови-членки на програмата Зелени градови, која во моментов брои 52 града, се вели во одговорот што од ЕБОР го испратија за „Фокус“.

Понатаму во одговорот од ЕБОР го споменуваат акцискиот план на зелени градови за Скопје, а токму во овој акциски план, меѓу приоритетите, е воведувањето БРТ.

Тоа ја вклучува и можноста за справување со стратешките цели и приоритети кои се идентификувани во Акцискиот план на зелени градови за Скопје. Заедно со Градот ќе продолжиме да се ангажираме во имплементацијата на приоритетите идентификувани во Акцискиот план на зелени градови, додаваат од ЕБОР.

Ако се погледне Акцискиот план на зелени градови за Скопје во делот подобрување на квалитетот на јавниот превоз и инфраструктура стои воведување на БРТ систем со подобрена автобуска инфраструктура.

Арсовска не донела се уште конечна одлука за БРТ превозот, па и институциите и сите вклучени во проектот немаат конечен одговор за кредитот од 70 милиони евра.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Поврзани новости