Владата не сака новинарите да поставуваат прашања!

by Фокус

Разговара: Мери ЈОРДАНОВСКА

Со оглед на импозантната биографија на британскиот новинар и експерт за медиуми на Хакерби, ни претставуваше вистинска чест да разговараме со него. Преку уредничките места во британските „Обсервер“ и „Тајмс“, до тренинзи за новинари и институции во Србија, Африка, Кина, Јужна Азија и на Блискиот Исток, тој се обидува да ги зголеми професионалните стандарди во медиумите. Во земјава е дојден преку Европската Унија, за проект кој се спроведува заеднички со Транспарени – Интернешнл Македонија. Во разговорот Хакерби потенцира дека неговите ставови не мора нужно да ги рефлектираат ставовите на ЕУ и дека станува збор за негови првични впечатоци за медиумската состојба во земјава.

ФОКУС: Првпат ли доаѓате во Македонија?

ХАКЕРБИ: Не, бев тука во 2006 година, на една друга програма од Европската унија за обука на новинари. Програмата беше за толеранција, односно за охрабрување на младите да бидат потолерантни кон другиите групи во општеството.

ФОКУС: Изменет ли ви е впечатокот оттогаш до сега?

ХАКЕРБИ: Јас отсекогаш сум бил импресиониран од Македонија, бидејќи работев и како уредник и се занимавав со настаните од бивша Југославија. Сметав дека е импозантно тоа што Македонија ги избегна конфликтите со кои се соочија другите. Беа доволно мудри да ги научат лекциите од другите бивши Југословенски републики.

ФОКУС: Имаше конфликт во 2001 година…

ХАКЕРБИ: Да, но во споредба со другите држави тоа беше мал конфликт во кој се препозна заканата и се постигна договор. Ако се продолжеше конфликтот, ќе се случеше катастрофа. Вие бевте доволно паметни да не го продолжите.

Така што уживам во мојот престој тука. Но, сега доаѓам во земја која гледам дека доста се изменила. Имате доста импресивни градби и претерано многу споменици. Слободата на говорот ми изгледа дека е многу поограничена. Многу медиуми се затвориле за ова време, многу новинари останале без работа и очигледно дека има проблем во оваа сфера. Кога ги гледам извештаите на меѓународните институции кои се бават со слобода на говорот уште повеќе ми се потврдува тезата.

ФОКУС: Сте работеле во многу држави, зошто мислите дека тоа се случува?

ХАКЕРБИ: Сум патувал во Африка, Јужна Азија, Кина… И сето тоа е толку типично – власта сака да ги поседува медиумите. Ако сакаат, можат и има начин како да го направат тоа. Не мислам дека Македонија е многу различна од останатите. Владата мисли дека е во право и дека е сосема нормално да ги контролира работите и не сака медиумите да поставуваат прашања.

ФОКУС: Во кои земји сте наишле на вакви примери?

ХАКЕРБИ: Во многу! Кина е одличен пример, Русија е иста. Во Судан, каде што работев минатиот месец е слично. Таму постојано се затвораат медиуми. Македонија не е исклучок, но тоа не значи дека оваа состојба треба да се игнорира.

ФОКУС: А ако направиме споредба со европските држави?

ХАКЕРБИ: Тие се посреќни, имале подолг развој. Македонија од неодамна има контролирани медиуми. И мора да се поместите од тој систем на контролирани кон слободни медиуми. Тоа е многу тешко, бидејќи ентузијазмот на власта е да остане на власт и таа тешко ќе се откаже од тенденцијата да контролира. Институциите не се научени да трпат критика, секогаш мислат дека се во право. Така што тука гледам систем кој навидум изгледа демократски, но од она што го слушам од луѓето, тој систем е многу контролиран. Ова, според мое мислење е контролирана демократија. Тука не зборувам во име на ЕУ или на Транспаренси Интернешнл. Работам со нив, но ова се мои ставови, јас сум независен консултант.

ФОКУС: Што правите сега во Македонија?

ХАКЕРБИ: Доаѓаме со поддршка за независните медиуми. Идејата е да обезбедиме асистенција за да се работи поефективно. Може да биде во насока на соработка со цивилниот сектор, соработка меѓу независните медиуми, новинарите да работат според меѓународни стандарди. Ако се работи критичко новинарство, тоа треба да биде засновано на сигурни извори. За на крајот на денот читателот да сфати дека критичкиот текст располага со вистина. Многу е важно читателот да верува во објавената сторија.

ФОКУС: Ќе ви кажам нешто искрено. Кога ова интервју ќе го прочитаат провладините медиуми, најверојатно ќе речат: „Што прави овој странец тука, тој ли ќе го оправа новинарството во Македонија?“ Тоа го прават редовно кога ќе излезе и грант за поддршка на истражувачки новинари или кога меѓународната заедница ќе испрати критики за состојбата со медумите…

ХАКЕРБИ: Не е до мене, туку до ЕУ. Унијата оценува дека состојбата со медиумите е дискутабилна и дека ситуацијата оди надолу наместо нагоре. Тие сакаат да ги подигнат стандардите во медиумите и слободата на говорот според европските стандарди. Тоа го прави ЕУ, осигурување дека некои стандарди мора да се почитуваат. Европската унија не го бара ова само во делот за медиумите туку и за безбедноста на храната, здравството, транспортот. Слободата на медиумите тука не е нешто што одговара со основните прифатени стандарди во Европа. Ете, толку е едноставно. Не сум тука дојден да ја критикувам Македонија, но формалната позиција на европските институции е дека државата не ги задоволува ни најниските стандарди кога станува збор за слободата на медиумите.

Јас со задоволство би ги учел и новинарите од провладините медиуми како да се известува за да се задоволат основните стандарди, но сега сум дојден за друг проект. Еве во Африка правам нешто слично со владините институции – држам тренинзи за тоа каков треба да им биде односот кон новинарите и јавноста, како да ги презентираат фактите и документите што ги поседуваат.

ФОКУС: Како ви се допаѓаат спомениците во Скопје?

ХАКЕРБИ: Искрено, не ми се допаѓаат воопшто. Премногу се. Некои ми лчичат добро, но некои ми се смешни. Како на пример мостот кој води кон финансиската полиција. На тоа многу се смеев…. „толку ја цениме уметноста, но таа не води кон полицијата“. Каква е таа иронија?! Не разбирам, потрошени се толку пари, но прашањето што ми останува да виси е што се добива од сето тоа?!

 

Поврзани новости